Фото: EPA-EFE/MAURITZ ANTIN

Повеќе домашна енергија, помала зависност: Македонија отвора нови енергетски коридори

Енергетската независност е темел на економскиот развој, националната безбедност и стабилност. Држава што произведува сопствена енергија, располага со сигурни извори на снабдување и е поврзана со повеќе енергетски пазари може самостојно да ја планира својата иднина, полесно да се справува со глобалните енергетски предизвици и да обезбеди посилна и поконкурентна економија.

По повод 10 Јули – Светскиот ден на енергетската независност, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини нагласува дека енергетската независност останува една од клучните стратешки определби на Владата. Во изминатиот период се реализираат конкретни политики и инвестиции насочени кон зголемување на домашното производство на електрична енергија, забрзан развој на обновливите извори, модернизација на енергетската инфраструктура и диверзификација на изворите и правците за снабдување.

Според најновите податоци на АД ЕСМ, производството на електрична енергија од хидроелектраните е зголемено за 76 проценти во споредба со истиот период минатата година, додека производството од ветерните електрани бележи раст од околу 10 проценти. Истовремено, исполнетоста на акумулациите достигнува околу 80 проценти, што претставува значајна гаранција за стабилно и сигурно снабдување во периодите на зголемена потрошувачка.

Паралелно со зголеменото производство, продолжуваат и инвестициите во нови енергетски капацитети. Интензивно се гради втората фаза од ветерниот парк Богданци, кој следната година ќе достигне инсталиран капацитет од 50 MW. Воедно започнува реализацијата на фотонапонските електрани Битола 1 и Осломеј 2, додека подготовките за Битола 2 и Битола 3 се во напредна фаза. Енергетската независност, сепак, не се обезбедува само преку поголемо домашно производство. Таа се гради и преку сигурни енергетски врски со соседите и диверзификација на снабдувањето.

Во таа насока, интензивно се реализира проектот за гасниот интерконектор со Грција, кој ќе овозможи пристап до нови извори на природен гас. Паралелно се подготвува и изградбата на гасниот интерконектор со Србија, со што Македонија ќе стане дел од поширока регионална гасна мрежа и ќе ја зацврсти својата позиција како значаен енергетски јазол на Балканот.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакнува дека енергетската независност е долгорочна државна стратегија.

-Нашата цел е јасна – Македонија да стане енергетски независна држава, која произведува повеќе домашна, чиста и конкурентна енергија. Ги развиваме обновливите извори, инвестираме во модерна инфраструктура и отвораме нови енергетски коридори што ќе ја зајакнат сигурноста на снабдувањето. Тоа не е само економска придобивка, туку прашање на национална безбедност, стабилност и развој. Нашата амбиција е Македонија не само да ги задоволува сопствените потреби, туку да стане и нето извозник на електрична енергија- изјави Божиновска.

Последните глобални енергетски кризи уште еднаш покажаа дека државите кои инвестираат во сопствено производство, обновливи извори и диверзифицирани енергетски врски се поотпорни на надворешни шокови, поконкурентни и поуспешно ги штитат интересите на своите граѓани и економија. Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува цврсто посветено на изградба на сигурен, модерен и одржлив енергетски систем, затоа што силна енергетика значи силна економија, сигурни граѓани и силна држава.

Евтина струја и во сабота и по четири часа дневно — предлага Ристов од Регулаторна комисија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот