Кандидат со анти-ЛГБТ ставови и против феминизмот е предложен за член на Комисијата против дискриминација
Исмаил Синани не го исполнува законскиот услов да има минимум седум години работно искуство од областа на човековите права од кои пет години во областа на еднаквост и недискриминација, тврдат од Мрежата за заштита од дискриминација.
„ЛГБТ концептот го оштети албанското семејно ткиво“, „Феминизмот, оплодувањето на децата без „адреса на таткото“, промовирањето на сексуалната слобода (читај: хомосексуализмот), се „вредности“ што ако ги оспориш, те прогласуваат за антиевропски и антизападен еретик“.
Препорачано
Ова се извадоци од текстови на кандидатот за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминацијата, Исмаил Синани, кој бил долгогодишен новинар во повеќе медиуми на албански јазик, а ги објави Мрежата за заштита од дискриминација која излезе со реакција откако собраниската комисија за избори и именувања го предложи токму него за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Според нив, за член се предлага човек што додека зборува за личен интегритет, објавува текстови со кои повикува на отфрлање и осуда на ЛГБТ заедницата и правата на жените.
Со лична карта ќе се спречуваат злоупотребите при етничките вработувања
-Предложениот кандидат Синани ги негира сите до една маргинализирани заедници, ги негира нивните права и слободи и ги обвинува за тоа што не се вклопуваат во неговата идилична пронаталитетна држава. И покрај тоа што живее во држава која е трета во Европа по број на случени фемициди, за кандидатот Синани феминизмот и борбата за заштита на жените е поместување од природноста на човекот. Не само што овие ставови отвораат сомневање за неговото разбирање на човековите права и слободи, туку тие директно влијаат на неговата подобност да биде член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и да постапува со интегритет, непристрасно и објективно – се вели во реакцијата на невладината организација.
Мрежата тврди дека Синани не го исполнува законскиот услов да има минимум седум години работно искуство од областа на човековите права од кои пет години во областа на еднаквост и недискриминација. Во биографијата, како релевантно искуство ја навел соработката со граѓански организации во својство на новинар, медиумски содржини и учество на настани поврзани со родовите прашања во медиумите. На јавното претставување, прашан за конкретното искуство во областа, кандидатот не навел ниту еден конкретен пример од својата работа, а на прашање поврзано со родовата дискриминација одговори дека ќе се држи до дефинициите што ги дава Уставот.
Во реакцијата се наведени извадоци од негови јавно достапни текстови, негови сопствени или објавени во медиумот додека тој бил програмски директор – главен одговорен уредник.
„Значи сакаат човек без татко, без мајка, без брат, без сестра, без деца… без постојан дом, без ова без она… без пол, со повеќе полови, асексуален, суперсексуален… сакаат човек кој целосно ќе дејствува против хромозомите што ги има во своето тело, против хормоните што му ги лачи телото. Сакаат едно ништо, сакаат една празнина, сакаат нешто што го прави човекот и животно и хуманоид.”
„Бидејќи беше „слободен”, овој револуција веќе создава најголема збунетост кај човекот, бидејќи тој веќе не знаеше што сака од себе и од другиот… Оваа духовна поматеност, заедно со слободата, ги донесе и дрогата, вирусот ХИВ, суицидалното однесување во загрижувачки размери… и без сомнеж првиот чекор кон распаѓањето на семејството. Осамен и тажен, но „слободен“ да прави што сака со своето тело, човекот на оваа „револуција” зачекори во 21 век“, пишува во дел од извадоците.
Комисијата имала обврска, реагираат од Мрежата, внимателно да ги разгледа и да оцени дали ставовите што произлегуваат од нив се усогласени со мандатот на институцијата за која кандидатот е предложен.
Ова е трет обид за избор на член на Комисијата за период од неколку месеци. Во претходните два обиди постапката беше проследена со сериозни критики и сомнежи во однос на начинот на кој се оценуваат кандидатите.
Мрежата го поздравува фактот што Собранието овој пат ги прифатило забелешките на јавноста во однос на транспарентноста на постапката и ги објави листите на пријавени кандидати и кандидатите кои ги исполниле формалните услови. Сепак, објавените информации, според нив, не даваат одговор на прашањето врз основа на кои критериуми е утврдено дека предложениот кандидат е најсоодветниот избор.
До Собранието упатуваат неколку прашања: -Како е можно Комисијата суштински да оценува дали еден кандидат поседува доволно релевантно искуство и врз таа основа да не го повика на интервју, а истовремено да повика кандидат чија биографија не содржи конкретни активности што упатуваат на професионално работење во областа на спречување и заштита од дискриминација? На кој начин Комисијата ги толкува законските критериуми за избор на член на КСЗД и како ги применува во пракса? Како Комисијата утврдила дека предложениот кандидат е најсоодветниот избор, имајќи предвид дека претставувањето на кандидатите заврши непосредно пред 14 часот, а одлуката за предлогот беше донесена веднаш потоа? Која е целта на јавното претставување на кандидатите и учеството на граѓанските организации во постапката, доколку прашањата, забелешките и оценките изнесени во текот на процесот не се земаат предвид при донесувањето на конечната одлука?


