Даница Павловска

Визија за мегапроектот Европска престолнина на културата – Скопје 2028

Се очекува секоја културна установа во градот да достави до одговорниот субјект за мегапроектот ЕПК СК 2028 (што значи Фондацијата и придружните структури) предлог-програма за своето учество и таа потоа да биде проверена, одобрена и буџетски проектирана навреме.

Ова добронамерно обраќање претставува обид за создавање мисловна подлога за надлежните, а во врска со програмите на делување и активности за остварување на титулата Европска престолнина на културата – Скопје 2028, при што се изнесуваат предлози што имаат просторна димензија и кои побаруваат повеќе време за реализација. Така, преку однапред направена професионална процена, најсигурно се доближуваме до визијата на посакуваното.

Пред сè, се очекува секоја културна установа во градот да достави до одговорниот субјект за мегапроектот ЕПК СК 2028 (што значи Фондацијата и придружните структури) предлог-програма за своето учество и таа потоа да биде проверена, одобрена и буџетски проектирана навреме.

Јавен простор

Потребна е софистицирана прецизна урбанистичка дефиниција на погодни јавни градски простори и „меѓупростори“ и работење на нивно иновирање со примена на хуманата димензија и современите принципи. Филозофијата во таа сфера е особено фокусирана на зголемувањето на пешачки облагородени површини во самиот центар на градот (плоштадот „Македонија“ и околу него) за што постои извонреден базичен акт (Извештај од проектот со проф. Јан Гел) за прогласување на нова пешачка зона во центарот на градот со нови граници, нов режим на користење, ново сообраќајно решение. Предлогот е оваа година да се воспостави пробен период на користење на така проширената пешачка зона (во викендите) и анкетирање на граѓаните на таа тема.

Приоритет е итно реновирање на постојни и изградба на нови јавни тоалети во централното градско подрачје и низ целиот град, како и на јавните чешми со поправка и редизајн на постојните и поставување нови (измена и дополна на Програмата за урбана опрема на Град Скопје).

Со оглед на богатото културно наследство и можностите со културниот туризам врзан за ЕПК СК2028, се бара анализа за статусно одредување приоритети според критериумите и режимите на самата заштита. Познати се исказите на политичка волја и ставовите наследството разумно и организирано да се негува и штити (Шалтер сала, Универзална, музеите на Кале и др.), но роковите се веќе „тесни“, така што недостасува оперативна брза реализација. Значи, потребно е да се ефектуира користењето на секоја градителска или која било физичка вредност од минатото по принцип на самоодржувачко управување. Секоја вредност треба да добие правен легитимитет, форма и содржина за да ѝ се овозможи да „заживее“ и да може да се стави во функција во 2028 година.

Во процесот на ревитализација и анимација на јавните градски простори треба да се поттикне идејноста кај младите, при што прво да се осознаат и да се применат веќе постојни предлози од студенти на факултетите за архитектура и дизајн, а да се направи повик за нови и свежи идеи од младите, генерално. Тој тип практична и афирмативна соработка ја одобруваат и би била многузначна.

Практикувањето огласи и тендери не е пожелно во оваа фаза на програмирање и штедење на време за ЕПК СК2028, но и очигледно е одбегнувањето на компетицијата преку институцијата конкурс на што всушност треба да се инсистира како одраз на јавниот интерес и општото добро.

Зелена аксијала

Идејата за зелена аксијала дојде по една експертска процена на групациите на зеленилото долж реката Вардар како специфична просторна екоструктура со доволно релевантности за посебен заеднички третман, за обединување во една зелена патека.

– Преку анализирање и евидентирање на веќе создаденото вредносно зеленило и погодни контексти на низа од ново масовно зеленило да се создаде фактичка подлога за поголема градска интервенција – создавање централна зелена градска оска;
– Дефинирање на зафатот (Езеро Треска, Сарај, Ѓорче, Хром, Влае, Градски парк, мостови, Кале, Гази Баба, Аеродром или Железара, Макстил или…) со прецизно означување на границите на тематскиот простор и акцептирање на постојната урбанистичка и катастарска документација за него;
– Изготвување оперативен план што ќе зафати повеќе аспекти низ високи етички, културолошки, социјални и естетски критериуми за одредување приоритети;
– Поврзувањето на зеленилото во една оска да подразбира и сериозно согледување на перформансите на постојниот озеленет градски простор, и негова надградба со нови содржини;
– Комуникацијата во и околу коридорот професионално да биде составен дел од урбанистичко и пејзажно дефинирање со насочување кон постојаните и повремените корисници – граѓаните, посетителите, туристите…;
– Модусот на уредување на просторот е со хортикултурни решенија и проекти врз детална регулација на урбанистичките парцели.

Се очекува софистициран приод кон „меѓупросторите“ како врзни елементи на новосоздадената една единствена просторна целина именувана како зелена аксијала.

Град на липите

Акцентирање на спецификата и поетиката на градот Скопје со неговите липи подразбира итна акција на создавање во неговото урбано ткиво поголем фонд од ова дрво. Бројката би се движела од 100 до 200 илјади садници и десетина нови паркови-шуми, па во јуни ќе мириса на чај баш целиот град. Тоа и би требало да стане тема и инспирација на низа кулинарски перформанси врзани за липа и чај…

Особена погодна форма би биле тематските садења липи и други автохтони дрвја како секојдневно практикување: на пример, садница за секое родено дете или за склучен брак или за кој било друг мотив.

Празнување на светлината

Секој викенд во годината 2028 да се одржуваат празнувања со светлосни перформанси и уметнички инсталации, со светлечки ефекти на фасадите и на небото, а за што програмски и оперативно треба да се ангажира специјализирана компанија. Тој одбран стопански субјект би бил задолжен и за воспоставување и одржување на холограми на секој сквер, мал или голем плоштад, на секој погоден отворен јавен простор во градот и сл. Се предлага тоа да бидат ликови битни за македонскиот идентитет и препознатливи за паметење, односно ликови од културата, историјата, митологијата достојни за глорификација.

 (Не) функционални простори и објекти

Секој град содржи „напластени слоеви“ – траги од своето живеење, развој, подеми и падови. Постои можност или поточно обврска оние објекти и простори што не се во функција, а имаат соодветна референца и кондиција, да станат дел од ЕПК СК 2028, да станат културолошки пунктови, со мали интервенции да добијат соодветна намена само во подготвителниот период на ЕПК СК2028 или само во годината 2028.

На пример, таква е куќата на Манушеви спроти Грчката амбасада (посебен фото прилог) која не се користи иако е во кондиција и истовремено податлива за мала интервенција (чистење, варосување, ентериерно уредување, користење на дворот и сл.), која всушност лесно би овозможила нова содржина. Секако, куќата останува во приватна сопственост, но понудена е да се отстапи на користење без надоместок, а за потребите на ЕПК СК2028.

Арапска куќа е експлицитна „светла“ точка во градската колективна меморија што заслужува фокус на воспоставување договор за изнаоѓање на форма за нејзино ставање во функција на ЕПК СК2028.

Објектот наречен Домче во Тафталиџе (кој е отстапен на Социјалистичка партија) претставува еклатантен пример на архитектонскиот уметнички израз брутализам и може да влезе во трасите на тематските туристички тури што веќе се реализираат во градот. За жал, неодговорниот однос кон таа вредност, го доведе објектот во бедна состојба и сите нè осиромаши за моќно пулсирање на културниот живот во градот.

Секако постојат и напуштени фабрики, магацини и складишта како Хром, Стаклара, Славија… за кои е потребно мало дополнување на веќе изготвените проекти за ревитализација и пренамена (МАРХ) и дополна со увид на моменталната состојба. Мапирањето на сите потенцијални (браунфилд) простори би било од голема корист заради соодветно одбирање и процена. Потребно е и завршување на отпочнати, а незавршени градежни (фасадни) интервенции во јавните простори, но секако и отстранување на некои постојни извонредно непотребни структури како напуштениот постамент на скулптурата на Мајка Тереза на ул. „Орце Николов“.

Значајните точки во градот, особено оние што се дел од колективната меморија, веќе се поврзани во турите со интерпретација кои ги водат архитекти, конзерватори, интерпретатори и сл. Но тие градски репери мора да имаат ознаки и именувања. Денешната нивна инфо-состојба е срамно сиромашна и недопустлива. Се предлага акција со еден интервентен проект за формата, местото и поставувањето на инфо-табли, поединечни ознаки и елементарни податоци и информации за секоја битна точка, објект, површина, простор во градот (Вијадуктот, Градскиот парк, Франкофонскиот парк, Спомен белегот на децата бегалци, Сидрото до Камени мост, Свечената гробница во Бутел и др.). Слободна процена е потребата од 20 инфо-табли, 50 плочи со податоци и текстови, 100 мали метални плочки (со името на делото и авторот).

Потребна е однапред (значи, сега и веднаш!) маркетиншки подготвена кампања за општа широка мобилизација и ангажирање на граѓаните со цел да им станат блиски и емпатијата и доблеста и волонтерството кон ЕПК СК2028. Припадноста и заедништвото мора да станат поттикнувачки мотив на секој жител на градот.

(Авторката е дипл. инж. архитект)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот