Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Косово е изморено од постојаните избори

Албин Курти повторно излезе како победник, но резултатот од изборите во Косово покажува значително губење на поддршката во споредба со претходното гласање во декември, кога неговата партија освои околу 50 отсто од гласовите и обезбеди парламентарно мнозинство. Овој пат, понискиот резултат значи дека Самоопределување ќе мора да бара партнери ако сака да формира влада и да обезбеди избор на нов претседател.

Премиерот Албин Курти и неговата партија Самоопределување освоија најмногу гласови на вонредните избори во Косово, но резултатот не им обезбедува самостојно формирање влада и ја остава земјата пред нови тешки коалициски преговори.

Според речиси целосните прелиминарни резултати, со преброени повеќе од 95 отсто од гласачките ливчиња, Самоопределување освои околу 43 отсто од гласовите. Опозициската Демократска партија на Косово, ПДК, доби околу 21 отсто, а Демократскиот сојуз на Косово, ЛДК, речиси 18 отсто од гласовите.

Иако Курти повторно излезе како победник, резултатот покажува значително губење на поддршката во споредба со претходното гласање во декември, кога неговата партија освои околу 50 отсто од гласовите и обезбеди парламентарно мнозинство. Овој пат, понискиот резултат значи дека Самоопределување ќе мора да бара партнери ако сака да формира влада и да обезбеди избор на нов претседател.

Излезноста беше ниска – околу 35 до 37 отсто, зависно од изворот и фазата на пребројување. Тоа е пад во однос на претходните избори во декември, кога на гласање излегоа околу 45 отсто од избирачите.

Останува да се види дали гласовите од косовската дијаспора ќе го зголемат резултатот на Курти. На изборите во декември, тие додадоа околу два процентни поена на резултатот на Самоопределување. Точните бројки ќе бидат финализирани во следните недели, по пребројувањето на гласовите испратени по пошта од странство.

Курти нема да има доволно пратеници

Сепак, како што анализира „Политико“, Курти најверојатно нема да има доволно пратеници за самостојно формирање влада. Српската малцинска партија одбива соработка со него, а другите опозициски партии засега не покажуваат подготвеност за брз компромис со Самоопределување.

– Дијаспората би можела да му додаде 2 до 3 мандати на Самоопределување на Курти, што значи дека тој би можел да стигне до околу 50 пратеници. Тој не може да формира влада со преостанатите партии на етничките малцинства, но, исто така, ниеден претседател не може да биде избран без нивно одобрување – изјави експертот за европска интеграција во косовскиот тинк-тенк „Група за правни и политички студии“, Бесар Ѓерѓи.

Длабока политичка криза во Косово

Изборите се одржаа во услови на длабока политичка криза во Косово, трета изборна трка за нешто повеќе од една година. Парламентот во април не успеа да избере претседател, со што дополнително се продлабочи институционалниот ќор-сокак што трае од парламентарните избори во февруари 2025 година.

Курти претходно одби да ја поддржи Вјоса Османи за претседателската функција и наместо тоа предложи кандидати од својата партија. Опозицијата го бојкотираше процесот, а кризата на крај доведе до распуштање на парламентот и нови избори.

Курти и Османи влечат на различни страни

Курти и Османи претходно се судрија околу улогата на претседателството. Османи го обвини Курти дека се обидува да ги стави институциите под своја контрола.

– Иднината на Косово не може да биде заложник на политичко его – рече Османи во интервју за Политико, во кое го обвини Курти дека ги отуѓил европските и американските сојузници.

По распуштањето на парламентот во март, Косово повторно излезе на избори. Османи се врати во својата стара партија, Демократскиот сојуз на Косово, со цел да го предизвика Курти, но нејзината партија заврши на третото место со речиси 18 отсто од гласовите.

И покрај намалената поддршка, Курти пред своите поддржувачи во Приштина ја претстави победата како потврда на доминацијата на Самоопределување.

– Ова е потврда дека барем оваа деценија, а верувам и подолго, ќе биде деценија на владеењето на Самоопределување – рече Курти, обраќајќи им се на стотици поддржувачи на централниот плоштад во Приштина.

Курти води на изборите во Косово, но нема да може сам да формира влада

На гласачите им е смачено

Но, ниската излезност и честите избори покажуваат растечко незадоволство кај гласачите. Дел од нив велат дека се уморни од постојаните политички блокади и повторените изборни циклуси.

– Доста е веќе. Очекувам партиите конечно да се вразумат и да работат за Косово, наместо да губат време борејќи се за власт преку едни вонредни избори по други – изјави пензионираниот наставник Гезим Селими за АФП, откако гласаше во Приштина.

Слично незадоволство изразија и други граѓани.

Курти, пак, ги повика граѓаните да излезат во што поголем број.

– Поголемата излезност ќе се претвори во поголем легитимитет и стабилност за институциите на нашата република – рече тој по гласањето во Приштина.

„Изборите нема да ја решат кризата“

Експертите предупредуваат дека новите избори веројатно нема да ја решат кризата ако партиите не покажат подготвеност за соработка.

Универзитетскиот предавач Сафет Ѓерџалиу оцени дека проблемот станал „системски“ и дека институциите се на работ на колапс.

– Ова дефинитивно е најголемата криза во Косово од прогласувањето независност – рече Ѓерџалиу.

Постојаните избори се случуваат и во услови на раст на трошоците за живот, што дополнително го засилува незадоволството во една од најсиромашните земји во Европа.

Последното гласање чинеше 10 милиони евра

Трошокот за последното гласање се проценува на повеќе од 10 милиони евра, без да се сметаат парите што политичките партии ги потрошиле за кампањата, пишува Јурактив.
Кога ќе се додадат двата национални и двата локални изборни циклуси одржани во 2025 година, вкупната цена на изборите е значително зголемена.

– Политичките партии покажаа голема незрелост бидејќи не сме доволно богата земја за да одржуваме по два изборни циклуса секоја година – рече пензионираната судијка Вирџинија Думница.

Лекарот Неџмедин Османи оцени дека трошоците се особено фрустрирачки за земја од која многу млади луѓе и понатаму заминуваат во странство во потрага по работа.
Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, но сè уште не е признаено од пет земји членки на Европската Унија. За да напредува во европскиот процес, од Приштина се очекува нормализација на односите со Белград.

Косово поднесе апликација за членство во ЕУ во 2022 година, но сè уште нема добиено кандидатски статус.

Курти води на изборите во Косово, но нема да може сам да формира влада

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот