„Усје“ планира нова дозвола со старите граници на загадување, реагира „Еко-свест“
Дишеме празни ветувања или чист воздух, прашуваат од организацијата „Еко-свест“ и искажуваат сомнежи околу идното работење на Цементарницата „Усје“, која е во фаза на обнова на нивната еколошка дозвола.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Неодамнешната јавна расправа за обнова на еколошката дозвола покажа дека наместо усогласување со ЕУ стандардите, се планира нова дозвола со старите граници на загадување“, забележува „Еко-свест“.
Како што велат оттаму, во однос на прашината, Цементарницата бара дозвола за 30 до 60 mg/Nm3 (милиграми загадувачка материја по нормален кубен метар гас), што според организацијата е дури три пати повеќе од ЕУ стандардот.
„Ако Усје има филтри за 10 mg/Nm3 зошто тогаш бараат можност да загадуваат повеќе?“, прашуваат од организацијата.
Во однос на азотните оксиди (Nox), „Еко-свест“ посочува дека „Усје“ бара граници кои се четири пати повисоки од европските.
„Иако согоруваат фосилни и други горива (петрол кокс и алтернативно гориво), во дозволата нема дефинирано гранични вредности за тешки метали! Кога нема граница, нема ни обврска да ја исполнат. Дали треба така да биде?“, нагласуваат од „Еко-свест“, наведувајќи заклучок дека се врши и селективен мотиноринг, односно, како што велат, континуираните мерења воопшто не ги опфаќаат клучните емисии како јаглерод моноксид, хлороводород, жива итн.
Организацијата има и свои барања, за кои вели се јасни и без компромис.
„Најстроги можни гранички вредности за ограничување на загадувањето! Автоматски системи на заштита во постројката! Континуиран и редовен мониторинг на сите видови емисии!“, бараат од организацијата.
Според „Еко-свест“, сведоци сме на загадувањето околу нас и обновата на оваа дозвола е можност индустријата да се стави во построги рамки кои гарантираат заштита на здравјето на граѓаните.
„Сите имаме загарантирано право на живот во здрава и чиста животна средина“, констатираат од „Еко-свест“.
Критики од повеќе еколошки организации
Повеќе критики кон целиот процес за новата дозвола на „Усје“, како и за нејзината содржина, упатија разни еколошки организации, меѓу кои и „Стоп за Усје“. Оттаму побараа „НЕ за дозвола по стари правила“, обвинувајќи дека предложената дозвола отстапува од европските стандарди, по повеќе основи.
Од „ТИТАН УСЈЕ“ пак, рекоа дека навремено и транспарентно ги спровеле сите постапки за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола, а во изминатите години инвестирале во современи технологии и опрема за заштита на животната средина.


