Птичјиот измет може трајно да го оштети лакот на автомобилот — еве како безбедно да го отстраните
Птичјиот измет на штотуку измиен автомобил е чест проблем со кој се соочуваат возачите. Иако на прв поглед изгледа како обична нечистотија, доколку не се исчисти навреме, може сериозно да го оштети лакот и да предизвика скапи поправки.
Препорачано
Иако првата реакција често е веднаш да се избрише или изгребе дамката, тоа може да направи повеќе штета отколку корист. За безбедно отстранување на исушениот птичји измет не се потребни скапи хемиски препарати. Доволни се две состојки што ги има речиси во секое домаќинство – топла вода и сода бикарбона, пренесува „Експрес“.
Зошто птичјиот измет е опасен?
Причината поради која треба да се реагира што е можно побрзо е неговиот состав. Птичјиот измет содржи урична киселина, која е силно корозивна и може брзо да го нагризе заштитниот слој на лакот, а потоа да ја оштети и бојата на автомобилот. Неговата киселост е висока, со вредност што се движи околу три до четири на киселинската скала.
Опасноста дополнително се зголемува во топли и сончеви денови. Кога лакот се загрева, станува попропустлив, па киселината полесно навлегува во неговите слоеви. Последиците можат да бидат трајни – појава на мат дамки, промена на бојата, па дури и пукање или лупење на лакот. Во такви случаи најчесто е потребно професионално прелакирање, што носи значителен трошок.
Една од најчестите грешки што ја прават возачите е обидот исушениот измет да го избришат со хартиена салфетка или груба крпа. Освен киселини, птичјиот измет често содржи ситни честички песок, камчиња и остатоци од семки. При триење тие дејствуваат како шмиргла и оставаат ситни гребнатини на лакот. Дополнително, хартиените салфетки можат да бидат доволно груби за да ја оштетат површината и да остават хартиени влакна што го отежнуваат чистењето.

Како безбедно да го исчистите?
За ефикасно отстранување на исушениот птичји измет потребни се само топла вода и сода бикарбона. Овој начин е евтин, еколошки и безбеден за лакот.
Во шише со распрскувач измешајте околу еден литар топла вода и четири лажици сода бикарбона. Добро протресете додека содата целосно не се раствори. За смесата подобро да се задржува на површината, може да додадете и една капка средство за миење садови.
Подготвениот раствор обилно испрскајте го директно врз исушената дамка. Површината треба целосно да се навлажни, а потоа растворот да се остави да делува околу десет минути. За тоа време содата бикарбона ќе ја неутрализира уричната киселина и постепено ќе го омекне изметот.
Откако ќе омекне, внимателно избришете го со чиста и мека крпа од микровлакна натопена во топла вода. Не тријте силно и не притискајте. Ако дамката не исчезне при првиот обид, повторно нанесете од растворот и почекајте уште неколку минути. Остатоците може да се исплакнат и со благ млаз вода, а на крајот исушете ја површината со сув дел од крпата.
Превенцијата е најдобрата заштита
Иако овој метод е многу ефикасен, најдобра заштита е навремената превенција. Редовното нанесување восок создава тенок заштитен слој врз лакот, кој го забавува продирањето на киселините и значително го олеснува отстранувањето на нечистотиите.
Исто така, доколку е можно, избегнувајте паркирање под дрвја, бандери за улично осветлување и електрични водови, бидејќи тоа се местата каде што птиците најчесто се задржуваат.
Ако забележите свеж птичји измет на автомобилот, исчистете го што е можно побрзо со влажна крпа, пред да се исуши и да се залепи за лакот. Со брза и правилна реакција ќе го зачувате сјајот и вредноста на возилото, а воедно ќе избегнете непотребни трошоци за поправка.
Климатизерот во автомобилот нема да лади како што треба ако ги правите овие грешки


