Спречен влез на стотици тони небезбедна храна, вратени пратки од граница и изречени илјадници казни
Повеќе од 367 тони небезбедна храна било спречено да стигнат до трпезите на граѓаните во текот на изминатите две години, откри директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, на одбележувањето на 15-годишнината од постоењето на институцијата и Светскиот ден на безбедноста на храната.
Препорачано
Според Миланов, само во 2024 и 2025 година биле засилени инспекциските контроли на домашното производство, прометот и увозот на храна, при што било спречено повеќе од 80 тони храна од неживотинско потекло и над 287 тони храна од животинско потекло да завршат на македонскиот пазар.
Дополнително, како небезбедни биле вратени 16 пратки со храна од животинско потекло на граничните премини, три пратки биле уништени, а бил забранет увозот на уште девет пратки со храна од неживотинско потекло. Уништени биле и 90 тони увезена храна која не ги исполнувала безбедносните стандарди.
-Безбедната храна не е привилегија, туку основно право на секој граѓанин. Секој мора да биде сигурен дека храната што ја купува и консумира е безбедна – порача Миланов.
Тој нагласи дека минатата година АХВ спровела повеќе од 47.200 инспекциски надзори, а за утврдените неправилности биле изречени 6.770 инспекциски мерки. Според него, бројките ја потврдуваат посветеноста на институцијата во контролата на целиот синџир на производство и дистрибуција на храна.
Освен безбедноста на храната, Агенцијата значително внимание посветува и на здравствената заштита и благосостојбата на животните. Миланов истакна дека во континуитет се спроведуваат национални програми за превенција, контрола и искоренување на заразните болести кај животните, со цел заштита и на јавното здравје.
Посебен фокус, како што рече, е ставен и на спречувањето измами со храна. Сè почести се случаите на погрешно означување на производите, лажно претставување на потеклото или составот на храната и други практики кои можат да ги доведат потрошувачите во заблуда.
-Не ја штитиме само безбедноста на храната, туку и правото на потрошувачите да добијат точни и веродостојни информации за производите што ги купуваат- истакна Миланов.
На настанот се обрати и вицепремиерот Љупчо Димовски, кој оцени дека безбедноста на храната денес претставува прашање на национална безбедност, особено во услови на климатски промени, појава на нови болести и нарушени синџири на снабдување.
Тој нагласи дека концептот „Едно здравје“, кој ја поврзува грижата за луѓето, животните и животната средина, станува сè поважен во современиот свет.
-Безбедната храна почнува со здрави животни, контролирано производство и ефикасен институционален надзор. Тоа е единствениот начин да се зачува довербата на граѓаните – рече Димовски.
Според него, позитивен сигнал е и растечката свест кај компаниите и потрошувачите за важноста на стандардите за квалитет и безбедност на храната. Владата, додаде тој, останува посветена на понатамошно јакнење на капацитетите на АХВ и на институциите кои се грижат за јавното здравје.
Јубилејот на Агенцијата беше искористен и како потсетување дека безбедноста на храната не се мери само преку бројот на контроли и казни, туку и преку довербата на граѓаните дека храната која секојдневно ја консумираат е безбедна, контролирана и произведена според највисоките стандарди.


