Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Што го боли Лукровски?

Дали градоначалникот на Карпош е толку политички наивен да верува дека партијата, како впрочем и секоја друга партија, нема да меша прсти во неговото вршење на функцијата? И дали тоа му создаде притисок што го разболе?

Цел месец јавноста се занимава со прашањето каде е градоначалникот Сотир Лукровски и што го боли. Тој исчезна од „сцената“ точно пред еден месец, по шест месеци градоначалникување, оставајќи зад себе советник што ќе го заменува – Неделчо Крстевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој, пак, во текот на изминатиот месец повеќе се однесуваше како прв човек на Карпош отколку Лукровски за половина година, барем според појавувањето во јавност и практикувањето на функцијата „градоначалник наместо градоначалникот“.

Во меѓувреме сѐ повеќе се разгорува непријатно чувство кај граѓаните, особено кај карпошани кои сакаа да си замине Стевчо Јакимовски и го избраа Лукровски за градоначалник – дека се изиграни. За оние што се членови или симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ дали со Карпош раководи избраниот градоначалник или неговата замена е едно те исто – важно да е човек на партијата.

Многу прашања останаа неодговорени откако се разболе Лукровски, кој во предизборната кампања беше претставуван како нешто најдобро што може да му се случи на Карпош, човек од доверба и другар од детството на премиерот Христијан Мицкоски. Дали токму на таа другарска база Лукровски се нафати да биде градоначалник на Карпош? Дали навистина е толку политички наивен да верува дека партијата, како впрочем и секоја друга партија, нема да меша прсти во неговото вршење на функцијата? И дали тоа му создаде притисок што го разболе?

Па, така, во недостиг на одговори низ „чаршијата“ се шират разни гласини, а притоа не може да се знае кои од нив се шпекулации, затоа што оние што треба да ги отфрлат сомневањата кај граѓаните, не даваат објаснувања.

Се говори дека Лукровски сакал да даде оставка, но не му ја прифаќал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за оваа партија да не го изгуби Карпош. Се говори и дека пред да замине на боледување, секоја вечер се консултурал со адвокати која одлука да ја потпише, а која не, и дека бил толку исплашен што најлесно му било да не потпишува ништо. Некои тврдат дека при крајот на мај, додека бил на боледување, бил виден како шета во „Белград на вода“. Можеби црпел инспирација за „Скопје на вода“, којзнае?

Се зборува, исто така, дека му било завршено боледувањето на 30 мај, а дека оттогаш не доаѓа на работа. Чека ли отказ по сила на закон, кога веќе не му ја прифаќаат оставката? И до кога мисли да тера така?

Премиерот Мицкоски вели дека здравствената состојба му била таква што му требало мирување, дека на неговата болест се сителе само политичките глодари. Од Општината пак велат дека Лукровски не е неоправдано отсутен и дека во моментов користи боледување.

Притоа сите забораваат дека тој е јавна личност што извршува јавна функција на која е избран од граѓаните. Никој не спори дека и градоначалниците се луѓе и се разболуваат, но за неговата здравствена состојба и дали е способен и понатаму да ја врши функцијата, мора да се соопшти јавно. Веднаш и без одлагање за да се спречи ширењето на „чадот“ според народната – каде што има чад, има и оган.

Тоа на карпошани им го должи и самиот Лукровски, кој наместо да живее во илегала, треба да се одважи и да каже што се случува со него. Да се надеваат на неговото враќање или да чекаат уште пет месеци да го заменуваат, па да се избере в.д. градоначалник, па да се тегне работата до недоглед додека конечно не се распишат нови избори за Карпош. Доколку се исплашил од функцијата, нека биде доволно „маж“, па нека излезе пред граѓаните. Или, еве, нека напише на Фејсбук што му е, ако повеќе го бидува со пишувањето. Но нека каже нешто – каде е, што го боли и дали ќе се враќа! Оти срамота е вака.

Законот за локална самоуправа пропишува дека на градоначалникот му престанува мандатот по сила на закон само доколку поднесе оставка, во случај на смрт, ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на казна затвор во траење над шест месеци, ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност, доколку настапи случај на неспоивост за вршење на функцијата според закон, во случај на неоправдано отсуство подолго од шест месеци и ако престане да биде жител на општината. За оправданоста или неоправданоста на отсуството одлучува Советот на општината со двотретинско мнозинство од вкупниот број членови.

Дали Лукровски планира неоправдано да биде отсутен шест месеци, па Советот да го спаси од должноста?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот