Трамп и Нетанјаху во Кнесетот/Фото: Evan Vucci / AFP / Profimedia

Нетанјаху му стои на патот на Трамп

Ако треба да има мировен договор меѓу САД и Иран, тој ќе мора да помине низ позната пречка — Бенјамин Нетанјаху. Израелските воени операции во Либан станаа спорна точка во разговорите за потенцијално отворање на Ормускиот Теснец — повторно ставајќи го на тест нестабилниот сојуз меѓу Доналд Трамп и Нетанјаху, анализира „Гардијан“.

Овој пат, израелскиот премиер е под исклучителен притисок да покаже дека неговите кампањи против Хамас, Хезболах и Иран донеле резултати, додека се соочува со избори на кои неговото политичко преживување е доведено во прашање.

Заканите на израелскиот лидер во понеделникот дека ќе ги бомбардира јужните предградија на Бејрут за да го истисне Хезболах го натераа Иран да соопшти дека ќе ги прекине преговорите со САД додека тој конфликт не биде замрзнат. Трамп, соочен со пропаѓање на разговорите откако тврдеше дека договорот е неизбежен, одговори: „Мислам дека премногу зборуваме“.

Израелски проектил уби српски војник во Либан откако погоди база на ОН

Жестока расправија меѓу Трамп и Нетанјаху

Кризата кулминираше со телефонски разговор, според една верзија бурен, меѓу Трамп и Нетанјаху.

„Што, по ѓаволите, правиш?“, му рекол Трамп на израелскиот премиер, според функционер.

„Ќе беше во затвор да не бев јас“, друг извор ги опишал зборовите на Трамп.

Таа верзија се оспорува. Израелскиот Канал 12 објави дека во суштина станувало збор за недоразбирање меѓу двајцата.

„Трамп сметал дека Нетанјаху навестил дека војната продолжува со полн интензитет, додека, пак, Нетанјаху сметал дека Трамп навестил целосен прекин на огнот“, напиша Амит Сегал, главниот политички аналитичар на каналот, повикувајќи се на близок соработник на Нетанјаху.

„Имаше мал застој денеска, но многу брзо го средив тоа, како што веројатно забележавте порано“, изјави подоцна Трамп за „Еј-би-си њуз“.

Нетанјаху има работено со петмина американски претседатели откако првпат стана премиер на Израел во 1996 година и е познат по тоа што успевал да ги извади од такт сите.

— Кој е, по ѓаволите, суперсилата овде? — наводно извикал Бил Клинтон по нивната прва средба во 1996 година.

Но, ова е особено тежок момент за Нетанјаху. Во понеделникот, Кнесетот со 106 гласа „за“ и ниеден „против“ го усвои првото читање на предлог-закон за распуштање на израелскиот парламент, а предвремени избори се очекуваат наесен. По претходниот раст на поддршката во анкетите по успешните удари врз иранското раководство, рејтингот на Нетанјаху падна бидејќи војната со Иран, како и конфликтите во Газа и Либан, се одолговлекоа.

Израел и Либан наводно се согласиле за целосно примирје — Ерусалим продолжи со нападите

„Нетанјаху нема убедлива приказна“

Според Илан Голденберг, поранешен советник за Блискиот Исток во тимот на Камала Харис и поранешен функционер за Иран во Пентагон, Нетанјаху во пресрет на изборите нема убедлива политичка приказна со која може да настапи пред јавноста.

Затоа, оценува тој, израелскиот премиер мора или да прикаже победа во Либан, или барем да создаде впечаток дека борбата продолжува и дека тој сè уште работи за „целосна победа“.

Таквата порака, според Голденберг, е политички поповолна од признавање дека заканите од Хезболах и Иран не се отстранети.

Во исто време, продолжуваат и судските рочишта против Нетанјаху во случајот за измама и поткуп, кој долго време се одложува. Тој честопати ја користи безбедносната состојба во Израел како аргумент за одложување на процесот, со што неговиот политички опстанок сè повеќе се поврзува и со неговата лична правна судбина.

Иако Нетанјаху успеа да го убеди Трамп за заеднички удар врз Иран, сега американските политички пресметки може да добијат предност. Трамп јавно тврди дека не е загрижен за меѓуизборите, но често ги користи економските показатели, особено цените на горивото, како доказ за успехот на својата администрација. Затоа Вашингтон можеби сака да покаже дека не дозволува Нетанјаху да ја диктира американската политика.

По разговорот со Трамп, Нетанјаху најави дека Израел нема да го нападне Бејрут ако Хезболах прв не нападне, но израелските удари во Либан продолжија. Паралелно, Иран ја користи контролата врз Ормускиот Теснец како притисок врз САД, додека американската блокада силно ја погодува неговата економија. Останува неизвесно дали израелските операции во Либан ќе бидат црвена линија за Техеран. Трамп, пак, уверува дека договорот е близу.

Нетанјаху на војската ѝ наредил да се движи подлабоко во Либан – целта е нов напад врз Хезболах

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот