Џадери, Гаши Фото: Методи Здравев/Слободен печат

И Гаши како Џафери му даде предност на албанскиот пред македонскиот јазик

На презентацијата на собранискиот спикер не му дојде ниту еден опозициски пратеник иако, како што тој рече, на последната координација ги поканил сите пратеници.

Претседателот на Собранието Африм Гаши, по урнек на претходниот претседател на законодавниот дом Талат Џафери, презентираше извештај за сработеното во изминатите две години од мандатот и исто како и Џафери, на публикацијата прв јазик е албанскиот, а потоа македонскиот јазик, иако според законот македонскиот треба да има приоритет кога станува збор за државните органи и за функционерите.
На презентацијата на отчетот не му дојде ниту еден опозициски пратеник, иако, како што рече, на последната координација со координаторите на пратеничките групи ги поканил сите пратеници.

Помалку седници – повеќе законски измени, ама од формален карактер

Гаши се пофали дека на помалку одржани седници донеле повеќе закони, за разлика од претходниот собраниски состав што алудира на тоа дека биле поштедливи кога станува збор за тоа колку чини една пленарна седница. Не кажа дека многу од законите претрпеа измени само во делот на уставното име, односно Република Македонија се смени со Република Северна Македонија.

Пратеници Фото: Драган Митрески/Слободен печат

Така, од мај 2024 година до мај 2026 година се одржани вкупно 196 седници, додека претходниот парламентарен состав за четири години одржал 618 седници.
Актуелниот собраниски состав за две години донел 710 акти на помалку седници во споредба со 984 акти што ги донел претходниот состав. Според публикацијата, ова значи дека актуелниот собраниски состав има значително поголема ефикасност, односно донесол повеќе закони.
Во отчетот е наведено и дека актуелниот состав бил значително активен во делот на пратеничките прашања. Во 2024 година имало само 12 пратенички прашања, 99 во 2025 година, а 196 прашања до мај 2026 година. Според публикацијата, ова значи дека е зголемен институционалниот притисок врз Владата за нејзина поголема транспарентност и отчетност. Сепак, зголемениот број пратенички прашања се должи на институтот опозициски пратенички прашања, кој почна да функционира во актуелниот собраниски состав. Од мај 2024 година до мај 2026 година имало 29 седници за пратенички прашања, од кои 16 редовни и 13 седници за опозициски пратенички прашања.

Актуелниот собраниски состав е рекордер и по бројот на интерпелации што, пак, значи дека опозицијата е незадоволна од работата на Владата и на министрите. Во 2024 година имало шест интерпелации, во 2025 година осум, додека утре ќе биде првата интерпелација за годинава, на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски. Во претходниот мандат имало вкупно пет интерпелации.

Африм Гаши Фото: Драган Митрески/Слободен печат

Гаши: Мојата визија е Собранието да биде дом за сите

Според власта, ова значи дека се зголемила надзорната улога на Собранието кон извршната власт.

– Јавните функции не се мерат со моќта што ја носат, туку со одговорноста. Презентацијата на сработеното е израз на отчетност пред граѓаните. Оваа функција е голем товар и одговорност, како и сериозна обврска кон очекувањата на граѓаните што гласале, како и пратениците што ме избрале. Демократиите во светот се соочуваат со предизвици. Граѓаните бараат поголема одговорност и достоинство. Трпение, дијалог, визија и одговорност бара раководењето со Собранието. Во текот на овие две години се обидував секој мој ангажман да биде во функција на зајакнување на Собранието. Уште од првиот ден мојата визија беше јасна: Собранието – дом за сите. Собрание што го олицетворува институционалното достоинство, што го штити плурализмот, што го зајакнува консензусот за стратешките прашања и што дејствува одговорно кон европските аспирации на државата. Се разбира, две години не се доволни за да се исполнат сите цели. Пред нас има уште многу работа, уште многу реформи што треба да се продлабочат и уште многу очекувања на граѓаните што треба да се исполнат. Но, цврсто верувам дека поставивме стабилни темели врз кои можеме да продолжиме да градиме – рече Гаши.

Пратеници Фото: Драган Митрески/ Слободен печат

Тој истакна дека Собранието било поактивно од кога било на меѓународен план и дека ја зајакнале позицијата на парламентот на меѓународната сцена.
На новинарско прашање дека опозицијата се спротивстави законот за правична застапеност да се носи со „мал Бадентер“ и дали е можно тој да се гласа со „голем Бадентер“, Гаши рече дека постапката за законот е почната и дека ќе се почитува одлуката на мнозинството.

– Прво, не беше предвидено законот да се носи со Бадентерово мнозинство, но беше волја на мнозинството да заседава Комитетот за меѓуетнички односи и законот да се гласа со Бадентер. На 10 јуни имаме пленарна седница за прво читање на законот и како ќе одлучи мнозинството, така ќе биде. Мислам дека се прави позитивен чекор. Јас гласав во 2018 година за Законот за јазиците. Не разбирам зошто опозицијата не гласа. Ако треба да се подобри законот, ќе се отвори тоа прашање. Времето е тест за секој закон. Подобро е да има закон отколку воопшто да нема – рече Гаши.

Тој ја повика опозицијата да дебатираат за законот, да го подобрат со предлози, но не да го блокираат затоа што така нема да дојдат до подобро решение.
Прашан дали помалку одржани седници на кои се донесени повеќе закони е рецепт за штедење на Собранието, претседателот одговори дека се обидуваат да работат на најрационален начин. За отсуството на опозициските пратеници на отчетот за сработеното, Гаши рече дека секогаш се трудел да биде инклузивен, но дека отсуството на опозицијата е нивна одлука што тој ја почитува.

Африм Гаши Фото: Драган Митрески/Слободен печат

Уставен судија ќе се бира кога Судскиот совет ќе испрати претставник

Претседателот на Собранието Гаши негира дека Собранието тактизира со комплетирање на Уставниот суд што, пак, ја пролонгира седницата на Судот за Законот за јазиците, за кој претседателот на Судот Дарко Костадиновски рече дека поради чувствителноста на прашањето ќе одлучуваат кога Уставен ќе биде во целосен состав. Иако досега изборот на член на Уставниот суд двапати беше тргнат од дневен ред, Гаши тврди дека зад тоа нема заднина, туку дека Собранието не расправало, бидејќи не присуствувал претставник од Судскиот совет за да го образложи предлогот.

– За секоја точка потребно е присуството на предлагачот и ние чекаме да се обезбеди присуството на претставник на Судскиот совет, бидејќи во случајов тој е предлагач на новиот кандидат за уставен судија – рече Гаши.

Судскиот совет неодамна ја предложи претседателката на Апелацискиот суд Мери Дика за нова уставна судијка. Таа треба да дојде на местото на Елизабета Дуковска, која беше разрешена од уставна судијка со одлука на Управниот суд.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот