Интервју со хрватската пејачка Вана: Ме одмораат игрите со внуката и работата во градината
Покрај динамичниот распоред на концерти и турнеи, Вана, која во септември ќе наполни 56 години, е посветена баба и вели дека најмногу ужива работејќи во својот двор и во игрите со внуката Марија од синот, која наскоро ќе наполни три години.
Енергична и доследна на денс-звукот што е нејзина музичка лична карта, хрватската ѕвезда Вана (Ивана Врдољак) во изминатиов викенд по долго време беше во Скопје. Таа ја разигра публиката на фестивалот „Џин лејн“, со хитот како „Тек је 12 сати“, со кој стана популарна со групата „E.T.“ и со нејзините соло-хитови. Покрај успешната музичка кариера, Вана е во долг и стабилен брак со продуцентот Андрија Врдољак, со кого се 28 години заедно. Вана и Андрија имаат две деца, синот Лука (29) и ќерката Јана (25). Покрај динамичниот распоред на концерти и турнеи, Вана, која во септември ќе наполни 56 години, е посветена баба и вели дека најмногу ужива работејќи во својот двор и во игрите со внуката Марија од синот, која наскоро ќе наполни три години.
Препорачано

Кога ќе се вратите назад во времето на групата „E.T.“, како од денешна дистанца гледате на тој период?
– Тоа беа моите почетоци и мило ми е што беа такви какви што беа со групата „Е.Т.“. Мене таа музика отсекогаш ми беше драга, јас така и почнав да се вљубувам во музиката, не преку балади, туку секогаш сакав брза, танцова музика. Секогаш тоа некако ме привлекуваше, сакав да танцувам. Ја сакам и ден-денес, но помодерната музика, не толку музиката од деведесеттите. Таа музика ја сметам денес застарена на некој начин. Но, за среќа, танцовата форма на музиката и денес постои, но не онака како што постоеше во деведесеттите.
Шундот и турбофолкот се вмешаа и во денс-музиката денес. Ви пречи ли тоа и како гледате на новите трендови?
– Па, не е сè шунд денес. Јас сметам дека младите луѓе имаат право да ги создаваат своите стилови, да ја наоѓаат својата публика и да се изразуваат на начин што можеби е полесно разбирлив за нивните врсници, а не мора нужно да им биде од нивните родители. Така отсекогаш било, таквите нешта ги поместуваат границите и ја тераат музиката да се развива. Мислам дека без тоа нема ништо. Е, сега, дали е баш сè што се произведува музика што ќе остане, не сум сигурна, но е одраз на некој тренд. И секогаш ќе се појави некој поталентиран од некој друг, и некој можеби ќе се потруди едноставно да направи подобра песна, па еве, по некое десетлетие, ќе видиме дали ќе остави трага во времето.
Од кои странски музичари учевте, кои ви беа идоли?
– Првата плоча што некако страшно многу ми значеше беше од групата „Јазу“, албумот се викаше „Upstairs at Eric’s“. Нивната пејачка потоа имаше соло-кариера, се викаше Алисон Моје, беа дуо и сè беше направено на синтисајзери. Таа имаше еден електричен, моќен глас и мене тоа ми беше онака, леле, лудило! Исто така, се сеќавам кога ја слушнав и Дона Самер и нејзината „I feel love“. Тоа ми беше музика со некој нерв, тоа отсекогаш ми било повозбудливо отколку можеби забавната музика од овие простори од тие години. Таа ми беше премногу рамна, како некаков си сладок вкус што ништо не преиспитува и никого не возбудува претерано. А јас веројатно бев млада, сакав тоа што јас ќе го пеам во животот да остави некаков возбудлив траг.

Ја претставувавте Хрватска на Евровизија. Како денес гледате на тоа искуство?
– На себеси на Евровизија гледам океј, драго ми е што го имав тоа искуство, но ништо повеќе од океј. А Евровизија денес, всушност, и слабо ја следам. Слабо се наоѓам таму. Сметам дека тоа е натпревар во оставање впечаток. Ако е баш потребно, може и музички, но често не е така. Едноставно имам чувство како тие луѓе од сцената да не ми се обраќаат мене. Ќе си речам со ентузијазам дека вечерва е Евросонг, а потоа ќе се уловам себеси како чепкам по мобилниот, па ќе одам да измијам нешто во кујната или ќе го прошетам кучето. Имав куче, но ми почина, па нејзиното име го тетовирав на раката.
Сметам дека пред 25 години, кога јас бев таму, тоа сè уште беше платформа каде што човек може да се претстави себеси на Европа. И денес е, еве имавме страшно позитивен пример со Бејби Лазања од пред две години, но треба да се биде подготвен кога Евросонгот ќе заврши. Ако сте се подготвиле само за Евросонг и ништо повеќе, тогаш така и ќе завршите, како пејач со еден хит. Бејби Лазања, кој речиси победи, веќе тогаш имаше едно пет-шест готови песни со сличен профил, кои едвај чекаше луѓето да ги слушнат. А луѓе што се програмираат само за да се покажат на Евросонг, не знам, не сум толку голем фан на тоа. Но, секако, кога ќе дојдете како победник на Санремо од Италија на Евросонг, тогаш веројатно не сте заталкале таму.
Баба сте на тригодишната Марија. Што правите кога ништо не работите и имате ли време за игри со внуката?
– Кога ништо не работам, тогаш се чувствувам како да сум виновна за нешто. Имам проблем со она типично женското: „Леле, мрзлива сум“. Можам секогаш нешто да работам, ако ништо друго, да направам палачинки. Така што, кога ништо не работам, мислам дека нешто не чини. Се одморам на разноразни начини, обожавам да гледам спорт и страшно многу сакам фудбал. Сега оди Светското првенство и на тоа исклучително многу се радувам. Тоа за мене е забава и страст.
Што се однесува до внуката, секако дека имам време за неа. Еве денеска, всушност, ми предложи игра уште претпладне, а јас ѝ реков дека морам на авион за Скопје, но дека многу брзо ќе се вратам. Таа би си играла секогаш, што е убаво. Мило ми е што сум и јас, освен сите други, нејзин партнер за игра.

Дали постои поделба на машки и на женски работи во вашата куќа?
– Па, не вербално, но некако се знае. Се знае дека јас најдобро ќе ги наредам садовите во машината, дека јас најдобро ќе ги исперам алиштата и ќе ги испеглам. И кога тие ќе ги стават да се сушат, тоа обично е сè онака стуткано, па јас навечер ги растресувам. Има такви работи, не е дека нема. Исто така, сакам да работам многу во мојот двор, во градината, и тука знам да си направам сериозни повреди. Знам да се избоцкам на трње, кое го вадам со недели потоа, знам да се вкочанам, сешто знае да ми биде, но многу сакам да работам во градината бидејќи тоа ме смирува.
Дали наоѓате време за женски ритуали како салони за убавина или кафе со пријателките?
– Многу сакам масажа, но во последно време ретко одам. Сакам да одам на целодневни кафиња и ручеци со пријателките, но само кога точно ќе се договориме. Јас начелно сум доста организирана личност, така животот ме научи. Имав рано деца и кариера, така што од секаде се брзав дома, никаде не останував долго и никаде не можев убаво да се опуштам бидејќи дома секогаш ме чекаа децата.
Што е следно и каде публиката може да ве очекува периодов? Нов сингл, албум, турнеја?
– Драго ми е што сум во Скопје. Претходно бевме во Подгорица, во Белград, а имавме и прекрасен концерт во салата „Лисински“ во Загреб. Повторно ќе имаме концерт таму наесен бидејќи многу брзо го распродадовме првиот. Исто така, за три недели ќе претставам една, јас мислам многу убава песна, на фестивалот „Мелодии на Јадранот“ во Сплит. На тоа многу се радувам, ќе снимам и спот за неа, така што продолжуваме со активностите.


