Мундијалот низ историјата: Герд Милер, гол-машина во едно поинакво време
Останаа уште пет дена до почетокот на Светското првенство во фудбал. Додека нетрпеливо ги чекаме натпреварите на нашите омилени репрезентации, ќе се потсетиме на еден од голгетерите кој ги одбележа светските првенства низ историјата.
Препорачано
Легендарниот германски напаѓач Герд Милер со децении го држеше рекордот како најдобар стрелец во историјата на Светските првенства и остана запаметен како еден од најдобрите голгетери.
Иако не беше особено висок, немаше спектакуларен дриблинг ниту елегантен стил на игра како некои други легенди од неговото време, сепак поседуваше нешто можеби и поважно од сето тоа – неверојатен инстинкт за гол. Изгледаше како топката сама да го наоѓа.
Легендарниот напаѓач остана еден од ретките фудбалери кои за својата репрезентација успеале да постигнат повеќе од еден гол по натпревар во просек – 68 погодоци на 62 натпревари.
Кој беше Герд Милер?
Еден од најголемите напаѓачи на сите времиња е роден во 1945 година во Баварија, а најголемиот дел од кариерата го помина во редовите на минхенски Баерн, за кој настапи повеќе од 600 пати во сите натпреварувања. Во време кога Баерн сè уште не беше европски гигант каков што го познаваме денес, Милер стана заштитно лице на тимот и човекот што го предводеше неговиот подем кон врвот на европскиот и светскиот фудбал.
Неговиот прекар „Бомбер“ совршено го опишуваше неговиот стил на игра. Беше немилосрден во шеснаесетникот, неверојатно брз и снаодлив на мал простор и способен да постигне гол од речиси невозможни ситуации. Противничките дефанзивци често тврдеа дека најтешкиот дел од „чувањето“ на Милер бил тоа што никогаш не можеле да предвидат каде ќе се појави и што ќе направи. Затоа и постигна повеќе од 700 голови во професионалната кариера.
„Експлозија“ во Мексико
На Светското првенство во 1970 година во Мексико, светот конечно го запозна германскиот напаѓач во неговото најдобро издание.
Западна Германија играше одличен фудбал, а Милер беше незапирлив. Постигна дури 10 голови на турнирот, вклучувајќи и два хет-трика во групната фаза. Особено блескаше против Бугарија и Перу, а во четвртфиналето против Англија го постигна решавачкиот погодок во продолженијата.
Сепак, еден од најлегендарните натпревари во историјата на Мундијалите се одигра во полуфиналето против Италија. Германците загубија со 4:3 по продолженија во натпреварот познат како „Натпревар на векот“, а Милер постигна два гола. И покрај елиминацијата, остави длабока трага на еден од најславните турнири во историјата на светските првенства.
Титула светски шампион
Четири години подоцна, на Мундијалот во 1974 година во Западна Германија, Милер доби можност за реванш.
Западна Германија имаше исклучително моќен тим предводен од Франц Бекенбауер, Сеп Мајер и Паул Брајтнер, но токму Милер повторно беше човекот на одлуката. Во финалето против Холандија и славниот „тотален фудбал“ на Јохан Кројф, го постигна победничкиот гол за 2:1.
Тоа беше моментот што дефинитивно го зацврсти неговиот статус на германска фудбалска легенда. По тој Мундијал се прости од репрезентацијата со вкупно 14 погодоци на светските првенства и 68 во дресот на Панцерите. Две години претходно го крена и трофејот наменет за европскиот шампион, а во финалето против Советскиот Сојуз двапати ја затресе противничката мрежа.
Рекорд што траеше со децении
Четиринаесетте голови на Милер долго време изгледаа недостижни. За повеќето напаѓачи беше голема чест да настапат на 14 натпревари на светските првенства, а камоли толкупати да се запишат во листата на стрелци. Со децении никој не успеваше сериозно да му се приближи, а потоа се појавија Роналдо Назарио и Мирослав Клосе.
Роналдо го урна рекордот во 2006 година, а Клосе дополнително го помести на 16 погодоци на турнирот во Бразил во 2014 година. Сепак, многу фудбалски историчари и понатаму сметаат дека Милер бил природно најдобриот голгетер од оваа тројка. Неговиот сооднос меѓу бројот на натпревари и голови и денес изгледа неверојатно. Билансот од 714 голови на 780 натпревари делува речиси нереално.
Да не заборавиме и дека Милер дури 10 од тие 14 гола ги постигна на само едно Светско првенство. Повеќе од него на еден турнир постигнале само Фонтен (13) и Кочиш (11). Во овој век, Роналдо Назарио и Килијан Мбапе стигнаа до осум погодоци.
Гол-машина во едно поинакво време
Она што го прави учинокот на Милер уште поимпресивен е фактот што играше во ера без модерна спортска медицина, детална аналитика и посебна заштита на напаѓачите од страна на судиите. Дефанзивците во седумдесеттите играа многу погрубо отколку денес, а судиите дозволуваа далеку повеќе контакт.
И покрај тоа, Милер редовно ги полнеше мрежите на најдобрите репрезентации и клубови во светот. За многу љубители на фудбалот тој беше дефиниција за класичен центарфор, вистинска „деветка“ и голгетер. Такви денес има многу малку, а се чини дека ќе ги има сè помалку.
Бројни напаѓачи подоцна се обидуваа да го копираат неговото чувство за простор и реализација, но ретко кој успеа да биде толку ефикасен. Дури и денес, кога се зборува за најдобрите стрелци на сите времиња, неговото име речиси секогаш се наоѓа во самиот врв на секоја листа.
Последната линија на одбраната – десет голмани кои можат да го одлучат Мундијалот


