фото: instagram.com/fcshkendija

Шкендија реагира: Ако ФФМ не ја промени одлуката, ќе го напуштиме фудбалот во Македонија

Жестока реакција пристигна од таборот на Шкендија по одлуката на дисциплинските органи на Фудбалската федерација на Македонија да изречат висока парична казна на тетовскиот клуб по инцидентите во финалето на Купот на Македонија.

Клубот е санкциониран со вкупно 105.000 евра поради повеќе прекршоци регистрирани на натпреварот, меѓу кои употреба на пиротехника од страна на навивачите, националистички скандирања, истакнување спорен транспарент со нацистичка содржина, непочитување на државната химна и напуштање на церемонијата за доделување на медалите. Дополнително, поради последниот прекршок, Шкендија нема да настапува во Купот на Македонија следната сезона.

Незадоволството од казната кулминираше со остро соопштение од раководството и генералниот спонзор на клубот, кои побараа ФФМ итно да ја преиспита и коригира одлуката.

Во реакцијата се истакнува дека Шкендија со години функционира како еден од најорганизираните и финансиски најстабилни клубови во земјата, исполнувајќи ги своите обврски и вложувајќи значителни средства во развојот на фудбалот. Од клубот потсетуваат и на успесите во европските натпреварувања, нагласувајќи дека токму нивните резултати придонеле за подобрување на рејтингот на македонскиот фудбал на меѓународната сцена.

Спонзорот предупреди дека ваквите одлуки сериозно го доведуваат во прашање понатамошниот ангажман во македонскиот фудбал и најави можност за повлекување доколку казната остане на сила.

„Очекуваме надлежните органи на ФФМ повторно да ја разгледаат оваа одлука во интерес на спортската правда, клубот и иднината на македонскиот фудбал“, порачуваат од Шкендија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот