Битиќи: Економијата не се мери со самопофалби, туку со тоа што граѓаните реално можат да купат со својата плата
Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи ѝ порача на Владата дека економијата не се мери со самопофалби, туку со тоа што граѓаните реално можат да купат со својата плата.
Препорачано
Секој ден има нова манипулација во економијата, а Мицкоски се обидува од една статистичка бројка да направи економска бајка, додека граѓаните секој ден се соочуваат со сè потежок животен стандард и сè повисоки цени, рече Битиќи на денешната прес-конференција.
„Економијата не се мери со самопофалби, туку со тоа што граѓаните реално можат да купат со својата плата – колку килограми овошје, колку месо, колку литри млеко, колку бензин, колку денови им се исполнети со достоинствен живот“, изјави Битиќи.
Тој нагласи дека Владата го слави растот на БДП од 3,1 отсто, но премолчува дека инфлацијата од 5,7 отсто го јаде стандардот и дека клучни економски показатели покажуваат дека граѓаните живеат сè потешко.
„Државниот завод за статистика објави раст на БДП од 3,1 отсто во првиот квартал. Но истиот извештај покажува дека финалната потрошувачка има учество од дури 86,4 отсто во БДП. Ова е клучен параметар на економијата кој премиерот вчера го премолчи“, рече Битиќи и нагласи дека кога цените растат побрзо од економијата, граѓаните не живеат подобро, туку плаќаат повеќе за помалку производи.
Битиќи посочи дека вистинската слика за состојбата не се гледа во владините прес-конференции, туку во маркетите и на пазарите.
„Да ја извадиме економијата од владиниот прес-центар и да ја сместиме таму каде што ѝ е местото – на пазар и во маркет. А таму со 1.000 денари може да се купат 2 килограми цреши по 140 денари, 1,5 килограм праски по 95 денари, 1,5 килограм кајсии по 130 денари, една табла од 30 јајца за 275 денари и само 150 грама пилешки стек. Значи, една илјадарка едвај покрива неколку килограми сезонско овошје, една табла јајца и мало парче месо“, рече Битиќи.
Тој предупреди и на слабите инвестиции, падот на странските директни инвестиции и намалувањето на бројот на работници во индустријата.
Банкарските провизии скокаат и над 30 отсто, најпогодени ќе бидат пензионерите и кредитокорисниците


