Фото: Принтскрин / Фејсбук/Служба за безбедност на Украина

ВИДЕО | Украина нападна руски бродови кај Крим, расте стравот од недостиг на гориво

Украинската војска ги засили нападите во близина на Крим, откако по нападите врз рускиот копнен коридор кон полуостровот почна да ги таргетира и поморските линии за снабдување, објави „Би-би-си“.

Командантот на украинските беспилотни сили, Роберт Бровди, познат како Маѓар, тврди дека во изминатите четири дена биле погодени и запалени најмалку 25 бродови во Азовското Море.

Таквите загуби за толку краток период претставуваат сериозен удар за руските поморски капацитети, како и за гаранциите на Владимир Путин за одржување на резервите на гориво.

Нападите се чини дека се најновата фаза од украинската самопрогласена „логистичка блокада“, чија цел е прекин на снабдувањето и на транспортните врски кон и од окупираниот Крим.

Украинската војска наведува дека биле погодени 36 бродови, од кои повеќето припаѓаат на таканаречената „флота во сенка“ на Русија, составена од комерцијални танкери за нафта.

Точниот број не е потврден, бидејќи некои бродови можеби биле погодени повеќепати, а сите напади не се независно потврдени.

Присуството на танкери во Азовското Море, покрај североисточниот брег на окупираниот Крим, е честа појава, бидејќи во пристаништето Керч на самиот полуостров има постројка за товарење нафта.

Пристаништето Керч беше нападнато од Украина минатиот месец, а анализата на сателитски снимки покажува дека бројот на танкери во таа област подоцна се намалил.

Ноќни снимки од најновите напади почнале да се појавуваат на социјалните мрежи во вторникот рано наутро, а Бровди објави детали за нападите што се случиле секој ден од 6 до 9 јули.

Гувернерот на руската Ростовска Област, Јуриј Сљусар, изјави дека во средата два празни танкери биле нападнати во Таганрошкиот Залив, во североисточниот дел на Азовското Море, и дека тие сè уште гореле во четвртокот.

Бровди тврди дека два танкери нападнати претходно оваа недела пренесувале по околу 7.000 тони гориво од областа Таганрог кон Крим.

Шефот на украинските сили за беспилотни системи наведе дека меѓу погодените танкери биле „Венера-3“, „Санар-1“, „Санар-17“, „Климена“, „Тетис“, „Алексеј Саврасов“ и „Пенелопа“.

Наредив 40-дневна кампања да ја принудиме Русија да ја заврши војната, вели Зеленски

Криза со гориво

Нападите врз танкерите се случуваат паралелно со континуираните украински напади врз руски рафинерии за нафта, што предизвикаа широко распространет недостиг на гориво низ земјата, вклучително и во Москва и во Санкт Петербург.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека со напади врз рафинериите Киев соодветно одговара на руските напади и дека Русите мора „да почувствуваат дека нивната држава е таа што води војна“.

Тој посочи и на два дополнителни напади врз складишта за нафта во регионите Твер и Ставропол, стотици километри од линијата на фронтот, како и врз неименуван нафтен терминал во Ростовската Област, за кој се верува дека станува збор за терминалот „Југ Руси“, во внатрешноста од Таганрошкиот Залив.

Американскиот претседател Доналд Трамп ја опиша стратегијата со дронови како ескалација за време на средбата со Зеленски на самитот на НАТО во Анкара, но додаде дека „тоа е и ескалација што може да помогне да се стави крај на конфликтот“.

Сепак, токму обемот на нападите со дронови врз руската поморска логистика се чини дека значително се зголемил во последните денови.

Бровди тврди дека во една ноќ, од средата кон четвртокот, биле нападнати 12 танкери, а руските провоени извори не го оспорија тврдењето.

Овие напади ќе бидат тежок удар за Русија, имајќи предвид дека капацитетите за преработка на нафта се намалуваат, а недостигот на гориво се зголемува, особено на Крим.

Кон крајот на јуни, Владимир Путин процени дека месечните потреби на Крим за гориво изнесуваат 70.000 тони и вети дека ќе обезбеди снабдување на полуостровот со зголемување на испораките и по копнен и по морски пат.

Танкерите нападнати во Азовското Море можеби пренесувале значително поголеми количини од тоа.

Во моментов, во повеќе од 90 отсто од руските региони има ограничувања во снабдувањето со гориво или недостиг, а Русија веќе воведе забрана за извоз на дизел. Во најголемите градови се пријавуваат долги редици пред бензинските пумпи.

Путин забрани извоз на бензин од Русија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот