Венко Филипче, СДСМ Конгрес / Фото: Слободен печат - Методи Здравев

Има ли СДСМ сила за целосен пресврт?

СДСМ по Конгресот најавува нова енергија, внатрешна консолидација и враќање кон темите што треба да ја вратат довербата кај гласачите. Но аналитичарите предупредуваат дека партијата допрва треба да покаже дали има луѓе, организација и јасна понуда за да стане повторно сериозна закана за власта.

Конгресот на СДСМ веќе ја испрати главната порака: партијата на Венко Филипче сака консолидација, нова енергија и враќање кон темите што традиционално ја дефинираат левицата, а тоа се грижата за работниците, растот на платите, социјалната правда, младите, борбата против скапотијата и владеењето на правото. Но вистинското прашање не е што пишува во платформата, туку дали СДСМ има сила, дисциплина и политички нерв тоа да го претвори во секојдневна битка.

Од една страна, партијата мора да ја консолидира сопствената организација, да ги смири внатрешните тензии и да покаже дека има јасно лидерство. Од друга страна, нема многу време за долга внатрешна терапија, затоа што јавноста по обичај нема трпение да чека партиите да закрепнат. Граѓаните бараат одговори за цени, плати, стандард, корупција, здравство, образование, европска перспектива…

Политичките аналитичари со кои разговаравме велат дека очигледна е намерата на Филипче да постави нова линија на СДСМ и да изгради силна опозиција што ќе ја напаѓа власта на теренот на економијата, институциите и европскиот пат.

Но, како што посочуваат, прашање е колку време ќе ѝ биде потребно на партијата за да ја врати вистински довербата кај гласачите и да покаже дека новата платформа не е само обичен документ, туку почеток на едно поинакво политичко дејствување.

Андреја Стојковски од Институтот „Преспа“ во разговор за „Слободен печат“ вели дека искрено се сомнева во моменталната подготвеност на партијата на Венко Филипче во скоро време да направи сериозен пресврт на политичката сцена.

Сакам да верувам дека во СДСМ направиле сериозна процена за состојбата во која се наоѓа партијата, но мојот впечаток е дека сè уште не се целосно подготвени за брзо политичко враќање. Тука би издвоил најмалку два важни фактора. Првиот фактор е внатрешниот капацитет на СДСМ. Веројатно тој капацитет постои, и кадровски и организациски, но прашање е дали во моментов се користи во целост и, уште поважно, дали се користи на вистински начин. Вториот фактор е состојбата на ВМРО-ДПМНЕ, односно колку владејачката партија е ранета или ранлива за да може реално да биде загрозена. Веројатно не смее да се исклучи ни коалицискиот потенцијал на СДСМ, но не смее да се занемари ни капацитетот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ да привлече и да одржува внимание во јавноста – објаснува Стојковски.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, пак, забележува дека платформата и Конгресот на СДСМ се спроведуваат без независни интелектуалци, млад кадар и без личности со силно влијание во јавноста со својот кредибилитет.

Не ми е јасно како го замислуваат тој начин на дејствување и работа на платформата, кога сите оние што размислуваат различно и поинаку од лидерот се отстрануваат од партијата. Каква порака се праќа до луѓето што евентуално размислуваат да ѝ се приклучат на платформата? Тоа е дебакл уште во самиот почеток. Партијата на Филипче ризикува на следните избори да освои едвај пет пратеници – изјави Пекевски за „Слободен печат“.

Тој додава дека СДСМ нема ни капацитет, ни луѓе, ни идеја зад која би застанале граѓаните, кои се изморени од флоскули и од луѓе што кога биле на власт, ништо не спровеле од тоа што го пропагирале и го ветувале.

– За жал, единствената опозиција во моментов е Левица, но и таа нема ниту капацитет ниту сила да смени нешто суштински на македонската политичка сцена. Политиките на партиите предизвикаа да расте апатијата во Македонија, а луѓето да ја бараат својата среќа некаде надвор од татковината – објаснува Пекевски.

ВИДЕО | Филипче: Целта на овој Конгрес е враќање на СДСМ кон суштината на социјалдемократијата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот