Николоски: Автопатот Требениште – Струга – Ќафасан ќе се гради, останува да се избере трасата
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека по посетата на Мисијата на УНЕСКО е значително поголем оптимист во однос на реализацијата на автопатската делница Требениште – Струга – Ќафасан. Според него, повеќе не се поставува прашањето дали автопатот ќе се гради, туку само по која траса ќе поминува.
Препорачано
-Пред посетата на Мисијата имаше размислувања проектот целосно да биде запрен. Денес веќе разговараме само за изборот на трасата. Без разлика дали ќе биде еден километар полево или подесно, најважно е што автопатот ќе се реализира. По завршувањето на Мисијата сум многу поголем оптимист- изјави Николоски при посетата на Тетово.
Тој истакна дека очекува Охридскиот Регион да го задржи статусот на светско природно и културно наследство без да биде ставен на Листата на загрозени подрачја на УНЕСКО. Конечната одлука, како што посочи, се очекува по Генералното собрание на УНЕСКО, кое следната недела ќе се одржи во Јужна Кореја.
-Водиме сериозна дипломатска активност и успеавме во Македонија да донесеме повеќе од десет амбасадори на земји членки на УНЕСКО. Не сакам однапред да прогнозирам, но верувам дека ќе успееме да го избегнеме сценариото Охридскиот Регион да биде прогласен за загрозено подрачје – рече Николоски.
Тој потсети дека на 26 јуни во Владата се одржала средба со амбасадори на земји членки на УНЕСКО, на која се разговарало за заштитата и одржливиот развој на Охридскиот Регион.
Според Николоски, сите учесници се согласиле дека Охридскиот Регион претставува исклучително светско природно и културно богатство, поради што е неопходна уште посилна прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија во заштитата на Охридското Езеро.
Тој нагласи дека развојот на регионот мора да оди паралелно со зачувувањето на неговите природни и културни вредности, во интерес на граѓаните и идните генерации.
Николоски: Возачите се прифатени од Брисел како професионалци


