Студенти месецов пак останаа без пари за оброк, Факултетот за безбедност и МОН си ја префрлаат вината
Додека „Студентарија“ реагира дека на секој од засегнатите студенти овој месец му се одземени по 3.640 денари, кои им се важни за секојднавната исхрана, Факултетот за безбедност чека на исплата од Министерството за образование, а оттаму, пак, велат дека парите не се пратени бидејќи факултетот не испратил навреме податоци.
Овој месец, на стотици студенти во државата неосновано им беше прекинато правото на субвенциониран студентски оброк, при што најголем дел од погодените овој пат се од Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Препорачано
Ова го објави платформата „Студентарија“ за најновите проблеми на студентите, кои не добиле пари за оброк бидејќи „не се редовни студенти“, иако, како што тврдат, уредно го имаат овој статус и ги исполнуваат законските услови.
„Причината за настанатиот проблем е тоа што факултетот не доставил навремено ажурирани податоци за редовните студенти до Министерството за образование и наука – обврска која високообразовните установи ја имаат секој месец. Како последица на тоа, на студентите автоматски им е прекинато правото на субвенциониран студентски оброк“, објави „Студентарија“.
View this post on Instagram
Дополнително, за платформата загрижува тоа што факултетот подоцна доставил ажурирани листи со студенти кои ги исполнуваат условите, а ресорното министерство не прифаќа ажурирање на податоците за тековниот месец. Со тоа, велат оттаму, студентите остануваат без пари кои законски им следуваат, без притоа да имаат каква било вина за настанатата состојба.
„На секој од засегнатите студенти овој месец му се одземени по 3.640 денари (26 дена по 140 денари) – средства кои за многу од нив претставуваат значајна поддршка за покривање на секојдневните трошоци за исхрана“, посочуваат од „Студентарија“.
Редовни административни пропусти
Платформата додава дека ова не е првпат студентите да бидат извисени поради администативни пропусти на институциите, туку се случува „речиси секој месец од почетокот на академската година“.
„На крајот, последиците секогаш ги трпат студентите. Само оваа година им се одземани милиони денари кои останаа во државниот буџет“, констатираат од „Студентарија“.
Дека не им се исплатени парите, за „Слободен печат“ потврдува и Антонио Петковски, претседател на Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Климент Охридски” (УКЛО).
„Можеби треба да се најде нов механизам за ‘редовност’ на студентите? Грешки се прават од институциите, но, не е во ред студентите да патат, не е по нивна вина. Тоа се средства што навистина им значат“, посочува Петковски.
Студентите ги чекаат институциите, а факултетот и МОН се чекаат меѓусебно
Реагирало и Студентското собрание од Факултет за безбедност. Она што дознавме, е дека по нивните реакции потоа и самиот факултет испратил допис до МОН, барајќи министерството „да ја разгледа доставената листа на студенти и да преземе активности за одобрување на исплатата“.

„Ненавремената исплата би можела да предизвика директна финансиска штета и да ги стави студентите во нерамноправна положба […] Убедени сме дека ќе покажете разбирање по ова прашање и ќе овозможите студентите да го остварат своето законски загарантирано право, без оддолжување“, стои во дописот на факултетот до МОН.
Од МОН, пак, грешката ја упатуваат во самиот факултет, посочувајќи дека не се адресата на која треба да се бара вината за исплатата.
„МОН исплаќа средства за субвенциониран студентски оброк на сите студенти за кои ќе добие податоци од факултетите каде студираат, најдоцна до 20-ти во месецот, за што доставуваме и писмен допис – потсетување за достава на податоците. Факултетот за безбедност при УКЛО нема доставено податоци за студентите и оттука, тие не се опфатени со тековната исплата“, соопштија од МОН за „Слободен печат“.


