„Ју ту“ - Фото: EPA/PAUL BERGEN

ВИДЕО | По девет години легендарните „Ју ту“ се враќаат со нов сингл и албум — одбележуваат 50 години постоење

Легендарниот ирски рок-бенд „Ју ту“ го објави новиот сингл „Улица на соништата“ (Street of Dreams), кој е првата песна од нивниот претстоен студиски албум. Изданието ќе биде објавено подоцна годинава, со што групата го најавува своето прво студиско издание по пауза од девет години и отвора ново поглавје во богатата кариера, пишува „Ролин стоун“.

Песната е продуцирана од нивниот долгогодишен соработник Џекнајф Ли, а го задржува препознатливиот звук по кој Боно, Еџ, Адам Клејтон и Лери Мален Помладиот со децении се вбројуваат меѓу највлијателните имиња на светската рок-сцена.

Заедно со синглот е објавен и официјалниот видеоспот, снимен во мај во Мексико Сити, каде што членовите на бендот учествувале на завршницата на турнирот „Светски куп за деца на улица“ (Street Child World Cup).

Снимањето го одбележало и ненадејно невреме, кое привремено ја прекинало продукцијата. По прекинот, едно локално семејство им го отстапило својот стан на музичарите, за тие од балконот да ги доснимат преостанатите кадри.

Објавувањето на новиот сингл се совпаѓа со јубилејот – 50 години од основањето на „Ју ту“.

Бендот е формиран во 1976 година во Даблин, а во текот на кариерата има продадено повеќе од 175 милиони албуми, освоено 22 награди „Греми“ и е примен во Куќата на славните на рокенролот.

„Ју ту“ зад себе има низа безвременски хитови, меѓу кои се „With or Without You“, „One“, „Beautiful Day“ и „Where the Streets Have No Name“, а светска репутација стекна и со спектакуларните концертни настапи, кои поставија нови стандарди во сценската продукција.

Нивниот последен студиски албум „Песни на искуството“ (Songs of Experience) дебитираше на првото место на листата на „Билборд“, а во изминатите години ги објавија и проектот „Песни на предавањето“(Songs of Surrender), продолжените изданија „Денови на пепелта“ (Days of Ash) и „Велигденски крин“ (Easter Lily), како и концертната резиденција „Ју ту – Ахтунг бејби во Сфера“ (U2 Achtung Baby Live at Sphere) во Лас Вегас, со која уште еднаш го потврдија статусот на еден од најголемите концертни бендови во светот.

Новиот сингл „Улица на соништата“ (Street of Dreams) е достапен на најпознатите музички платформи за слушање преку интернет.

ФОТО+ВИДЕО | Импресивно доживување: „Ју ту“ одржаа концерт во архитектонското чудо „Сфера“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот