Дуа Липа - Фото: Arturo Holmes / Getty images / Profimedia

Од Тикток до Дуа Липа — зошто сите одеднаш се опседнати со книги?

По ерата на велнесот, „клин герл“ естетиката (популарен тренд на социјалните мрежи што промовира минималистички, уреден и природен изглед) и совршено испеглани профили на Инстаграм, во преден план полека доаѓа нешто друго – интелектот. Со други зборови, се чини дека да се биде паметен е повторно секси.

А еден од главните идоли станува „книжевната трендсетерка“, односно личност која не само што изгледа добро, туку и чита, размислува, препорачува книги и знае да објасни зошто нешто ѝ се допаѓа.

Од селебрити книжевни клубови до Тикток трендови за тоа како да станете „безобразно образовани“, сè повеќе содржини се вртат околу книгите, философијата, пишувањето и промислувањето на светот. Дуа Липа и Каја Гербер имаат свои книжевни клубови, Чарли Икс-Си-Икс (Charli XCX) и Трој Сиван отворија свои профили на „сабстек“ (платформа за објавување статии, есеи и други содржини директно до читателите преку е-пошта и веб-страница), а Ема Чемберлен во својот поткаст сè почесто навлегува во теми кои звучат како почеток на студентска дебата по философија.

Ѕвезди со книга во рака

Сè повеќе пејачи, актери и модели денес без проблем се фотографираат со книга во рака. Читањето, кое до неодамна главно се поврзуваше со нешто интимно и малку осаменичко, сега се претвора во тренд кој со задоволство се покажува јавно.

Канадската пејачка Шарлот Карден на Инстаграм често ги споделува книгите што ги чита на турнеја, а Џејкоб Елорди неодамна беше снимен како на аеродром избира четиво за пат. Пораката е прилично јасна, книгата веќе не е само предмет за на ноќната масичка, туку и моден додаток, статусен симбол и доказ дека имате некаков вкус.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Charlotte Cardin (@charlottecardin)

Со други зборови, читањето е повторно во мода.

Книжевните клубови станаа „кул“

Голема улога во ова имаат книжевните клубови. Тие го претворија читањето во друштвена активност, нешто за што се разговара, се пишува и се споделува на социјалните мрежи.

Еден од најпознатите примери е „сервис 95“ (Service95), културната платформа и книжевен клуб на Дуа Липа. Таму секој месец се препорачуваат книги, се објавуваат интервјуа со автори и се отвораат дискусии кои на публиката ѝ нудат нешто повеќе од брзо скролање низ фидот. Меѓу неодамнешните препораки се најде и книгата „Night People“ на Марк Ронсон.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Reese Witherspoon (@reesewitherspoon)

Дуа Липа не е единствената. Свои книжевни клубови имаат и Сара Џесика Паркер, Каја Гербер, како и Натали Портман. Паралелно со тоа, низ Европа се шират и таканаречените „тивки книжевни клубови“. Луѓето се собираат, седнуваат заедно и читаат во тишина, а потоа прават пауза за разговор.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by SJP (@sarahjessicaparker)

Селфи со книга, читање во кафуле и платнена торба со лого од позната книжарница денес веќе не се сцени резервирани за тесен круг книжевни ентузијасти. Ова е дел од естетиката.

Филмовите и модата дополнително ги туркаат книгите во преден план

Во прилог на книгите оди и филмската индустрија. Кога ќе излезе некоја голема екранизација, публиката често се враќа на оригиналот. По филмот, многумина сакаат да ја прочитаат книгата за да ја добијат „целата приказна“.

Филмовите како „Хамнет“, „Орканските висови“, „Дина“ и „Грофот Монте Кристо“ повторно го поттикнаа интересот за книжевните класици и големите романи. Само во Франција се продадени 180.000 примероци од „Грофот Монте Кристо“ во рок од три недели по излегувањето на филмот.

Ниту модата не е имуна на книжевноста. Диор дизајнираше чанти инспирирани од корици на книги, а платнените торби со логоа на книжарници како „даунт букс“ (Daunt Book)“ или списанија како „Њујоркер“ (The New Yorker) станаа мал знак за препознавање.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Penguin Classics (@penguinclassics)

Од Тикток до интелектуален шик

Овој тренд не живее само меѓу славните. На Тикток сè повеќе се зборува за „враќање кон аналогниот начин на живот“, читање хартиени книги, весници и магазини, рачно пишување белешки, пишување дневник и обид да се врати фокусот во свет во кој вниманието ни се прекинува секоја секунда.

Се појави и трендот „да се стане брутално образован“ (disgustingly educated), во кој корисниците ги документираат своите обиди повеќе да читаат, да гледаат посериозни филмови, да учат за уметноста, историјата, политиката или филозофијата. Една креаторка, Бела, во видео со културни предвидувања за 2026 година рече дека „да се биде паметен е секси“.

И навистина, се чини дека нешто се промени. По години во кои естетиката беше поважна од содржината, сега сè повеќе се цени впечатокот дека некој има став, контекст и нешто да каже.

Но, дали сè ова е вистинско или е само глумење?

Секако, прашањето е колку сето ова е искрено, а колку е само уште еден тренд за социјалните мрежи. Бидејќи, ако секоја книга мора да се фотографира, секоја мисла да се претвори во Тикток, а секоја гардероба да се објасни со референци, тогаш лесно е човек да се запраша дали читаме затоа што навистина нè интересира или затоа што сакаме да изгледаме како личност која чита.

Сепак, не е тешко да се разбере зошто книжевноста се враќа во фокусот. По години бескрајно скролање, кратки видеа и сè поголемо присуство на вештачката интелигенција, долгите текстови и побавниот начин на размислување почнуваат да делуваат речиси како луксуз. Читањето бара концентрација. Бара време. Бара во тој момент да не правите ништо друго.

Токму затоа, книгите денес сè повеќе функционираат како облик на отпор. Не нужно голем и драматичен отпор, туку оној секојдневниот, да земете книга, да се тргнете од екранот и да се обидете да останете со една мисла подолго од неколку секунди.

Во свет во кој вештачката интелигенција може да напише текст, да сумира книга и да понуди готов одговор, способноста самите да размислуваме станува сè повредна. Референците, контекстот и критичкото размислување стануваат нова културна валута.

Затоа денес не се покажува само што носиме, туку и што читаме. Не се фалиме само со вкусот, туку и со способноста да го објасниме.

Можеби сето ова е делумно глумење. Можеби и овој тренд, како и многу други пред него, со текот на времето ќе го изгуби сјајот. Но, во култура преплавена со површни содржини, фактот дека книгите, читањето и размислувањето повторно станаа посакувани, сепак звучи како добра вест.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот