ФОТО+ВИДЕО | Четворица мажи ја внесоа Гиговска на промоцијата на „Жена“, а на сцената запеа и со Павловска
Девет сосема различни композиции го сочинуваат вториот албум на Антониа Гиговска насловен „Жена“. Вчеравечер беа презентирани песните „7 дена, 7 ноќи“, „Папилеј“, „Хемисфери“, „Немој да ме палиш“ и „Прво види се себе“, во автентичен амбиент во Сули ан. Гиговска претопена во амбиентот се појави со изглед на божица, а до сцената беше пренесена гламурозно на бела носилка.
Препорачано
Со претходно објавените композиции, веќе хитови: „Специјалиста“, „Аман“, „Чукај, Чукај“ и носечката песна на албумот „Жена“ се комплетира целината.
– Секоја песна комплетно се разликува од другата, тоа ни беше целта да не наликуваат меѓусебно. На овој албум работевме навистина многу напорно и со многу љубов. Голем дел од идеите се на мојот сопруг Роберт кој силно ме поддржува во сè што правам. Да, јас имам маж до себе и имам голема помош од него, но сакам да ѝ порачам на секоја жена дека е храбра сама по себе – вели Гиговска.
Професионалноста на Гиговска е видлива од секоја агол, токму затоа нејзината работа изгледа светски, ќе искоментираат многумина од присутните на промоцијата.

Секоја песна доби своја екранизација соодветна за стилот на песната. Спотовите за новите пет песни се снимени на различни локации низ Македонија.
– Сега можам да кажам дека конечно публиката ја доби баладата што ја чекаше и посакуваше од мене. Со „Хемисфери“ силно верувам дека ефектот е постигнат. Сакавме преку минимализам да покажеме силна емоција. Оваа песна стоеше четири години во фиока. А, на спотот имаше промаја од сите страни, се смрзнав, добро е што преживеав – рече таа.
Во ритамот на Мајкл Џексон
– За „Немој да ме палиш“ излегов со пет торби од дома. Барбиките, мечињата, сите реквизити што ќе ги видите се мои играчки од кога сум родена. Стилот на песната е 2000 и многу ми беше интересно што за потребите на оваа песна требаше да наликувам на Барби. Идејата на оваа песна е да ве забавува, направена е во стилот на Мајкл Џексон и се надевам дека ќе ѝ се допадне на публиката – вели таа.

Гиговска има огромна желба за играње и како што вели се надева дека добро го прави тоа.
– На спотот на „Прво види се себе“ играм со 30 танчери. Кога го слушнав тоа многу се возбудив затоа што јас многу сакам да играм. Навистина сакам да бидам танчерка, а не знам колку ме бива. Ете, вие ќе процените дали го правам добро тоа – низ смеа вели таа.
За време на снимањето на спотот за песната „7 дена, 7 ноќи“ пејачката поминала и низ мал стрес, бидејќи дошла полиција. Не откри која била причината зошто на МВР им било сомнително нешто додека се создава уметност. Инаку, оваа е една весела песна, а на спотот во стилот на Бритни Спирс играат девојки. Дел од кадрите се во летен амбиент, а дел пак се зимски, снимени на Пониква.
Во спотот на „Папилеј“ Антониа е вонземјанка.
– Роберт секогаш има чудни и неверојатни идеи. Така за оваа песна додека се возевме во кола сосема случајно ни дојде како брилијантна идејата да се претворам во вонземјанка. Кај овој видеозапис ќе видите и анимација -цртан дел – раскажува таа.
Промоцијата беше организрана на високо ниво, со запазени детали. Имаше пантомимичари, акробати, сценски настап на Антониа и Роберт коишто ја прикажаа песната „Жена“ во еден можен жанр. Додека мама пееше, забележавме многу сладок момент, нејзиниот син Киан од долу од сцената ја задеваше по нозете.
Пејачката пред јавноста откри дека омилената песна на Киан му е „Жена“
– Еве, и на излегување од дома си потпевнуваше „Право машко знае како треба да се сака една жена“ – рече таа.

На промоцијата се појави и фолк-пејачката Благица Павловска, со која ја испеаја песната „Чукај, чукај“. Преработка на евергринот „Чукај, чукај срце“.
– Кога Роберт ми ја предложи идеајата за преработка на оваа песна, јас не бев сигурна дали ќе бидам на висина на задачата. Едно ќе кажам, Благица е кралица! Додека ја снимавме сцената на камионот заврна, а Благица ни вели: „Ова е бериќет!“ Многу ја сакам оваа жена – вели Гиговска.

Гиговска не го менува својот тим, па така и за овој проект работеше со Лазар Цветкоски, Магдалена Ена и Дарко Димиров.
Јавноста ќе може да ги слушне новите песни и да ги погледне спотовите денеска, излегуваат точно на пладне.






ФОТО+ВИДЕО | Антониа Гиговска: Наскоро ќе има концерт за албумот „Жена“


