ФОТО+ВИДЕО | Импресивно доживување: „Ју ту“ одржаа концерт во архитектонското чудо „Сфера“

Фото: AA/ABACA / Abaca Press / Profimedia

Легендарната рок-група „Ју ту“ во петокот одржа двочасовен концерт во Лас Вегас, САД, во најсовремената сферична сала со кристално чист звук – „Сфера“, пренесе „Асошиејтед прес“.

Имено, овој концерт е прв од серијата концерти, кои групата ќе ги одржи на истото место, а последниот ќе се одржи на 16 декември годинава.

За време на концертот, посетителите имале можност да видат повеќе привлечни визуелни содржини – слики од калеидоскоп, запалено знаме и хоризонтот на Лас Вегас. Сѐ ова ги однело присутните, кои биле околу 18 илјади, на едно епско музичко патување.

Инаку салата „Сфера“, која е вредна 2,3 милијарди долари, е масивна – таа е висока 111 метри, а широка 157 метри.

Фото: Amiee Stubbs / Zuma Press / Profimedia

„Каков елегантен екран“, рекол пејачот на групата – Боно, кому на сцената му се придружиле гитаристот Еџ, басистот Адам Клејтон и тапанарот Брам ван ден Берг.

Потоа Боно му оддал почит на покојниот Елвис Присли, кој своевремено беше најголемата ѕвезда во Лас Вегас.

„Погледнете ги сите овие работи… Елвис дефинитивно не ја напушти оваа зграда. Тоа е капелата на Елвис. Тоа е катедралата на Елвис. Вечерва лозинката за влез во оваа катедрала е: флерт“, изјавил Боно.

Фото: Amiee Stubbs / Zuma Press / Profimedia

Со извонредни визуелни ефекти, шоуто било отворено со громогласен аплауз, по што следела изведбата на нивните хитови „Mysterious Ways“, „Zoo Station“, „All I Want is You“, „Desire“ итн, како и новиот сингл „Atomic City“ .

Во многу наврати, членовите на групата биле толку големи на екранот што изгледало како Боно интимно да ѝ пее на публиката од едната страна, додека Еџ ѝ свири на публиката од другата страна.

Во публиката биле бројни познати личности од светот на забавата и спортот: Опра, Леброн Џејмс, Мет Дејмон, Андре Агаси итн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот