Трипати се врати да се поздрави: Васил Зафирчев за последната средба со Тоше пред да загине
Со многу емоции, Васил Зафирчев раскажа за неговата последна средба со Тоше Проески, во времето кога, заедно со Весна Петрушевска, беше водител на шоуто „Вртелешка“.
Препорачано
Тоше замина на пат за Хрватска токму по снимањето на „Вртелешка“, кое беше негово последно телевизиско гостување. Во поткастот „Естраден лексикон“, Зафирчев откри зошто таа вечер била многу необична.
„Секогаш ми буди многу тага помислата на тоа интервју, на таа вечер, на таа енергија. Чудна беше таа вечер. Го почитував и го сакав Тоше и неговата музика. Беше посебен човек, навистина. Но, таа вечер беше многу невообичаена“, рече актерот и додаде:
„Интересно беше што истата вечер, откако тој тргна на пат веднаш по снимањето… Чудно беше тоа што три пати доаѓаше да се поздравиме, да се прегрнеме“, се присети актерот.
Во тоа време тој беше во брак со Калиопи, а истата вечер, на 16 октомври 2007 година, кога Тоше загина кај Нова Градишка во Хрватска, останал буден да ја чека да се врати од пат.
„И знам дека истата вечер ја очекував Калиопи да се врати од патување од Загреб и доцна во ноќта останав буден, а веста уште утрото ми ја соопшти Весна“, рече Васил Зафирчев.
Запрашан за тоа како е да се биде во брак со една толку впечатлива личност како Калиопи, Зафирчев во истиот поткаст не штедеше пофални зборови за својата поранешна сопруга, опишувајќи ја како исклучителна личност и уметник.
За Калиопи, Зафирчев рече дека е ретка билка и посебен човек.
„Таа е, со еден збор, еден од моите најблиски животни пријатели. Калиопи е ретка билка, редок цвет, навистина. И како човек и како уметник, посебна, многу своја, многу посветена на луѓето кои ги сака, кои ѝ се драги. Пред сè, пријател, пријател во основата на комуникацијата“, додаде Зафирчев.


