Фото: Instagram

МОН и УЈП да разграничат „приход“ од „прилив“ при исплата на студентски оброк, бара Националното студентско тело

Националното студентско тело испрати барање до Министерството за образование (МОН) и наука и Управата за јавни приходи (УЈП), за разграничување на поимот „приходи“ од „прилив“, при исплатата на субвенционираниот студентски оброк.

– Со ова барање се укажува на потребата институциите да направат јасна разлика меѓу реален приход и прилив на средства на студентските сметки со цел да се спречи неправедното одбивање на студенти од користење на оваа мерка – велат од Националното студентско тело.

Оттаму наведуваат дека согласно Законот за субвенциониран студентски оброк, корисници на правото на субвенциониран студентски оброк се редовни студенти запишани на прв циклус, односно втор циклус на студии, како и на интегрирани студии на државните и приватните универзитети во Републиката, државјани на Република Северна Македонија и кои немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната нето-плата во Републиката за тековната година.

– Во пракса, при обработка на пријавите за користење на оваа мерка, се појавува проблем во толкувањето и примената на поимот „приход“, бидејќи институциите користат податоци за „приливи“ на средствата на трансакциските сметки на студентите, без да се направи јасно разграничување меѓу овие два поими. Како резултат на тоа, одреден број студенти се одбиваат од користење на оваа мерка затоа што имале приливи (на пример, семејни парични трансфери, уплати за кирија, студентски надоместоци или други нефискални средства), кои не претставуваат реален приход во смисла на остварен приход по основ на работа, договор или деловна активност – се вели во барањето.

Националното студентско тело во барањето наведува примери од праксата и се осврнува на правната и фискалната аргументација.

– Националното студентско тело бара од Управата за јавни приходи (УЈП) при доставување на податоци до Министерството за образование и наука да врши разграничување на приходите од приливите, односно: да ги евидентира и испраќа само оние средства кои се остварени под шифри на доход што претставуваат реален приход, како што се: плата, хонорар, самостојна дејност и други облици на остварен приход, а не и податоци за приливи по други основи, кои претставуваат нефискални трансакции или парични трансфери меѓу физички лица – се наведува во барањето.

Во поднесеното барање апелираат МОН при обработка на пријавите за субвенциониран студентски оброк да ја зема предвид оваа разлика и да ја усогласи методологијата за проверка на примањата со реалната дефиниција на поимот „приход“ од Законот.

– Ова барање има за цел да обезбеди еднаква и правична примена на Законот, со што нема да се дискриминираат студенти кои не остваруваат реален приход, туку добиваат семејна или нефискална финансиска поддршка – се вели во соопштението од Националното студентско тело.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот