Фото: EPA/CERILO EBRANO

ВИДЕО | Катастрофа на Филипините: урнати згради и најмалку 15 загинати по силен земјотрес од 7,8 степени

Разорен земјотрес со јачина од 7,8 степени рано утрово го погоди јужниот дел од Филипините, при што беа урнати голем број згради и загинаа најмалку 15 луѓе, пренесува Гардијан.

„Многу објекти се оштетени, но во моментов не можам да ги набројам бидејќи сме зафатени со тековните спасувачки операции“, изјави Роберт Дагон од полицијата во градот Генерал Сантос.

Националната агенција за управување со катастрофи соопшти дека најмалку 15 луѓе загинале – 12 во регионот Соксксарген на островот Минданао и три во покраината Давао Оксидентал.

Канцеларијата за цивилна заштита ги предупреди граѓаните да избегнуваат влегување во оштетени домови и друга инфраструктура поради опасност од дополнителни потреси.

Филипинскиот претседател Фердинант Маркос Џуниор ги повика граѓаните да ги следат предупредувањата.

„Не чекајте. Вашиот живот е поважен од сè што сте оставиле зад себе“, нагласи тој.

Меѓу останатите, урнат е горен кат од ресторан на синџирот за брза храна, а паднат е и како надворешен бетонски ѕид на трговски комплекс, во близина на епицентарот на земјотресот.

Во покраината Давао дел Сур, дел од средно училиште се урнал додека учениците биле собрани надвор, покажува видео објавено од локалната радиомрежа „Бомбо Радио“.

Исто така, низ градот може да се забележат уништени влезови, искршени стакла и превртени клупи расфрлани по улиците.

Земјотресот се случи токму кога јавните училишта повторно ги отворија вратите за новата учебна година. Во основното училиште „Махајхај“ во Давао вознемирени ученици барале засолниште за време на утринската церемонија на подигнување на знамето.

Филипинскиот Црвен крст соопшти дека интервенирал во три средни училишта за да им пружи помош на бројни ученици кои претрпеле траума по земјотресот.

Претседателот нареди прекин на наставата во погодените области до понатамошно известување.

„Безбедноста на нашите деца е на прво место“, изјави претседателот Маркос.

Пријавени се прекини во снабдувањето со електрична енергија, а граѓаните биле повикани да се упатат кон повисоки места.

Според првичниот извештај на Филипинскиот институт за вулканологија и сеизмологија, епицентарот бил на 13 километри југозападно од градот Генерал Сантос на островот Минданао, на длабочина од 10 километри. Земјотресот се случил во 7:37 часот. Американскиот геолошки институт (USGS) ја процени магнитудата на 7,8 степени, а длабочината на 55 километри.

Набргу по земјотресот, Пацифичкиот центар за предупредување од цунами соопшти дека на некои крајбрежја на Филипините се можни бранови високи до три метри, а на одредени делови од бреговите на Индонезија и Малезија – бранови до еден метар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот