Ериксен се огласи откако по вторпат колабираше: Ова не беше исто како во 2021 година
Данскиот фудбалер Кристијан Ериксен се огласи по драматичните сцени на пријателскиот натпревар меѓу Данска и Украина, кога колабираше на теренот и предизвика голема загриженост кај соиграчите, навивачите и спортската јавност.
Препорачано
Ериксен падна на тревата во 65. минута од натпреварот во Оденсе, по што мечот беше прекинат при водство на Данска од 2:1, а подоцна и целосно откажан. Ова е втор ваков инцидент во неговата кариера, откако во 2021 година доживеа срцев застој за време на Европското првенство.
Сепак, добрата вест е што искусниот играч брзо дојде при свест и самостојно го напушти теренот пред да биде пренесен во болница на дополнителни прегледи.
Подоцна Ериксен преку социјалните мрежи информираше дека е пуштен на домашно лекување и дека се чувствува добро. Тој објасни дека овој случај бил различен од оној во 2021 година и дека бил предизвикан од активирање на вградениот уред кој го носи по срцевите проблеми од минатото.
„Сакам сите да знаат дека сум добро и дека сум дома со моето семејство. Како што можете да замислите, шокот што го добив од мојот вграден дефибрилатор силно влијаеше врз мене и моето семејство, но сакам да порачам дека ова беше поинаква ситуација од онаа во 2021 година Се чувствувам добро и моето закрепнување веќе започна. Освен што сум благодарен за поддршката и помошта од играчите и медицинскиот тим на теренот, неизмерно сум благодарен и на лекарите кои со години се грижат за мене и за моето срце. Благодарение на нивната стручност, мојот уред го направи токму она за што е создаден, да ме заштити кога е најпотребно“, додаде данскиот фудбалер.
На крајот порача дека во наредниот период ќе биде фокусиран на закрепнувањето, времето поминато со семејството, одморот и дружењето со своите деца.
Ужасни сцени во Данска: Ериксен колабираше на теренот, натпреварот против Украина прекинат


