Соња Крамарска/ Фото: Архива

Зошто државата не успева да ни ја заштити трпезата?

Злоупотребите со најпопуларниот продукт на македонската трпеза покажаа дека безбедноста на храната во нашата земја е далеку под законскиот, но и под здравствениот и етички минимум.

Македонската трпеза, која е гордост на многу генерации, доживеа невиден напад. Злоупотребите со најпопуларниот продукт во нашата прехранбена традиција – сирењето, покажаа дека безбедноста на храната во нашата земја е далеку под законскиот, но и под здравствениот и етички минимум. Но и докажаа дека потрошувачот и граѓанинот не само што не се на прво место, туку се на последно во нашата држава.
Кога, на пример, во супермаркет ви дале за право кога реагирате што продавачката на штандот за сувомеснати производи со исти ракавици скрола на својот телефон, го зачистува пултот и ја сече шунката што сте ја побарале? Ако реагирате, наидувате на канонада од критика дека немате разбирање за премореноста на вработените во услужната дејност, за ниската плата, за шефот што ги малтретира и за децата што чекаат дома да им однесе леб. И веднаш од жртва станувате „агресор“. Затоа што свеста дека имаме право на хигиена во продажбата на храна е на многу ниско ниво.

Јавна тајна е дека во Македонија законите и стандардите се само на хартија. И дека државата не е дезориентирана само во внатрешната и надворешната политика туку и дома каде што е суверена да носи закони за безбедноста на храната и да ги спроведува. Да не беше така, немаше токму на Светскиот ден на млекото, 1 јуни, од земени и анализирани 45 мостри од млеко и млечни производи, дури кај десет компании да биде утврдено дека анализираните примероци не одговараат на одредбите од Правилникот за квалитет на земјоделските производи.

Кај една компанија од која се земени 22 килограми ситно сирење како мостри, било утврдено дека наместо 20 проценти, како што е декларирано, во сирењето имало само 1 процент млечна маст. За ова на фирмата ѝ е изречена парична казна „дури“ од 3.500 евра. На осум други компании, меѓу кои и увозници и производители, за слична измама на потрошувачите, односно помал процент на млечна маст од декларираното, им биле изречени казни од по 1.050 евра. Уште една млекара која наместо млечна маст користела палмина маст, Агенцијата за храна и ветеринарство ја почести со казна од 1.300 евра. Ја почести затоа што ако потрошувачот и граѓанинот беа на прво место казната ќе беше многу повисока. На пример, забрана за вршење на дејноста.

Кого штитат законите

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов вели дека „во согласност со Законот за лични податоци, Законот за потрошувачите и Законот за информации поврзани со храната“, не може да каже кои фирми нѐ труеле. Значи овие закони го штитат тој што ги прекршува, а не оној што е жртва на прекршителите. Под притисок на јавноста, директорот сепак се потруди да го поттурне списокот до одредени медиуми. И гледајте чудо. Ниту една од прозваните фирми не се закани дека според законите што ги цитира директорот, тие ќе тужат за незаконско постапување кон нив. Молчат и чекаат да помине бурата, па потоа со ново име и лого да си продолжат со бизнисот. Секако со измена на рецептот за сирење што ним ќе им ги намали трошоците, а на консументите ќе им го зголеми холестеролот.

Но има и уште нешто апсурдно. На прашањето дали ќе бидат зголемени казните за вакви измами со храна, Миланов вика дека се во финална фаза измени на Законот за прекршоци. Во кој прекршочните казни ќе биле поголеми. Значи во нашата држава загрозување на здравјето и животот на граѓаните е прекршок, а не кривично дело. Законот, односно државата свесно го става интересот на бизнисот со храна пред здравјето на граѓаните.

Затоа е нашата држава далеку од цивилизираниот свет. Држава во која е поважен бизнисменот, а не граѓанинот. Примерот со сирењето е само последен што ја прели чашата. Тој пример е уште еден доказ дека и по трагедијата во Кочани не се смени ништо. Инспекциите фатија неколку производители на млечни продукти дека манипулираат со составот на овој вид храна, но тоа ни дава право да се прашаме уште колку има такви кои се под радарот на контролата. Затоа што до толку да се лаже на декларацијата за храна, значи само едно: можеме да правиме што сакаме. Никој не им може ништо – ниските казни се само стимул да продолжат по старо наместо да се коригираат.

Даноците по пропис, другото не

Од друга страна, државата во последно време покажува прилична агилност во собирањето на даноци. Ископаа и стари даноци само за да ја дополнат истенчената државна каса. И тоа е во ред. Даноците треба да се платат затоа што државата треба да има свои приходи за да функционира и да ги извршува сервисните услуги кон граѓаните. Но државата не им возвраќа на граѓаните сразмерно на тоа што тие ѝ даваат. Односно, граѓаните си ја завршуваат својата обврска кон државата, а државата не ја извршува својата обврска кон граѓаните. Ние ја храниме државата, но државата покажува башибозук кон нас. И тоа во сите сфери: здравството, образованието, судството, заштитата и безбедноста, а и во областите кои директно ги засегаат граѓанските права: производството на неконтаминирана храна, правото на чист воздух и здрава животна средина. Државата веќе опасно потфрла во заштитата на своите граѓани. Како последица на сето тоа опаѓа и лојалноста кон државата. Остана само партиска лојалност, но и таа ќе почне да исчезнува затоа што ќе преовлада сознанието дека од отровното сирење јадат сите. Исто како што сите дишат и загаден воздух. Популизмот не може уште долго да живее пред налетот на башибозукот и неспроведувањето на законите и пропишаните стандарди.

(Авторката е новинарка)

Дојче веле

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот