СДСМ пали, СДСМ гаси – ама само на Фејсбук
На СДСМ денес не му недостига само лидерство. Му недостига основно чувство за реалност. Партијата се однесува како некој што изгубил натпревар со десет гола разлика, па наместо да тренира, се жали дека публиката свиркала. А публиката свирка затоа што гледа дека тимот сè уште не сфатил во кој спорт се натпреварува.
Поранешниот претседател на државата Стево Пендаровски рече дека би се вратил во политиката само ако се создаде сериозна, широка и голема опозициска коалиција што би имала шанса да ја порази актуелната власт.
Препорачано
Теоретски, сето ова звучи крајно разумно: голем и моќен опозициски блок, обединување, сериозност, стратегија, политичка понуда, враќање доверба.
Само што, проблемот е во тоа што теоријата трпи сè, па додека Пендаровски зборува за сериозни работи како формирање силен опозициски фронт, фронтот панично почнува да бара каде е копчето „исклучи коментари“ на Фејсбук.
И тоа е, всушност, целата трагикомедија на македонската опозиција во една слика: власта може да има слабости, грешки, афери, лоши кадровски решенија, промашени политики и ароганција, ама од другата страна стои опозиција што си игра политичка партија и се преправа дека води убиствени битки за демократија.
Замислете ја таа револуционерна сцена. Некогаш партии рушеле режими со митинзи, штрајкови, теренска работа, се возеле „лади ниви“, ечела револуционерна музика, се споделувале идеи, имало организација, храброст и луѓе што веруваат во нешто.
Денес, најголемата опозициска партија во Македонија излегува со соопштение дека ги гасне коментарите на Фејсбук. Па потоа, откако ќе види дека тоа изгледа премногу глупаво, излегува со ново соопштение дека ги враќа коментарите.
Значи, не зборуваме за пресврт во економска програма, не зборуваме за нова визија за државата, не зборуваме за план како да се победат ВМРО-ДПМНЕ и владејачката машинерија. Зборуваме за епска сага во два чина: „ги исклучуваме коментарите“ и „ги вклучуваме коментарите“.
Власт, ваква или таква, не се руши со детинеста опозиција. Не се руши со нервоза затоа што некој напишал „срам да ви е“ под објава. Не се руши со соопштенија за соопштенија. Не се руши со ронење солзи пред јавноста дека коментарите се нечисти, токсични, организирани, вакви или онакви.
Да, социјалните мрежи се ѓубриште. Има ботови. Има и навреди. Има и организирани кампањи. Ама ако најголемата опозициска партија не може да се носи со фејсбук-коментари, како точно планира да се носи со притисокот кога ќе стане власт и кога ќе се соочи со разни протести, кризи, коалициски уцени, меѓународни условувања, па и со незадоволни граѓани?
Политиката не е стерилна сала. Политиката е пазар во сабота, автобус во петок попладне, шалтер во Катастар, болнички ходник, сметка за струја, празен фрижидер и нервозен човек што веќе нема трпение за партиски ветувања. Ако не можеш да слушнеш гнев, не можеш да бараш доверба.
На СДСМ денес не му недостига само лидерство. Му недостига основно чувство за реалност. Партијата се однесува како некој што изгубил натпревар со десет гола разлика, па наместо да тренира, се жали дека публиката свиркала. А публиката свирка затоа што гледа дека тимот сè уште не сфатил во кој спорт се натпреварува.
Пендаровски е во право во едно: без широка, сериозна и консолидирана опозиција, актуелната власт нема да биде загрозена. Но, обединување не се прави со паника. Се прави со доверба. А доверба не се добива со копче, туку со карактер.
Најголемата опозициска партија мора да сфати дека јавноста не бара совршенство. Бара зрелост. Бара некој што ќе изгледа способен да ја води државата, а не некој што се сопнува на сопствената Фејсбук-страница. Бара програма, луѓе, теми, терен, јазик што не звучи како копиран од партиски билтен и храброст да се погледне народот во очи, дури и кога тој народ пишува со „капс лок“.
Затоа изјавата на Пендаровски служи повеќе како поставување дијагноза. Може да се врати тој, може да се врати уште некој, може да се состави блок, фронт, платформа, движење, караван и хор.
Но, ако најголемата опозициска партија продолжи да се занимава со тоа дали народот смее да ѝ коментира под објава, тогаш власта нема потреба да ја победува. Самата ќе си се одлогира од политичката сцена.


