Имате јавен профил на Инстаграм? Вашите фотографии може да завршат во вештачка интелигенција без воопшто да знаете
Новата алатка за генерирање слики со вештачка интелигенција на „Мета“, наречена Мјуз имиџ, предизвика загриженост кај експертите за приватност, бидејќи по автоматски поставки може да користи фотографии од јавни профили на Инстаграм како основа за создавање нови слики, пишува „Гардијан“.
Препорачано
Со алатката, која беше претставена во вторникот, корисниците можат да означуваат јавни профили на Инстаграм и да генерираат фотографии што ги користат лицата прикажани на објавените фотографии. Притоа, сопствениците на профилите не добиваат известување дека нивните фотографии се искористени во процесот.
Од „Мета“ наведуваат дека Мјуз имиџ е нивниот „најнапреден модел за генерирање слики досега“ и тврдат дека уште од самиот почеток е развиен со строги безбедносни мерки.
„Приватните профили и профилите на корисници помлади од 18 години автоматски се исклучени. Возрасните корисници со јавни профили можат лесно да ја исклучат оваа можност преку поставките“ соопшти компанијата.
Сепак, експертите за приватност сметаат дека ваквата опција не би требало да биде автоматски вклучена.
Според компанијата за сајбер-безбедност „Малвербајтс“, најсигурниот начин да се спречи користењето на фотографиите е јавниот профил да се префрли во приватен.
„Тоа е грубо, но ефикасно решение, бидејќи спречува непознати лица да го користат вашиот јавен профил како извор за генерирање содржина“, наведуваат од компанијата.
За оние што сакаат профилот да им остане јавен, „Мета“ препорачува во поставките на Инстаграм, во делот „Споделување и повторна употреба“, да ја исклучат опцијата што дозволува нивната содржина да се користи повторно.
Но, според експертите, проблемот е што оваа поставка е тешко достапна и многу корисници не се ни свесни дека нивните фотографии може да се користат за вештачка интелигенција.
Од компанијата „Протон“, која се занимава со заштита на приватноста, предупредуваат дека споделувањето податоци е автоматски вклучено, а опциите за исклучување се „скриени“ длабоко во менито. Дополнително, прекинувачите за вклучување и исклучување изгледаат речиси идентично, што го зголемува ризикот корисниците по грешка да ја остават функцијата активна.
Иако „Мета“ нагласува дека профилите на малолетници не можат да бидат користени како референца, компанијата сè уште не објаснила дали фотографии од деца што се појавуваат на јавни профили на возрасни лица можат да бидат искористени при создавање содржина со вештачка интелигенција.
Торин Клосовски, експерт за безбедност и приватност од Фондацијата за електронски граници, смета дека ваквата функција требало да биде доброволна, а не автоматски активирана.
„Ова е сосема нов начин на користење на фотографиите што луѓето со години ги објавувале јавно. Кога се регистрирале на Инстаграм, никој не очекувал дека нивните фотографии еден ден ќе служат како материјал за генеративна вештачка интелигенција“, вели Клосовски.
Во промотивните материјали, „Мета“ ја претставува Мјуз имиџ како алатка за безопасни задачи – од испробување модни комбинации и виртуелно облекување, до подобрување фотографии или создавање нови визуелни ефекти. Но, компанијата наведува и дека алатката може да комбинира повеќе референтни фотографии во една команда, вклучувајќи луѓе, предмети, облека, стилови и околини.
Токму оваа можност, според експертите, носи и најголеми ризици, бидејќи секој би можел да користи туѓ јавен профил како основа за создавање нови фотографии.
Во моментов, „Мјуз имиџ“ е достапна во апликацијата Мета ВИ, како дел од инстаграм-сториите во САД и на Ватсап во ограничен број земји. Компанијата веќе најави дека функцијата ќе биде проширена и на „Фејсбук“, како и дека во иднина ќе понуди слични можности за генерирање видеа.


