Фото: EPA/BORIS PEJOVIC

Брисел отвора долго поглавје, крајот не е јасен

Дискусијата за проширувањето на ЕУ сè повеќе ја обликуваат наративи што ја продлабочуваат несигурноста кај земјите кандидатки. Дали ЕУ навистина ги сака балканските држави, дали Балканот е „европски“? Во игра влегуваат и Русија, Кина, националистички партии, дезинформации и домашни елити кои ја користат фрустрацијата од долгото чекање за да ги протуркаат своите наративи.

Самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват покажа дека проширувањето на европското семејство повторно е актуелна тема во Брисел. Балканските држави со години слушаа ветувања без јасен рок, но сега во ЕУ се зборува за „моментум“.

Иако не може со сигурност да се посочи единствена „намера на Брисел“, бидејќи тој израз е метонимија за сложен европски систем составен од институции, земји- членки и политички актери со различни интереси, реториката на челниците во ЕУ сепак покажува дека проширувањето повторно се третира како геополитички приоритет.

Европската комисија оцени дека членството на Црна Гора до 2028 година е „на дофат“, додека, пак, германскиот канцелар Фридрих Мерц порача дека ЕУ мора да покаже дека е способна и подготвена да прима нови членки. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од своја страна, повика процесот на проширување да стане побрз и поверодостоен.

Компромис со „постепена интеграција“

Германија и Франција претходно издадоа заеднички документ во кој се предложува компромисно решение, модел во кој земјите кандидатки би добивале дел од придобивките на членството пред формално да станат членки. Со тоа би се намалила неизвесноста што со години го следи пристапниот процес.

Француско-германската идеја е да се спроведе „постепена интеграција“ на балканските земји кои не се дел од ЕУ. Наместо кандидатите да чекаат со години пред да го добијат целосниот пакет, тие би можеле порано да добиваат пристап до делови од пазарот во ЕУ, европски програми и до одредени институционални формати, зависно од реформите што ги испорачуваат.

Тоа значи дека за Балканот членството повеќе не мора да биде далечна награда, туку ЕУ би можела да создаде „скалила“ на интеграција. Колку посилно е владеењето на правото, толку повеќе европски придобивки ќе добива земјата кандидатка, колку повеќе се усогласува со Брисел, толку поголем пристап ќе има до европскиот систем.

Албанскиот премиер Еди Рама во Тиват зборуваше дека проширувањето има потреба од „политички бум“ надвор од техничките процедури, нешто што добро ја опишува кризата на досегашниот процес кој се сведува на поглавја, извештаи и на бирократски јазик, додека јавноста ја губи вербата дека земјите чекорат по вистински пат за влез во ЕУ.

Војната во Украина му тежи на Брисел

Сепак, притисокот од војната во Украина го засилува европскиот „импулс“, односно стравот дека Балканот може да остане тампон-зона во која сили како Русија и Кина имаат влијание. Во контекст на Киев, промената на власта во Унгарија може да го забрза процесот на примање на Украина во ЕУ, како дел од поширокиот обид на ЕУ да проектира политичко влијание кон исток и да го ограничи рускиот простор за дејствување.

Во случајот со Западен Балкан, Црна Гора и Албанија можеби се корисни како пример дека овој процес не е празно ветување, туку функционира. Црна Гора, на пример, е мала држава, членка на НАТО, силно проевропски ориентирана и институционално најнапредната во преговорите, според проценката на Брисел. За ЕУ, приемот на Црна Гора би бил доказ дека процесот функционира, без огромен демографски, финансиски или политички удар врз Унијата.

Франција и Германија туркаат иницијатива за „постепена интеграција“ на Западен Балкан во ЕУ

Во исто време, тоа би било порака до регионот дека секој што се усогласува со европската надворешна политика и ги испорачува реформите, може да оди напред.
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, оцени дека Црна Гора и Албанија најбрзо напредуваат, но членството останува условено со реформи, владеење на правото, борба против корупцијата, човекови права и со медиумски плурализам.

Кос нагласи дека Планот за раст е заснован на резултати, a парите се исплаќаат само ако реформите се спроведат. Иако Црна Гора сѐ уште има проблеми со правосудството и со борбата против корупцијата, Брисел веројатно мора да направи компромис и од своја страна.

Србија е трн во ногата

Србија во мигов е голем тест за овој пристап со „постепена интеграција“. Таа е премногу важна за да биде игнорирана, но премногу проблематична за да влезе во овој процес без услови.
Мерц во Тиват порача дека Белград мора јасно да одреди каде ја гледа својата иднина, бидејќи „балансирањето меѓу ЕУ, Русија и Кина станува сè потешко одржливо“. Во исто време, Србија не отворила нов кластер од 2021 година, а има големи проблеми со судството, медиумската слобода, односно со почитувањето на основните демократски стандарди.

Згора на тоа, тензиите околу пристигнувањето на Александар Вучиќ во Тиват дополнително ја „зачинија“ атмосферата на самитот. Српските безбедносни служби претходно го советуваа претседателот да не патува поради наводни безбедносни закани, што отвори простор за две толкувања – дека станува збор за реална опасност или за политичка порака наменета да ја оправда потребата од присуство на 87-те српски државјани кои Црна Гора претходно ги врати од аеродромот во Тиват, исто така повикувајќи се на безбедносни причини.

Вучиќ го нарече Трамп „убедливо најпопуларниот политички лидер на САД во Србија“

Кој му припаѓа на европското семејство?

Дискусијата за проширувањето на ЕУ сè повеќе ја обликуваат наративи што ја продлабочуваат несигурноста кај земјите кандидатки. Дали ЕУ навистина ги сака балканските држави, дали Балканот е „европски“?

Во игра влегуваат и Русија, Кина, националистичките партии, дезинформациите и домашните елити, кои ја користат фрустрацијата од долгото чекање за да ги протуркаат своите политички наративи.

ЕУ сака да ја врати иницијативата, а Балканот е едно од полињата на кои се води битката со Русија. Во таков контекст, Унијата се обидува да дејствува поодлучно и побрзо. Прашањето е дали ќе успее да го искористи замавот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот