Стефан Гајдов и Видое Подгорец - Фото: Јутјуб/Принтскрин/Arhiva Makedonija / Архива Македонија Arhiva Makedonija / Архива Македонија

Двајца великани, еден датум – на денешен ден се родени Стефан Гајдов и Видое Подгорец, симболи на македонскиот дух и творештво

Денешниот ден, 8 Јуни, зазема посебно место во македонската културна историја. На овој датум се родени две истакнати личности кои оставиле длабока трага во македонската уметност и творештво – композиторот Стефан Гајдов и писателот Видое Подгорец.

Иако твореа во различни области, двајцата имаа заедничка цел,  преку своите дела да го негуваат и афирмираат македонскиот јазик, култура и национален идентитет. Гајдов со својата музика даде значаен придонес во развојот на македонското музичко творештво, додека Подгорец преку литературата создаде дела кои оставија силен белег кај повеќе генерации читатели.

Нивното богато творечко наследство и денес претставува важен дел од македонската културна меморија и сведоштво за нивниот исклучителен придонес кон националната култура.

Стефан Гајдов – Пионер на македонската хорска и класична музика

Роден на 8 јуни 1905 година во Велес, Стефан Гајдов е предводник на првата генерација современи македонски музички композитори, но и вистински визионер, диригент и педагог. Пораснат во скромно занаетчиско семејство, неговиот прв допир со музиката доаѓа преку мајка му Евгенија, која била позната песнопојка, и народните инструменти во домот, од кои најмногу ја засакал мандолината.

Неговиот пат кон професионалното образование не бил лесен. Заминува во Белград каде станува првиот Македонец што го завршува наставно-теорискиот оддел при Музичката школа, издржувајќи се со напорна работа како столарски помошник. Уште тогаш, неговиот творечки афинитет кон хорската музика силно се изразува, црпејќи инспирација од специфичниот македонски народен мелос.

По враќањето во Велес во 1930 година го формира хорот „Јека се Вардара“. Неговото творештво и ангажман за афирмација на македонската музика не секогаш биле прифатени од тогашните власти, поради што се соочувал со ограничувања и притисоци. Сепак, неговиот дух не стивнува, тој го води познатиот хор „Радиша“ со кој победува на настапи низ Југославија. Пред почетокот на Втората светска војна, Гајдов покажува и огромна човечка големина, спасувајќи свои колеги и ученици од фашистичките прогони, по што бега во Скопје каде ја преживува војната работејќи како професор и црковен диригент.

По ослободувањето, Гајдов ја гради современата македонска музичка инфраструктура. Автор на првиот македонски гудачки квартет (1934) и на познатата „Фантазија за флејта и оркестар“ (1968), основач и долгогодишен диригент на Хорот на Македонската радио-телевизија, со кој остварува фасцинантен број настапи и снимки, основач и диригент на хорот на Операта и балетот на МНТ, каде подоцна работи и како директор и автор на клучните учебници по нотно пеење и музичко воспитување генерации наназад.

Стефан Гајдов почина на 17 јуни 1992 година во Охрид, оставајќи зад себе богат опус од оркестарски, камерни и вокално-инструментални дела кои и денес се синоним за македонската музичка инвенција.

Видое Подгорец – Волшебникот на пишаниот збор и таткото на „Белото циганче“

Помладиот „роденденски брат“ на Гајдов, Видое Подгорец, е роден на 8 јуни 1934 година во струмичкото село Колешино во многу сиромашно семејство. И покрај сите животни тешкотии, неговиот моќен интелект и љубов кон книгата го водат напред. По завршувањето на училиштето во Штип, со неполни шеснаесет години веќе почнува да работи како учител во македонските села. Сиромаштијата го принудува да студира вонредно, но тоа не го спречува во 1959 година да дипломира на Филозофскиот факултет во Скопје.

Токму непосредната работа со децата како учител има пресудно влијание врз неговата животна определба, да им се посвети на детската книжевност и на творештвото за млади. Подгорец станува еден од најплодните, најчитаните и најпопуларните македонски автори воопшто. Неговата продуктивност била нестварна, само во првите десет години од своето творештво објавил околу триесет книги.

Неговото творештво остави неизбришлива трага во македонската литература. Неговиот култен роман „Белото циганче“ (1966), кој е дел од задолжителната лектира за секое дете, му донесе престижната југословенска награда „Младо поколение“ и вечна слава кај читателите.

Автор е на голем број стихозбирки, раскази и романи, меѓу кои се издвојуваат „Ајдучка чешма“, „Прокудени птици“, „Дивиот рај“ и „Патешествијата на Силјан штркот“.

Во своето творештво се занимава и со книжевна критика, есеистика и патописна проза, при што објавува впечатливи записи од патувањата низ Блискиот Исток и Африка.

Професионалниот ангажман го остварува и во новинарството и издаваштвото, бил уредник на популарните детски списанија „Другарче“ и „Наш свет“ во редакцијата „Детска радост“, а работниот век го завршува како директор и главен уредник во НИК „Наша книга“.

Делата на Подгорец се преведени на десетици светски јазици (српски, словенски, руски, полски, чешки, бугарски, албански, турски…), правејќи го голем амбасадор на македонскиот збор. Добитник е на највисоките државни признанија, меѓу кои и наградите „13 Ноември“ и „Св. Климент Охридски“. Почина на 14 април 1997 година во Скопје.

Без јазик си никој и ништо – Видое Подгорец

Родниот јазик е бисерен ѓердан
од зборови – плодови сочни,
мислите тие ти ги редат
во слики јасни и точни.

Тој е вруток непресушен, вечен,
низ бистри капки – зборови тече.
Жубори, клокоти, ѕвони, се лее
ко јасна ѕвезда секој збор грее.

Тој ни е завет од дедовците
како тланикот на огништето.
Чувај го како црнка во очите –
– без јазик си никој и ништо.

Стефан Гајдов и Видое Подгорец денес не се физички меѓу нас, но нивните партитури и книги се живи споменици пред кои македонскиот народ со гордост и длабок поклон го чествува нивниот роденден.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот