Дејан Трајковски

Дата центрите – најнова политичка „шашма“ на нашите власти

Наместо да го користиме транзицискиот период за зајакнување на државните капацитети (како што, на пример, Грција прави со својата национална компанија PPC која самата ги гради најголемите соларни паркови во старите рудници), кај нас постои сериозен ризик да станеме зависни од приватни енергетски монополи. Тоа не е зелена транзиција, туку распродажба на енергетскиот суверенитет.

Македонските власти забрзано работат на закон кој ќе дозволи изградба на странски податочни (дата) центри за вештачка интелигенција на нашата територија. Ова би претставувало огромна грешка, чии последици ќе бидат многу подалекусежни отколку еколошките.

Ако ги тргнеме настрана политиката и екологијата и погледнеме чисто низ призмата на логиката, енергетиката и економијата, зад изградбата на овие дата-центри стојат многу конкретни причини и неколку реални опасности.

Дата центрите се огромни потрошувачи на електрична енергија. Големите технолошки гиганти (како Google, Microsoft, Amazon) имаат строги корпоративни правила, кои наложуваат нивните нови дата центри да мора да се напојуваат од обновливи извори (сонце и ветер) за да ги исполнат климатските цели.

Македонија засега поседува големи површини на неискористено земјиште (на пример, стари рудници за јаглен, сушни предели) каде што забрзано се градат гигантски фотонапонски централи. Компаниите најчесто не планираат да увезуваат струја, туку или градат самите централи или склучуваат долгорочни договори со инвеститори (PPA – Power Purchase Agreement) кои ќе изградат нови соларни централи или ветропаркови специјално за нив во нашата земја.

Опасноста не е дека тие ќе увезуваат електрична енергија, туку дека ќе ја трошат локално произведената зелена енергија, ќе ги окупираат површините и ќе го оптоварат електроенергетскиот систем. Ако еден дата центар ја потроши целата зелена енергија од новите соларни паркови, за граѓаните и домашната индустрија останува поскапата струја од традиционалните извори или од увоз, што може да ги крене цените на струјата во земјата.

Можеби најкритична точка претставува проблемот со водата за ладење. Дата центрите генерираат огромна топлина. Постојат два главни начини на ладење: водено и воздушно. Воденото ладење (со испарување) троши милиони литри вода дневно. Во сушните региони ова може сериозно да ги загрози подземните води и водоснабдувањето на градовите. Воздушното ладење (со климатизација) троши многу помалку вода, но бара енормно повеќе струја.

Во последно време, поради притисокот од јавноста, компаниите во договорите сè почесто се обврзуваат да користат воздушно ладење или затворени системи со техничка (отпадна) вода за да не ја загрозат питката вода, но тоа мора строго да се контролира во самите договори со владите.

Зад изборот на сиромашните земји како Македонија не стои само желбата за ресурси, туку и чиста економска математика. Традиционалните центри како Ирска, Холандија и Германија веќе забрануваат или строго ги ограничуваат новите дата центри бидејќи нивните енергетски мрежи се пред колапс. Компаниите се принудени да бараат нови дестинации. Понатаму, во посиромашните земји земјиштето е драстично поевтино, а владите, во желба да привлечат наводни „големи странски инвестиции“ (од кои нема да видиме никаква корист), често им нудат брзи дозволи, даночни олеснувања и инфраструктура која самите ја плаќаат.

Изградбата на дата центрите не е толку заговор, колку што е експлоатација на ресурси, не давајќи за возврат ништо. Дата центрите се капитално интензивни (од што Македонија повторно нема да види ништо, бидејќи не произведува компјутерска опрема), но вработуваат многу малку луѓе. Кога ќе се изградат, таму работат само неколку десетици инженери и обезбедување.

Ако Македонија нема паметна преговарачка позиција, ризикува да го даде своето сонце, ридовите за ветропаркови и вода за да опслужува туѓи сервери, додека на локално ниво остануваат само еколошките ризици и притисокот врз енергетската мрежа.

Но, тоа не е сè. Тие странски инвеститори може никогаш да не платат данок на добивка кај нас, а нема да платат ни ДДВ бидејќи услугата за обработка на податоци ја извезуваат!

Дата центрите се специфичен бизнис. Почетната инвестиција во сервери, ладење, батерии и инфраструктура е огромна, но тој хардвер има многу краток век на траење, бидејќи застарува за 3 до 5 години. Бидејќи опремата вреди десетици или стотици милиони евра, годишниот трошок за амортизација е енормен. Тој трошок директно ја јаде бруто добивката и не останува никаква оданочлива добивка. Сметководствено, компанијата легално прикажува дека е во загуба или на позитивна нула и не плаќа (или плаќа минимален) данок на добивка.

Трансферните цени (Transfer Pricing) се уште посуптилен механизам. Локалната фирма-ќерка во нашата земја не ги продава услугите на домашниот пазар, туку изнајмува капацитет на својата матична компанија во странство, на пример, во Ирска или САД. Цената на таа услуга се поставува толку ниско, колку само да ги покрие тековните трошоци во земјава (плати за неколку вработени, струја, комуналии). Целата вистинска добивка од обработката на податоци се слева каде што данокот е најнизок или каде што е матичната фирма. Како резултат на ова, даночната основа за данок на добивка кај нас останува речиси нула.

Но, проблемот не е само лишувањето од данокот на добивка, туку и лишувањето од ДДВ. Според даночните закони (кои кај нас се усогласени со ЕУ директивите), местото на промет за електронски и дигитални услуги се смета за место каде што се наоѓа примателот на услугата. Бидејќи дата центарот во Македонија фактурира кон странска компанија, таа услуга се смета за извоз на услуги, а извозот е ослободен од ДДВ (стапка од 0%). Што е уште полошо за буџетот, бидејќи компанијата извезува со 0% ДДВ, а на локалниот пазар плаќала ДДВ за струја, градежни материјали или опрема, таа има право на поврат на ДДВ од државата. Наместо тие да ѝ платат ДДВ на државата, државата често им враќа пари од буџетот по основ на претходен данок. Така државата го губи и прибраниот ДДВ од градежните и енергетските фирми.

Ако го тргнеме данокот на добивка и ДДВ, бенефитите за државата се сведуваат на минимум, односно на придонеси за плати и данок на имот и комуналии. Бидејќи во дата центрите работат малку луѓе (обично 20 до 50 луѓе за одржување и обезбедување откако ќе се изгради), придонесите за пензиско и здравствено осигурување се занемарливи за буџетот. Данокот на имот и комуналиите ги наплаќа локалната општина за земјиштето и објектот, но големите корпорации често бараат (и добиваат) ослободување од комуналии како услов за да дојдат.

Иако овие дата центри вештачки ќе го зголемуваат бруто-домашниот производ (БДП) на хартија, тоа ќе биде само статистичка илузија. Со тоа фиктивно ќе изгледа дека задолженоста на земјата во однос на БДП опаднала, но од друга страна ќе ни пораснат и меѓународните финансиски обврски (на пример кон НАТО) кои се пресметуваат како процент од БДП, а за кои овие странски инвестиции нема да помогнат со ниту едно евро.

Откако нето профитот легално ќе се изнесе надвор, а во отсуство на прибрани даноци, вистинскиот и опиплив ефект врз државниот буџет и стандардот на граѓаните ќе биде рамен на нула. Со други зборови, ќе трпиме само штети, а нема да видиме ниту една корист од овие дата центри. Токму тука најпластично се согледува неукоста и кратковидоста на македонските политичари, кои паѓаат на евтин маркетинг од странските инвеститори без да ги согледаат долгорочните економски и стратешки последици.

Затоа, кога политичарите се фалат со странска инвестиција од 200 милиони евра во ИТ секторот, реалноста е дека тие 200 милиони се потрошени за увозни сервери и електрична и електронска опрема. Најмал дел ќе биде за домашни градежни услуги и тоа само додека се изгради, а потоа – ништо. Кога објектот ќе почне да работи, Македонија станува само дигитална рударска колонија. Ги троши своите ресурси (простор, струја, вода), а профитот оди надвор преку оптичките кабли, целосно неоданочен.

Ете тоа е вистината за наводните „големи странски директни инвестиции“ со кои се фали оваа власт. Нашите политичари од власта овие странски инвестиции ги користат само како политички маркетинг, иако државата реално е дури во загуба, ако се земе предвид окупирањето на земјиштето за фотоволтаици и ветерни паркови. Ќе ни ги окупираат ридовите со најсилен ветер, за да не може државниот ЕСМ да изгради ветропаркови за населението, па ќе мораме да увезуваме струја.

Највредниот енергетски ресурс на една земја не се самите централи, туку локациите (т.н. микролокации) кои имаат најдобар ветерен потенцијал или највисок степен на сончево зрачење, како и пристапот до преносната мрежа. Кога државата со лесна рака ги отстапува тие врвни локации на странски приватни инвеститори преку долгорочни концесии, кои често траат по 20, 30 или повеќе години, таа буквално си ги врзува сопствените раце за иднината.

Во една мала земја како Македонија, бројот на локации каде што ветрот дува со постојана, комерцијално исплатлива брзина (на пример во просторот меѓу Штип, Радовиш и Карбинци) е строго ограничен. Истото важи и за позициите кои се блиску до постоечки далноводи, каде што приклучувањето на мрежата е најевтино. Ако тие топ локации се дадат на странски инвеститор, државниот ЕСМ во иднина ќе биде принуден или да гради на секундарни локации каде што ветерот е послаб, што ја прави инвестицијата нерентабилна, или да плаќа прескапи трошоци за балансирање и засилување на мрежата на оддалечените места.

Најголемата иронија кај лошо договорените приватни инвестиции е следнава. Странската компанија (на пример Алказар Енерџи со ветропаркот) го користи македонскиот ветер и сонце, ја произведува струјата, а потоа има две опции, во зависност од договорот. Според првата опција, ја извезува на меѓународните берзи (или ја продава на странските дата центри во Македонија), додека домашниот систем нема никаква корист од тие мегавати и мора да увезува струја. Според втората опција, државата се обврзува да ја откупи таа струја по гарантирани, често високи цени според PPA (Power Purchase Agreement).

Во двата случаи, профитот се одлева надвор. Ако утре згаснат блоковите на јаглен во РЕК Битола, а државата нема свои државни капацитети од обновливи извори кои ќе ја заменат таа базна енергија, ЕСМ ќе биде принуден постојано да купува струја од слободниот пазар или од истите тие странци. Тоа е директен удар врз буџетот и надворешнотрговскиот дефицит, доколку државата сака да купува социјален мир и да ја одржува цената за граѓаните ниска.

За политичарите, секое сечење лента на приватен соларен или ветерен парк е наводен успех кој добро изгледа само на вестите. Се прикажуваат милионски суми на инвестиции со кои се маскира неспособноста на државата самата да менаџира капитални проекти во енергетиката. Реалноста е дека приватниот капитал бара брз профит и легално даночно избегнување (како што зборувавме за амортизацијата и ДДВ-то), додека енергетската безбедност на граѓаните бара долгорочно стратешко планирање, каде државата ги контролира ресурсите и производството.

Наместо да го користиме транзицискиот период за зајакнување на државните капацитети (како што, на пример, Грција прави со својата национална компанија PPC која самата ги гради најголемите соларни паркови во старите рудници), кај нас постои сериозен ризик да станеме зависни од приватни енергетски монополи. Тоа не е зелена транзиција, туку распродажба на енергетскиот суверенитет.

Наместо да бидеме само пасивен домаќин кој ги троши сопствените ресурси за туѓ профит, Македонија треба стратешки да инвестира во сопствен, државен дата центар кој ќе ги опслужува домашните институции, наука и стопанство. Со тоа, дигиталниот суверенитет и профитот би останале во земјата, а паметно менаџираната инфраструктура би станала вистински двигател на домашната економија.

(Авторот е универзитетски професор)

Фејсбук статус

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот