Македонскиот капитен доминира на стартот: Никола Ѓоргиев е најдобар поентер во Европската лига 2026
Капитенот на македонската репрезентација е на врвот на листите на најуспешни поентери и на најуспешни смечери во конкуренција на играчи од 27 репрезентации, по првата фаза на Европската лига. Македонија на ЕЛ 2026 стартуваше со пораз од Холандија и со победа над Луксембург
Македонската репрезентација ја започна Европската лига со еден пораз и една победа, како што беше очекувано, а овие два меча покажаа уште еднаш колку е важна улогата на капитенот Никола Ѓоргиев во нашиот тим.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
По првата фаза во ЕЛ, Никола Ѓоргиев е, според статистиката на целото натпреварување, најдобар поентер во конкуренција на играчи од 27 репрезентации.
Ѓоргиев вкупно постигна 42 поени во поразот од Холандија и во победата над Луксембург, што го става на првото место на поентери, пред Холанѓанецот Сил Метијс (40) и Шпанецот Хорди Рамон Ферагут (38)… На листата има 244 имиња.
Капитенот на Македонија е на првото место и на листата на најуспешни смечери, бидејќи од смеч постигнал 34 од своите вкупно 42 поени. И на таа листа, зад Ѓоргиев, се Метијс и Рамон Ферагут, кои во два дуели постигнале по 31 поен од смеч.
Никола Ѓоргиев во поразот со Холандија постигна 12 поени, а во победата над Луксембург 30 поени. Капитенот на црвено-жолтите и покрај својата поодмината спортска возраст (38) и покрај тоа што имаше напорна клупска сезона во која ја освои титулата во Чешка во дресот на Карловарско, наоѓа начин да го даде максимумот во дресот на Македонија, како што секогаш правел.
Во топ 10 од листите за индивидуално рангирање од македонскиот тим е уште блокерот Филип Савовски, кој е распореден од второто до седмото место на играчи кои реализирале седум успешни блока во два меча.
Македонија во првиот дуел од Европската лига на турнирот што се играше во Струмица изгуби од Холандија со 0-3 (19-25, 21-25, 21-25), а во вториот меч што исто така се играше во салата „Парк“ во Струмица, го совлада Луксембург со 3-1 (23-25, 25-21, 25-20, 25-13).


