Шаја Лабаф призна вина за напад на тројца мажи, доби условна казна
Глумецот Шаја Лабаф призна вина по три точки од обвинението за полесен напад по инцидентот што се случил во февруари пред бар во Њу Орлеанс за време на прославите на Марди Гра, пренесува „Гардијан“.
Препорачано
Според полицискиот извештај и видеоснимките од настанот на 17 февруари, Лабаф, кој бил без маица, турнал едно лице на земја, удрил друго во лицето и со глава нападнал трето лице. Полицијата навела дека инцидентот се случил околу 00:45 часот пред барот „Ар Бар“ во населбата Марини.
Судот во Њу Орлеанс тогаш му нареди на актерот Шаја Лабаф да се врати на третман за зависност од дрога и алкохол и му одреди кауција од 100.000 долари, откако беше обвинет по две точки за напад во тепачка пред еден бар.
По признавањето на вината пред Кривичниот окружен суд во Њу Орлеанс, на Лабаф му е изречена условна казна во траење од две години. Тој е задолжен да посетува програма за лекување од зависност од алкохол, обука за сензибилизација и часови за контрола на гневот. Доколку не ги исполни условите на условната казна, ќе мора да помине шест месеци во затвор во Њу Орлеанс, соопшти локалното обвинителство.
Адвокатката на Лабаф, Сара Червински, изјави дека нејзиниот клиент сака да се посвети на семејството, работата и новите креативни проекти. Таа нагласи дека истрагата покажала оти станувало збор за „ништо повеќе од помала тепачка во бар“ за време на утрото на празникот Марди Гра. Воедно ги отфрли тврдењата дека постапките на актерот биле мотивирани од предрасуди, иако постојат видеоснимки на кои се слуша како упатува навреди кон жртвите поради нивната сексуална определба.
Меѓу нападнатите бил и локалниот забавувач Џефри Дамнит, кого полицијата го идентификувала како Џефри Клајн.
Во изјава за новинските агенции тој рекол: „Ме удри, ме погоди неколкупати со тупаници, ме оттурна неколкупати.“
Дамнит изјавил дека Лабаф „едноставно полудел“, се обидувал да започне тепачка, им се заканувал на присутните дека ќе ги претепа и претходно во текот на вечерта им упатувал навреди и закани. Според неговото сведочење и полицискиот извештај, тој и други присутни го совладале актерот и се обиделе да го оттурнат од местото, но тој одбивал да си замине и станувал сè поагресивен.
Формалните обвиненија против Лабаф биле поднесени на 21 мај од канцеларијата на окружниот обвинител Џејсон Вилијамс. Тој соопшти дека обвинителството разговарало со сите жртви пред постигнувањето на спогодбата и дека сите ја поддржале постигнатата разрешница.
„Спогодбата создава значајни правни последици и обврзувачки услови за во иднина. Ако тие услови бидат прекршени, предвидени се реални казни“, соопштило обвинителството.
Червински додаде дека Лабаф, кој во декември купил дом во Њу Орлеанс, се појавил на суд со намера да преземе одговорност за својот дел од настаните и дека тоа го направил со признавањето на вината.
Ова не е првпат актерот да се соочи со законски проблеми. Во 2017 година беше уапсен во Њујорк поради сомнение за напад, а подоцна беше приведен и во Џорџија поради пијанство на јавно место и нарушување на јавниот ред и мир. Во 2020 година се соочи со обвиненија за прекршочен напад и ситна кражба во Лос Анџелес. Истата година пејачката и актерка Талија Барнет, попозната како Еф-Кеј-Еј Твигс, поднесе тужба во која тврдеше дека била физички и емоционално злоупотребувана од Лабаф. Спорот беше решен со спогодба во јули.


