Максим Димитриевски - Венко Филипче / Фото: „Слободен печат“

ЗНАМ вели дека ЕУ-патот не смее да биде со уцени — СДСМ тврди дека партијата ја брани политиката на изолација

Посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претставува значајна потврда за напредокот на земјата во спроведувањето на реформите и процесот на европска интеграција. Пораките од посетата се доказ дека реформските активности на државата се препознаени од европските институции и дека Македонија бележи видлив напредок на европскиот пат, оценуваат од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија.

„Македонија денес е препознаена како една од најуспешните земји во регионот во спроведувањето на реформските процеси. Особено значајно е што токму ресорите предводени од кадри на ЗНАМ се меѓу клучните носители на реформскиот напредок, институционалната модернизација и ефикасното спроведување на владините политики“, велат од партијата која е дел власта.

Претседателот на Европскиот совет денеска во Скопје на средба со Мицкоски

 

Од ЗНАМ оценуваат дека резултатите од реформите претставуваат дополнителен мотив за продолжување на процесот на европска интеграција, но истовремено нагласуваат дека националното достоинство, идентитетот и државните интереси не смеат да бидат предмет на условувања.

„Токму затоа заштитата на националното достоинство останува нашата црвена линија“, велат од партијата.

Во соопштението се наведува дека европската интеграција треба да се темели на исполнување на критериумите, реформите и заслугите, а не на билатерални барања кои ги надминуваат европските принципи и стандарди.

Од ЗНАМ посочуваат дека остануваат силно посветени на членството на Македонија во Европската Унија, но и на ставот дека нема да прифатат политики на уцени, диктати и поставување нови услови во текот на пристапниот процес.

„Нашата поддршка за европската иднина на Македонија е недвосмислена, но исто така недвосмислена е и нашата определба дека нема да прифатиме политика на уцени, диктати и бесконечно поместување на целта. Македонија останува посветена на европскиот пат, со крената глава и со самодоверба. Ќе продолжиме да спроведуваме реформи, да испорачуваме резултати и да ја градиме европската иднина на државата, но едновремено ќе останеме цврсти во одбраната на националното достоинство, кое за нас претставува непремостлива црвена линија“, се вели во соопштението.

„Ова е класична манипулација“

Од СДСМ, ставот на ЗНАМ го оценија како „класична манипулација“.
„ЗНАМ денеска излезе со соопштение во кое вели дека ЕУ интеграцијата мора да се темели на реформи, а не на „нови условувања”. Ова е класична манипулација. Нема нови условувања. Уставните измени се дел од европската преговарачка рамка уште од самиот почеток. Тоа не е ‘уцена’, туку основен услов за отворање на преговорите – што вчера јасно го потврди и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Реформи оваа власт не спроведува. Нека го прочитаат извештајот на Вајц и на Комитетот на Европскиот парламент. Таму јасно се вели дека нема напредок, нема владеење на правото и дека постои странско мешање. ЗНАМ, партијата создадена и финансирана од Мицкоски за да ја разбие опозицијата, повторно ја брани политиката на изолација“, оценија од СДСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот