Мундијал 2026 | Група Д: Турција никогаш посилна, „Јенките“ посакуваат успех пред своите навивачи
Светското фудбалско првенство започнува на 11 јуни кога содомаќинот Мексико ќе игра против Јужна Африка во првиот натпревар на турнирот. Од денеска па се до почетокот на првенството ќе ви ги претставиме сите 48 учесника кои се распоредени во 12 групи.
Препорачано
Мундијал 2026 | Група А: Четири различни континенти и стилови на игра на едно место
ГРУПА Ц-САД,ПАРАГВАЈ,АВСТРАЛИЈА,ТУРЦИЈА
СОЕДИНЕТИТЕ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ
Најдобри пласмани: Трети (1930)
Учества: 12
Рангирање на ФИФА: 16
САД се редовни учесници на Светските првенства, особено во последните две децении. Како содомаќини, секој натпревар од групата ќе биде како финале за Американците. Овој состав има задача да го стигне тимот од 1994 година кога САД последен пат беа домаќини на мундијал. Тој тим беше елиминиран во осминафиналето, што е најдобриот пласман на САД во модерната ера, по нивното трето место на првото СП во 1930 година. Осминафиналето е местото каде што САД завршија и на последното издание во Катар пред четири години. Поранешниот напаѓач на Милан и Челзи и Борусија Дортмунд Кристијан Пулишиќ, играчите од средниот ред Вестон Мекени (Јувентус) и Тајлер Адамс (Борнмут) се познати имиња. Тука се и левиот бек на Фулам Антони Робинсон, напаѓачот на Монако Фоларин Балогун и играчот на Баер Леверкузен Малик Тилман. Селектор е искусниот Аргентинец, поранешен тренер на Челзи, ПСЖ и Тотенхем, Маурисио Почетино.
ПАРАГВАЈ
Најдобри пласмани: Четвртфинале (2010)
Учества: Девет
Рангирање на ФИФА: 40
Овој настап ќе го означи враќањето на Парагвај на светските првенства, првпат од 2010 година, кога стигнаа до четвртфиналето. Во квалификациите Парагвајците станаа препознатливи по својот физички стил под водство на Аргентинецот Густаво Алфаро, кој претходно го предводеше Еквадор до Светското првенство во 2022 година. Парагвај се соочува со САД во нивниот прв натпревар, репрезнетација од која загубија четири од последните шест натпревари. Напаѓачот Хулио Енсисо (Брајтон и Хоув Албион), крилниот напаѓач Мигел Алмирон (Атланта Антајд) и дефанзивецот Густаво Гомез (Памеирас, Бразил) ќе бидат клучни играчи во обидот Јужноамериканците да го повторат својот најдобар резултат од пред 16 години.
Мундијал 2026 | Група Б: Швајцарците се најголеми фаворити, Kанада ќе го носи товарот на очекувањата
АВСТРАЛИЈА
Најдобри пласмани: Осминафинале (2006, 2022)
Учества: Седум
Рангирање на ФИФА: 27
Австралијците се аутсајдери во групата, но тие се комбинација која може да направи изненадување. Ова е седми настап на Австралија на СП, односно шести во низа. Минатиот пат во Катар, Автралија стигна до осминафиналето каде тесно загуби со 2-1 од шампионот Аргентина. Централниот играч од средниот ред на бундеслигашкиот тим ФК Сент Паули, Џексон Ирвин, и голманот Метју Рајан од Леванте во Ла Лига, заедно со талентираниот Алесандро Чиркати (Парма), крилниот напаѓач Гаранг Куол (Спарта Прага), напаѓачот Мохамед Туре (Норич Сити), дефанзивецот Каи Тревин (Њујорк Сити) и играчот од средниот ред Макс Балард (Бреда), ѝ даваат на Австралија талент, искуство и длабочина во обидот да стигне до четвртфиналето, првпат.
ТУРЦИЈА
Најдобри пласмани: Трето место (2002)
Учества: Три
Рангирање на ФИФА: 22
Турција покажува сила подолго време, а имаше значајни мундијалски моменти, особено третото место на СП 2002 година. Ова е прв мундијалски настап на Турција по 24 години, а ќе и биде големо охрабрување што жестоко се бореше за да го заработи своето место преку тешки квалификации во кои заврши втора во Групата Е зад Шпанија, а потоа ги победи Романија и Косово во плејофот.Италијанскиот тренер Винченцо Монтела, 51 има многу искуство, откако успешно ги водеше Фиорентина, Милан, Севиља. Со Турција, покрај тоа се избори за враќање на светските првенства, Монтела стигна до четвртфиналето на Евро 2024 и има просек од 66 отсто победи. „Ѕвездите на полумесечината“ играат напаѓачки стил базиран на посед на топката, со играчи како напаѓачот на Реал Мадрид, Арда Ѓулер во преден план. Други ѕвездени играчи се крилото на Јувентус, Кенан Јилдиз, играчот од средниот ред на Интер Хакан Чалханоглу и дефанзивецот на Брајтон Ферди Кадиоглу.
Мундијал 2026 | Група Ц: Бразил секогаш е меѓу фаворитите за титулата, Мароко сонува ново чудо


