НАСА / Фото: AA/ABACA / Abaca Press / Profimedia

Ви се смачи од Земјата? НАСА регрутира доброволци за симулација на мисии до Месечината и Марс

Доколку некогаш сте се запрашале каков би бил животот на друга планета, НАСА сега ви нуди шанса да дознаете, барем до одреден степен.

Агенцијата бара четири учесници за својата програма за аналогно истражување на Месечината и Марс (MMEA), симулација што трае една година, дизајнирана да ги реплицира патувањата и животот на овие небесни тела.

Програмата, која ќе се спроведува во Вселенскиот центар Џонсон во Хјустон, е закажана да започне во август 2027 година, пишува Си-ен-ен.

Што ги очекува учесниците?

Иако не станува збор за вистинско патување во вселената, волонтерите ќе живеат во услови слични на вселената. Тие ќе живеат во тесни простории и ќе извршуваат задачи слични на оние на астронаутите, како што се одгледување култури, грижа за здравјето и симулирање вселенски прошетки.

Портпарол на НАСА изјави дека истражувачката програма ќе помогне во намалувањето на ризиците со кои би можеле да се соочат астронаутите.

– Волонтерските истражувачи даваат огромен придонес во нашето знаење помагајќи ѝ на НАСА да идентификува ризици и да тестира контрамерки за подобрување на човечките способности за време на долготрајни вселенски мисии – рекол тој.

НАСА вели дека проектот ќе проучува и како членовите на екипажот се приспособуваат на животот на Марс. Марсовиот ден, познат како сол, е околу 40 минути подолг од оној на Земјата, а таа разлика може да влијае на сонот, здравјето и работниот капацитет.

Строги услови за кандидатите

Кандидатите мора да бидат државјани на САД или постојани жители, да имаат помеѓу 30 и 55 години, иако може да се земат предвид кандидати надвор од тој опсег.

Тие исто така не смеат да бидат повисоки од 1,88 метри и мораат течно да зборуваат англиски јазик. Избраните учесници мора да бидат подготвени да се посветат на 14-месечен престој во Вселенскиот центар Џонсон, што вклучува 12 месеци во живеалишта и два месеци за обука пред и по мисијата.

Тие мора да поминат ригорозни физички и психолошки процени, да немаат ограничувања во исхраната и да немаат историја на месечарење или земање апчиња за спиење.

НАСА бара кандидати со „квалификации слични на астронаути“, што вклучува диплома по инженерство, биолошки науки, физика или математика. Исто така, се разгледуваат кандидати со напредни степени во СТЕМ областите и оние со воено искуство.

Живеење во две живеалишта

Портпаролката Келси Спајви објасни дека проектот ќе биде поделен во три фази.

– Првата фаза ќе се одвива во макета од 60 квадратни метри на вселенски брод, каде што волонтерите ќе живеат како да патуваат од Земјата до Месечината или Марс – рекла Спајви.

Четиричлениот екипаж ќе има свои мали простории за живеење, работа и спиење, како и мала бања.

Во втората фаза, која симулира живот на површината на друга планета, екипажот се преселува во објект од 84 квадратни метри. Таму, тие ќе одгледуваат свои култури, ќе се грижат за своето здравје и ќе вежбаат вселенски прошетки во песочна кутија што ја имитира површината на планетата.

– Третата фаза ќе биде враќање на Земјата во истото вселенско летало што беше користено за „заминување“ – додала Спајви.

Иако НАСА спроведе 28 симулирани мисии и две симулирани мисии на престој на површината, ова ќе биде првиот проект што ги комбинира двата елементи.

– Претходните мисии имаа живеалишта кои симулираа воспоставена и поголема база на површината. Сепак, мисиите на ММЕА се дизајнирани да симулираат порана фаза на инфраструктура на Марс, што исто така ќе ѝ помогне на НАСА да одговори на прашања за краткорочните цели на базата на Месечината – објаснила Спајви.

Искуство од прва рака на учесникот

Еден од учесниците во претходната симулација беше Натан Џонс, лекар од Илиноис. Додека работеше ноќни смени во 2021 година, наиде на статија во која се бараа волонтери. Две години подоцна, се најде во улога на медицински службеник на екипажот во рамките на Марс Дина Алфа, симулираното марсовско живеалиште на НАСА од 158 квадратни метри.

Тој изјави дека искуството ја зацврстило неговата желба да стане астронаут и додаде дека еден ден ќе биде заинтересиран за комерцијални вселенски летови.

Сепак, едногодишното истражување донесе и емоционални предизвици за Џонс, 43, од кои најголемиот беше одвојувањето од неговата сопруга и деца.

– Тешко беше да се пропуштат важни настани како родендени, празници, матури, погреби и свадби – рекол тој.

Џонс рече дека по мисијата, почнал повеќе да ги цени едноставните работи во животот.

– Храната на НАСА беше добра, но менито е ограничено по природа и ништо не беше свежо освен неколкуте зеленчуци што ги одгледувавме самите. Немаше сонце ниту ветер за време на мисијата. Па така, по мисијата, почнав да ги ценам тие работи на нов начин – заклучил тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот