Ќе има ли кај Тухел место во почетниот тим на Англија за една од најголемите ѕвезди?
Селекторот на англиската фудбалска репрезентација Томас Тухел инсистира дека ѕвездата на средниот ред Џуд Белингем и понатаму мора да се бори за своето место во почетниот состав пред Светското првенство и покрај тоа што се смета за еден од најважните играчи во националниот тим.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Иако до почетокот на турнирот остануваат само уште неколку дена, изјавите и одлуките на Тухел отвораат бројни прашања околу статусот на фудбалерот на Реал Мадрид.
Тој потврди дека Белингем и понатаму е во конкуренција за стартната постава пред стартот на Мундијалот кој на 11 јуни започнува во САД, Мексико и Канада.
„Улогите секогаш можат да се променат, но во моментов имаме 14 или 15 играчи кои конкурираат за првиот тим, а Џуд е еден од нив“, изјави Тухел.
Се шпекулира дека поранешниот тренер на Баерн Минхен и Борусија Дортмунд има прилично затегнат однос со Белингем.
Откако Тухел ја презеде клупата во јануари 2025 година, 22-годишниот фудбалер има започнато само четири натпревари, додека трипати влегувал од клупата за резерви. Селекторот почесто се потпираше на Морган Роџерс од Астон вила, кој настапи на 12 од 13 натпревари под негово водство.
За споредба, кај претходниот селектор Герет Саутгејт, Белингем беше стандарден првотимец и на Европското првенство 2024 година пропушти само 29 минути во седум натпревари.
По пријателскиот пораз од Сенегал со 1:3 во јуни 2025 година, Тухел го опиша однесувањето на Белингем на теренот како „одбивно“, иако подоцна се извини.
Во ноември селекторот изјави дека ќе го „преиспита“ неговото однесување откако го замени во квалификациски натпревар против Албанија, кој Англија го доби со 2:0.
Во претпоследниот подготвителен натпревар пред Светското првенство, во победата од 1:0 над Нов Зеланд, Белингем ја носеше и капитенската лента откако влезе на полувреме, а Тухел тука имаше пофални зборови за него.
„Се гледа дека Џуд има одлучност и храброст“, изјави тој, додавајќи дека фудбалерот бил полн со енергија и во одлична форма.
Останува да видиме колку Тухел ќе го користи Белингем на Мундијалот кој за Англија почнува на 17 јуни и тоа со дерби против Хрватска, а потоа ќе игра против Гана на 23 јуни и Панама на 27 јуни.
Опасни змии ги вознемирија Швајцарците, размислуваат за промена на базата во САД
Пукање пред хотелот на англиската репрезентација, повредени се девет лица
Њујорк под закана на голем хаос: Франција и Сенегал може да играат во ист ден со финалето од НБА


