Започна пријавувањето за субвенции за клима-уреди во Гази Баба
Општина Гази Баба објави јавен повик за субвенции за инвертер клими, при што Општината ќе надомести до 50 отсто од трошоците за купување на уредот, но не повеќе од 20.000 денари, информираат од локалната самоуправа.
Препорачано
Право на учество имаат жителите на Општина Гази Баба кои ќе набават инвертер клима-уред за своето домаќинство во текот на 2026 година, додека пак право на субвенција немаат домаќинствата кои имаат приклучок на градско централно греење, без разлика дали го користат или не.
Услов за добивање на надомест е барателот да користи печка на дрва, јаглен, нафта или мазут и истата да ја предаде на Општината по добиено известување од Комисијата.
Инвертерот мора да има ознака од најмалку „COP 5“, да грее на температура до -15°C и да биде најмалку А+ енергетска класа.
Потребно е да се достави комплетна документација, вклучувајќи фискална сметка или фактура, фотографија од постојната печка, нотарски заверена изјава и останатите документи наведени во јавниот повик. Барањата се поднесуваат во Архивата на Општина Гази Баба, секој работен ден од 07:30 до 16:30 часот.
Заинтересираните можат да најдат повеќе информации и потребните обрасци од јавниот повик на овој линк.


