EPA/ROBERT HEGEDUS HUNGARY OUT

Партијата на Маѓар предлага закон со кој Орбан никогаш повеќе нема да може да биде премиер

Владејачката унгарска партија Тиса вчера вечерта во парламентот поднесе предлог за уставен амандман со кој премиерскиот мандат би се ограничил на најмногу осум години, што законски би го оневозможило враќањето на поранешниот претседател на владата, Виктор Орбан, на таа функција, пренесува Ројтерс.

Актуелниот премиер Петер Маѓар изјави дека ќе го искористи двотретинското мнозинство во парламентот за да ги поништи и измени законите донесени од партијата Фидес на Орбан, вклучувајќи го и Уставот.

„Целта е да се обнови демократскиот баланс меѓу трите столба на власта“, рече Маѓар.

Според нацрт-амандманот објавен на веб-страницата на парламентот, лицата кои претходно биле на функцијата претседател на владата најмалку осум години „не може повторно да бидат избрани за премиер“. Ова правило би се применувало за сите премиерски мандати по 2 мај 1990 година. Исто така, предлогот предвидува премиерот да мора да отстапи од функцијата по вкупно осум години стаж, односно по два мандата.

Амандманот го подготвува теренот и за укинување на Канцеларијата за заштита на суверенитетот, тело што Орбан го основаше во 2023 година, кое водеше регистар на медиуми кои се сметаа за закана за унгарскиот суверенитет и имаше овластување да ги истражува нивните активности.

Владата на Маѓар, врз основа на овие измени, би можела да ја преземе и контролата врз фондациите кои управуваат со дваесетина универзитети, а се отвора и можност за нивно распуштање. Во тој случај, државниот имот во вредност од повеќе стотици милијарди форинти, кој владата на Орбан им го додели на тие фондации, би се вратил во сопственост на државата.

„Амандманот јасно нагласува дека иако фондациите се приватни ентитети, нивниот имот е државен имот“, се наведува во текстот на законскиот предлог.

Актуелниот премиер Петер Маѓар на изборите во април го собори од власт Виктор Орбан по 16 години владеење, а притоа најави повеќе реформи и антикорупциски мерки, како и одмрзнување на европските фондови.

Кој е Петер Маѓар, човекот што го собори својот детски идол Орбан?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот