ФАО: Шеќерот поскапи за 7,5 проценти, пченицата за 7,8, повисоки цени имаат и пченката и оризот
Иако жетвата на пченицата е на самиот старт, цената на светските берзи е висока, а аналитичарите велат дека годинава ќе имаме многу помал принос во однос на лани
Шеќерот поскап за 7,5 проценти, пченицата за 7,8 отсто. Светските цени на основните прехранбени производи повторно се движат нагоре, при што најголем раст покрај шеќерот и пченицата има кај пченката и оризот – покажуваат најновите податоци на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Аналитичарите предупредуваат дека климатските промени, повисоките цени на енергенсите и растечките производствени трошоци создаваат ризик од нов бран глобални поскапувања на храната.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Иако вкупниот индекс на цените на храната на ФАО во мај благо се намалил за 0,2 проценти во однос на април и изнесувал 130,8 поени, тој сепак е за 2,9 проценти повисок во споредба со истиот период минатата година. Особено загрижувачки е растот на цените на житарките. Индексот на житарките се зголемил за 2,6 проценти на месечно ниво и е речиси пет проценти повисок во однос на лани. Според ФАО, причините лежат во неповолните временски услови во клучните производствени региони, поскапувањето на горивата и повисоките трошоци за ѓубрива.
Најголем притисок доаѓа од пазарот на пченица. Светските цени во мај пораснале за 3,4 проценти во однос на април, а годишниот раст достигнал 7,8 проценти. Во САД, каде што условите за производство на зимска пченица се меѓу најнеповолните во последните децении, цените на тврдата црвена зимска пченица се дури 28 проценти повисоки отколку пред една година.
Поскапувањето ја зафати и пченката, чија цена е повисока за 1,9 проценти во однос на април и за 3,9 проценти на годишно ниво. Причините се зголемената побарувачка за увоз, ограничената понуда од Бразил и од САД и растечката употреба на пченката за производство на етанол.
Раст на цените е регистриран и кај оризот. Индексот на цените се зголемил за 2,7 проценти, поттикнат од временските непогоди во Азија и поскапувањето на суровата нафта.
Ѓубривата најголем трошок
Деканот на Земјоделскиот факултет предупредува дека растот на цените на ѓубривата останува еден од најголемите ризици за земјоделското производство.
-Цените на минералните ѓубрива и понатаму имаат значително влијание врз производните трошоци на земјоделците. Кога трошоците за прихрана растат, тоа директно се одразува врз цената на житарките и на другите земјоделски производи. Доколку продолжи нестабилноста на енергетските пазари, можни се дополнителни притисоци врз производството и цените на храната- изјави неодамна за „Слободен печат“ Миле Маркоски, декан на Факултетот за земјоделство и храна.
За разлика од житарките, растителните масла во мај забележале пад на цените од 4,6 проценти, што е прво намалување во текот на годинава. Најголемо влијание имало поевтинувањето на палминото масло поради очекувањата за послаба глобална побарувачка.
Најголем месечен скок меѓу сите прехранбени производи забележал шеќерот. Неговата цена пораснала за 7,5 проценти, пред сè поради намаленото производство во Бразил, каде што сè поголем дел од шеќерната трска се користи за производство на етанол. Дополнителен притисок врз пазарот создава и стравувањето дека климатскиот феномен Ел Нињо може негативно да влијае врз производството во Индија и Тајланд.
Во меѓувреме, ФАО прогнозира дека светското производство на житни култури во сезоната 2026/27 ќе се намали за околу 2 проценти и ќе достигне 2,982 милијарди тони, при што најголем пад се очекува кај пченицата. Иако светските резерви на жито остануваат релативно високи, организацијата предупредува дека комбинацијата од зголемена потрошувачка, намалено производство, климатски ризици и геополитички тензии може да ја намали стабилноста на глобалниот пазар и повторно да ги зголеми цените на основните прехранбени производи во наредните месеци. Главна причина се намалените очекувања за жетвите кај водечките извозници, особено во Соединетите Американски Држави.
Таму условите за производство на зимска пченица се оценуваат како едни од најнеповолните во последните децении. Индексот на цените на оризот се зголемил за 2,7 проценти, при што временските неприлики и поскапувањето на суровата нафта дополнително ги поттикнале цените во водечките азиски извознички земји. Од ФАО предупредуваат дека, иако пазарите засега покажуваат одредена отпорност, ризиците остануваат високи. Според организацијата, нестабилноста на енергетските пазари, повисоките трошоци за производствените инпути и неизвесноста околу клучните трговски рути, вклучувајќи го и Ормутскиот Теснец, можат да предизвикаат дополнителни шокови во глобалниот синџир на снабдување со храна.


