Доктор од Онкологија тужи колега за пцовки во амбуланта, а тој му возвраќа дека ништо не работел и си гледал во телефонот — во какви услови се лекуваат пациентите?!
Млад доктор по општа медицина од Клиниката за онкологија тужи свој поискусен колега специјалист по онкологија од истата клиника за вулгарни навреди и пцовки што тој наводно му ги упатил пред пациенти и вработени во амбулантата за малигни тумори на коските. Како отштетно побарување за навреда, тој бара 200 илјади денари. Има две верзии на тоа што всушност се случило, а која е вистинита, ќе пресече судот. Според верзијата на младиот лекар, повозрасниот колега без никаква причина во амбулантата за малигни тумори на коските пред пациентите почнал да го навредува со пцовки и вулгарни зборови, по што овој го молел да ја затвори вратата да не слушаат сите. Но, според тужителот, не само што тоа не се случило, туку одговорот бил дека сите треба да слушаат.
Препорачано
Младиот доктор по епизодата во амбулантата на која присуствувале и пациентите што чекале преглед или терапија, отишол да го пријави специјалистот по онкологија кај директорот, па во полиција, по што посетил психијатар и зел боледување, упатил барање за извинување на кое немало одговор, побарал да се поведе дисциплинска постапка против специјалистот што не се случило, па на крај поднел тужба за навреда.
Верзијата на тужениот специјалист пак е дека младиот колега си седел со телефонот и со скрстени нозе и не почнал да прегледува од 8 до 10 часот и 15 минути утрината, додека масата се полнела со медицински истории од пациентите што чекале преглед или интервенција. Судот ќе пресече кој е во право, но и тужбата и одговорот на тужбата го отвораат прашањето во какви услови се лекуваат болните на Клиниката за онкологија – и од аспект на меѓучовечките односи и од аспект на кадровската екипираност.
Дента кога се случил настанот, 8 април 2025 година, во амбулантата на одделот за малигни тумори, специјалистот по онкологија кој сега е тужен, менувал колешка докторка што во последен момент имала здравствена семејна потреба. Бидејќи таа не била на работа, требало да се договорат сите на одделот, дали ќе работат со податоците за логирање на директорот Игор Стојковски, или со тие на специјалистот што е сега тужен за навреда кон помладиот колега.
Тужениот доктор, во одговорот тврдел дека дека од осум часот утрината прегледувал пациенти додека колегите и до 10 часот не почнале уште да работат, бидејќи никој не отишол кај директорот Стојковски да праша чиј „лог“ да се користи на компјутерот, па затоа, според неговата верзија – сите си седеле без да прегледуваат во соседната амбуланта.
Во меѓувреме, според него, во амбулантата се пријавиле многу пациенти, така што бироата биле буквално прекриени со многу папки од историите на пациентите, повеќето од нив со сериозна општа состојба или со активна онколошка терапија.
Според специјалистот што е тужен, тој не го навредувал помладиот колега, туку меѓу нив двајцата настанала вербална расправија, по што младиот доктор со дрзок и повишен глас го одбил кога овој му рекол да оди да праша лично кај директорот чиј „лог“ од компјутер да се користи и веднаш да почне да прегледува, а не да чека одговор за „логот“ по телефон. Младиот доктор ја напуштил амбулантата. Двајцата биле повикани кај директорот каде што продолжила непријатната ситуација која според едниот била заемна, а според другиот била продолжено еднострано навредување.
Сега голем дел од вработените на одделот за рак на коски, заедно со директорот се пријавени за сведоци во судскиот спор кој се одвива во Граѓанскиот суд Скопје. Случајот отвора пошироки прашања за условите во кои функционира Клиниката за онкологија, особено во период кога дел од лекарите отсуствуваат, а голем број пациенти секојдневно чекаат прегледи и терапија.


