Фото: Pexels / Brett Jordan

ЕУ бара од „Фејсбук“ и „Инстаграм“ да го променат својот „зависнички дизајн“ и се заканува со казни

Европската комисија прелиминарно утврди дека двете најпопуларни социјални мрежи во светот, во сопственост на американската технолошка компанија „Мета“, го прекршуваат Законот за дигитални услуги поради нивниот дизајн што предизвикува зависност.

Истрагата на Комисијата се фокусираше на функции како што се бесконечно „скролање“, автоматско пуштање, „пуш“ известувања и високо персонализирани системи за препораки.

Истрагата покажува дека „Мета“ не успеала соодветно да ги процени ризиците од нејзиниот дизајн што предизвикува зависност за физичката и менталната благосостојба на корисниците, вклучувајќи ги малолетниците и ранливите возрасни лица.

Мета сега има право на одбрана, да ги испита документите во досието за истрага на Комисијата и да одговори писмено на прелиминарните наоди на Комисијата.

Доколку прелиминарните наоди конечно се потврдат, Комисијата може да изрече финансиска казна пропорционална на природата, сериозноста, фреквенцијата и времетраењето на прекршокот. Казната може да биде до шест проценти од годишниот промет, што во случајот на Мета може да изнесува повеќе од 12 милијарди евра.

Комисијата тврди дека „Мета“ не ги зела предвид одредени карактеристики на дизајнот на „Инстаграм“ и „Фејсбук“, како што се високо персонализираните препораки, автоматското пуштање и бесконечното „скролање“, кои постојано им презентираат нова содржина на корисниците. Овие карактеристики ги охрабруваат корисниците постојано да скролаат и да го ставаат мозокот на „автопилот“, придонесувајќи за нездрави навики и компулсивно користење.

Комисијата додава дека „Мета“ ги игнорирала достапните информации за времето што малолетниците го поминуваат на Инстаграм или Фејсбук навечер.

Според Комисијата, мерките за ублажување на ризикот што ги презема Мета се неефикасни. На пример, алатките за управување со времето за деца, како што се дневните ограничувања или паузите, можат лесно да се деактивираат. Родителските контроли на „Инстаграм“ и „Фејсбук“ се ефикасни само ако родителите имаат доволно техничко знаење и одвојат време навистина да разберат како функционираат овие мрежи.

Комисијата предлага, меѓу другото, бесконечното скролање и автоматското пуштање видеа да бидат оневозможени по дифолт и да се воведат ефективни паузи за време на времето поминато пред екран.

„Мета“ се соочува со казна од 1,4 билиони долари ако се докаже дека „Фејсбук“ и „Инстаграм“ го нарушуваат менталното здравје на тинејџерите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот