Јунски палимпсест
Од оваа држава би заминал бидејќи не сакам да зависам од разбрани сожители што од некомпетентни, политички нуспродукти прават божества.
Врз постјугословенскиот палимпсест со големи, црни букви е изгравирано прашањето: „Зошто младите бегаат оттука?“ Го презирам ова прашање. Ја презирам леснотијата со која сите млади се фрлаат во еден ист куп на маса. Јуни почна со температура од 30 степени Целзиусови. Вистинско лето.
Препорачано
На клупата на автобуската станица на третиот влез од Радишани седеше девојче загледано во телефонот. Брзав кон станицата за да ја стигнам 57-цата што требаше да тргне во 13:32 часот. 57-ца пристигна во 14:12. Според обновениот распоред на новата страна на ЈСП, автобуси требаше да тргнат од почетната станица во 13:32, 13:45 и 13:58 часот. Кај нас шминката е поважна од суштината. Во тие четириесет минути без автобус, станицата се наполни со луѓе. Во 14:10 часот на улицата во спротивен правец застана 57-ца и од неа се симна една жена, иако таму немаше постојка. „Чекав од десет до еден“, ѝ довикна на пријателка од нашата страна на улицата. „Тешко вас надолу со гужвата.“
Го гледав Александар Видиновски во гостување на „Еден на еден“. Зборуваше како ги разбирал Македонците што се расправале на социјални мрежи со нашите соседи. Немале што друго да прават. Неколку недели подоцна на неговата емисија гостуваше Латас, во одбрана на македонското достоинство – повод срамното навредување на Каролина Гочева од страна на Комитите и шовинистичкото, иредентистичко однесување на клубот Шкендија. Јас би сакал да ја имам леснотијата на Видиновски во разбирањето на нашите сожители. Не ја разбирам леснотијата со која Латас е оставен да зборува во име на достоинството. Ама разбирам што така лесно е повторно гостин во кредибилна емисија.
Младите се флуидна категорија. Кога бев јас дел од таа категорија, бардот на македонското достоинство заедно со нашите разбрани сожители учествуваа во најсрамните државни криминали. Тогаш се набавија овие третокласни двокатни автобуси од кинеска компанија што во меѓувреме отиде во стечај и го остави јавното претпријатие без резервни делови.
Една деценија подоцна истите разбрани сожители гласаа за кандидатка за градоначалничка на градот Скопје по налог на партијата. Главното предизборно ветување беше бесплатен јавен превоз. Кога партијата ја блокираше, немаше реакции. Почекаа да помине мандатот – четири години без нови набавки па истите тие без око да им трепне го избраа сегашниот градоначалник.
Помпезната најава од новиот градоначалник за обнова на јавниот превоз во градот Скопје заврши со пропаднат тендер. Повторно без реакции. Следуваше нов тендер. Повторно помпезно најавен. Наратив за неспособноста на градоначалникот нема. Најавата за автобусите е еднаква на нивната набавка. Реакции нема. Шминката тука е поважна од суштината. Особено кога победува твојот кандидат.
Кандидат со средно образование од периферијата на градот без ден работно искуство освен по директива на партијата. Тие кандидати не патуваат со јавен превоз. Тие имаат службени возила. За нашите разбрани сожители некомпетентноста е прашање на вкус.
Затоа ќе дадам одговор на прашањето иако веќе не влегувам во категоријата млад: од оваа држава би заминал бидејќи не сакам да зависам од разбрани сожители кои од некомпетентни, политички нуспродукти прават божества.
Што се однесува до Видиновски и неговиот јавен ангажман, нашите разбрани сожители одамна го отфрлија братството и единството. Без двоумење го поддржаа патот на гангстери и криминалци да роварат со јавниот простор во државата и во Скопје. Простор макотрпно граден со солидарност и работни акции. После повеќе од половина милион легализирани дивоградби, хациенди во национални паркови и во заштитени подрачја на УНЕСКО, чистењето на две-три ќошиња зад МТВ звучи повеќе како незрела пародија отколку како патриотизам.
(Авторот е молекуларен биолог)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


