Будимпешта и Киев најдоа заеднички јазик за правата на Унгарците во Украина
Унгарскиот премиер Петер Маѓар вчера изјави дека Унгарија и Украина постигнале договор за правата на унгарското малцинство во Украина, што би можело да овозможи одобрување на првиот кластер, односно група преговарачки поглавја, во пристапните преговори на Украина со ЕУ, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Договорот претставува потенцијален пробив во долготрајниот спор околу малцинските права, кој ги оптоваруваше односите меѓу Будимпешта и Киев и ја усложнуваше поддршката на Унгарија за европските амбиции на Украина.
Секој чекор од пристапниот процес, кој е поделен на поглавја и на кластери од политички области, бара одобрување од сите земји членки на ЕУ.
„Постигнавме пробив во нашите разговори со Украина за јазичните, културните и за образовните права на етничкото унгарско малцинство“, напиша Маѓар во објава на „Фејсбук“ за време на официјалната посета на Париз.
Украина и Молдавија на чекор од формални преговори за влез во ЕУ
Маѓар, кој на изборите во април го собори својот проруски ориентиран претходник Виктор Орбан, завчера изјави дека е подготвен следната недела да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски за да отвори ново поглавје во односите, доколку биде постигнат договор за малцинските права.
Потоплите односи меѓу Унгарија и Украина се клучни за поддршката на Европската Унија за Киев во војната на Русија против Украина, со оглед на тоа што Орбан се противеше на испраќањето милијарди евра помош за Украина и на нејзиното членство во ЕУ.
Маѓар, иако помалку остар кон Киев, повтори дека Будимпешта ќе поддржи напредок на Украина кон ЕУ само ако бидат гарантирани правата на околу 100.000 Унгарци.
Според договорот, Киев треба да го обнови малцинското образование, да дозволи употреба на мајчин јазик во училиштата, испити на унгарски и користење национални симболи.
Договореното треба да влезе во законите и во пристапниот акциски план, но Будимпешта сепак засега не прифаќа забрзани преговори за членство.
Партијата на Маѓар предлага закон со кој Орбан никогаш повеќе нема да може да биде премиер


