Југославија на Мундиајлот во 1974 – дали Тито ѝ го продаде натпреварот на Германија во замена за кредит?
Светското првенство во 1974 година во Западна Германија требаше да биде круна на една од најталентираните генерации во историјата на југословенскиот фудбал, но наместо борба за самиот врв, турнирот остана запаметен по резултатскиот пад, нарушената атмосфера во репрезентацијата и една урбана легенда која и денес предизвикува дебати, дека Јосип Броз Тито наводно „го продал“ натпреварот против Германците во замена за државен кредит.
Препорачано
Десеттото Светско првенство, на кое настапија само 16 репрезентации, го освои домаќинот Западна Германија предводена од легендите Франц Бекенбауер и Герд Милер. Југославија на Мундијалот пристигна по пропуштените изданија во 1966 и 1970 година, а пласманот беше обезбеден по историскиот бараж во Франкфурт и голот на Јосип Каталински против Шпанија.
Очекувањата беа огромни, а според квалитетот на составот и целосно оправдани.
Тимот беше составен од голем број играчи на Хајдук, меѓу кои Шурјак, Облак, Булјан и Мужиниќ, како и од ѕвездите на Црвена звезда, Џајиќ, Караси, Аќимовиќ и Петровиќ. Дополнителна сила претставуваше и мостарското трио на Вележ, Бајевиќ, Мариќ и Владиќ.
Во првиот натпревар, пред преполните трибини во Гелзенкирхен, Југославија беше одлична и целосно парираше на актуелниот светски шамоион Бразил одигрувајќи 0-0.
Во второто коло следуваше вистинска демонстрација на моќ. Победата над денешна Демократска Република Конго и денес е една од најубедливите во историјата на Светските првенства. Блескаше Душан Бајевиќ со хет-трик, а во листата на стрелци се запишаа уште Џајиќ, Шурјак, Каталински, Богиќевиќ, Облак и Петковиќ за победа од 9-0.
Југославија – Шкотска 1:1
Третото коло донесе реми против Шкотска 1-1 и пласман во наредната фаза. Единствениот гол за Југославија беше дело на Караси.
Во тие моменти се чинеше дека оваа генерација ќе биде споменувана во ист контекст со Холандија на Јохан Кројф и Германија на Франц Бекенбауер. Но, потоа следуваше целосен распад.
Во втората групна фаза на површина излегоа внатрешните проблеми. На играчите им биле ветени премии од тогаш огромни 15.000 германски марки, но исплатата била блокирана со образложение дека тоа би претставувало прекршување на девизните прописи.
Дополнително, во репрезентацијата избувнал конфликт меѓу производителите на спортска опрема „Пума“ и „Адидас“. Легендарниот голман Енвер Мариќ подоцна откри дека одредени фудбалери добивале богати понуди за промена на брендот на копачките, што дополнително ја нарушило атмосферата во тимот.
„Во репрезентацијата владееше хаос. Некои играчи добиваа големи суми за да носат копачки од одреден производител, а притоа ветените премии не ни беа исплатени. Атмосферата беше катастрофална и тимот целосно се распадна одвнатре“, сведочеше Мариќ години подоцна.
Последиците брзо се почувствуваа на теренот. Југославија ги загуби сите три натпревари во втората фаза, прво од Западна Герменија со 2-0, па од Полска 2-1 и на крајот од Шведска исто така со 2-1. Така заврши сонот за историски успех.
Теоријата за Тито и германскиот кредит
Со години во јавноста кружи и приказна која ја популаризираше хрватскиот новинар Томислав Жидак. Според таа верзија, политиката имала свое влијание врз елиминацијата на Југославија.
Во тоа време државата се соочувала со сериозни економски проблеми, а Јосип Броз Тито престојувал во Германија токму за време на Светското првенство, барајќи кредит од 700 милиони германски марки.
Ден пред натпреварот меѓу Југославија и Западна Германија, Тито организирал прием во хотел во Диселдорф. Само еден ден подоцна, Југославија убедливо загуби со 0-2.
По поразот почнале шпекулациите дека натпреварот бил „продаден“ во замена за кредитот што го одобрила германската влада.
Сепак, Енвер Мариќ категорично ги отфрли ваквите обвинувања.
„По поразот се појавија приказни дека натпреварот бил наместен и дека сме го загубиле заради кредитот. Но, Тито речиси и не го видовме. Хотелот беше преполн со полиција и обезбедување. Тој сигурно не беше на натпреварот. Едноставно, ние игравме лошо“, изјави Мариќ.
Иако никогаш не се појавија докази за каква било местенка, оваа генерација остана запаметена како една од најталентираните во историјата на југословенскиот фудбал. Тим кој имаше квалитет да се бори за светскиот врв, но кој, според многумина, беше поразен од сопствените поделби, лошата организација и менталитетот што подоцна често се покажуваше како слабост на југословенскиот спорт.
Рекорд што трае 24 години – како Хакан Шукур ја затресе мрежата по само 11 секунди на СП 2002
Мундијалот низ историјата: Герд Милер, гол-машина во едно поинакво време


