петар арсовски
Петар Арсовски, политички аналитичар / Фото: Слободен печат

Македонија нема „мала врата“ за ЕУ

Додека македонските елити чекаат подобри времиња, јазот со ЕУ се продлабочува. Посетата на Кошта ја разби последната илузија: нема алтернатива на уставните измени.

Најлошо е кога не правиш ништо.
Италијанците имаат еден идиом: „dolce far niente“ – убавината да не правиш ништо. Македонската надворешна политика по прашањето на евроинтеграциите, во последниот период како да ја следи оваа стратегија. Но, таквата пасивна агресивност доаѓа со висока политичка цена и време е да се разгледаат реалните следни опции. Посетата на Кошта во Скопје ја разби една од најупорните илузии во македонската политика – дека имаме „мала врата“. Реално, не постои алтернатива што ќе ги заобиколи уставните измени предвидени во преговарачката рамка. Затоа, се поставува прашањето што од ова можеме да заклучиме и кои се нашите опции сега?

Илузијата сè уште трае – но нема повеќе да издржи

Со години, јавниот дискурс по прашањето на евроинтеграциите се врти околу надежта (би рекол илузијата) дека околностите ќе се променат, дека ќе се појави нова европска иницијатива која ќе овозможи поинаков пат или дека ЕУ на крајот ќе ги ревидира условите под кои Македонија би ги започнала пристапните преговори. Но, пораката на Кошта беше неумолива: иако Брисел развива модели на постепена интеграција и бара начини кандидатите поблиску да се приклучат кон некои механизми на ЕУ пред полноправното членство, суштината на пристапниот процес останува иста. За Македонија, патот кон членството и понатаму минува низ уставните измени. Тој допир со реалноста е особено важен, зашто во домашната политичка јавност постепената интеграција често се претставува како можност за надминување на сегашниот ќор-сокак, која само што не се остварила. Но, овие нови механизми сепак не се замена за пристапниот процес, туку негово дополнување – тие можат да овозможат побрзо вклучување во одредени европски политики, фондови или институции, но не ги менуваат основните услови за напредување во преговорите. Со други зборови, новите европски идеи не ја елиминираат старата политичка реалност.

Тоа нè става пред тежок, но неизбежен стратешки политички избор. Мислам дека времето во кое можевме да глумиме дека проблемот сам ќе се реши едноставно истече. Локалните политички елити со години го одложуваат ова соочување со реалноста, надевајќи се дека ќе се појави некаква надворешна околност која би го променила вкупниот контекст. Денес, таа илузија сè повеќе изгледа како меур од сапуница. Прашањето повеќе не е дали треба да се донесе одлука, туку каква одлука треба да се донесе и со какви последици државата е подготвена да живее.

Четири опции – и нивната цена

Пред нас реално има барем неколку вистински алтернативи, кои во овој контекст треба посериозно да се разгледаат, наместо упорно да ја храниме нашата сопствена заблуда.

Една опција е да се запре сегашниот пристапен процес и да се бара целосно нова преговарачка рамка. За оние што ја сметаат постојната рамка за суштински погрешна, ова може да звучи политички привлечно, но, ова е истовремено и најризичната варијанта: никој не може да гарантира дека евентуална нова рамка би била поповолна. Напротив, отворањето на ваквиот тешко договорен компромис, како Пандорина кутија, може да ја стави земјава во политички вакуум, без јасен пат и рок за враќање во процесот. Да се очекува подобар договор од 27 земји членки во овие геополитички околности е гамбит со крајно неизвесен исход. Дополнително, ваквата стратегија претпоставува дека во ЕУ постои подготвеност повторно да се отвори прашање кое веќе е затворено со консензус. Тоа не е невозможно, но е малку веројатно. Во време кога ЕУ се соочува со безбедносни предизвици, војна на европскиот континент и внатрешни политички турбуленции, тешко е да се очекува дека Македонија ќе стане приоритет, па уште доволен за ревизија на целиот договорен пристапен механизам. Затоа, оваа опција, иако принципиелно разбирлива, па дури и релативно политички чесна, носи сериозен ризик од долгорочна блокада.

Втора можност е уставните измени да се усвојат, но со таканаречено одложено дејство – нивното стапување во сила да биде условено со полноправното членство во ЕУ. Политички, ова би можело да произведе одредено чувство на сигурност, особено кај оние што стравуваат од неповратни отстапки без гаранции. Проблемот е, секако, што оваа формула најверојатно нема да ги задоволи формалните обврски содржани во самата Преговарачка рамка. Ако Брисел (но и Софија) оценат дека условот суштински не е исполнет, државата може да дојде во двојно губитничка позиција – направен политички компромис, но без напредок во преговорите. Иако идејата има одредена политичка логика, најмногу затоа што се обидува да воспостави директна врска меѓу обврската и резултатот, таа, сепак, во основа претставува правен обид насочен кон локален популизам: да се адресира широко распространетото чувство кај јавноста дека Македонија премногу често исполнува услови, а соодветниот напредок изостанува. Тука ризикот е дали таков чекор навистина би ги одблокирал преговорите. Значи, исто така ризично.
Трета опција е уставните измени да се усвојат, но да бидат придружени со заштитна клаузула, таканаречена реверзибилност. Според овој модел, измените би се поништиле доколку Бугарија продолжи да ја злоупотребува својата позиција преку нови билатерални барања кои немаат врска со европските стандарди и критериуми. Овој пристап може, теоретски, да воспостави рамнотежа меѓу посветеноста кон европскиот пат и потребата од заштита од бесконечен циклус на нови условувања. Дали ваков механизам би бил правно и политички прифатлив за ЕУ е друго прашање, но тој релативно пропорционално го одразува сентиментот дека отстапките не смеат да бидат еднонасочна улица. Поддржувачите на ваквата идеја веруваат дека токму недостигот на гаранции е главниот проблем во актуелниот процес, па така, ако постои механизам што ќе ја заштити државата од идни злоупотреби, тогаш отпорот кон уставните измени би бил значително намален. Сепак, останува нејасно како би функционирала таквата клаузула во практика и дали би можела да биде усогласена со европското право и со принципот на правна сигурност врз кој почива целиот пристапен процес.

Четвртата опција е веројатно политички најнепопуларна, но најчиста од стратешки аспект: да се усвојат уставните измени, процесот да продолжи напред, а идните спорови да се решаваат ако и кога ќе се појават. Овој пристап не игнорира дека Бугарија и понатаму може да отвора билатерални прашања, но треба да имаме предвид дека токму пристапните преговори создаваат институционална рамка во која таквите спорови можат да се оспоруваат и менаџираат. Наместо европската иднина на државата да остане заложник на стравови околу тоа што би можело да се случи утре, оваа опција е насочена кон одржување на процесот жив и решавање на пречките една по една. Оваа стратегија бара најмногу политичка храброст, зашто подразбира прифаќање на неизвесноста. Тука нема класични гаранции дека нема да има нови блокади, ниту очекувања за брз и лесен пат кон членството, но овој чекор се темели на процената дека државите најдобро ги бранат своите позиции кога се дел од процесот, а не кога доброволно се повлекуваат од него. Дополнително, оваа опција може да се засили со, на пример, специјален закон донесен паралелно со уставните измени, односно со двотретинско мнозинство, кој би ја обврзал оваа или која било следна влада да го прекине процесот на преговори доколку се појават нови непринципиелни блокади.

Конечно, ниту една од овие опции не е идеална – секоја носи ризици, политичка цена и неизвесност. Но, сметам дека најлошата опција е токму онаа која моментално доминира во политичкиот простор: да не правиме ништо, чекајќи подобри времиња – тоа, и покрај нашите илузии, не е статус кво, туку цементирање на стагнацијата. Додека политичките партии се надмудруваат околу хипотетички алтернативи, државата продолжува да тапка во место, јазот меѓу Македонија и ЕУ се продлабочува, довербата на граѓаните во пристапниот процес слабее, а стратешката неодлучност, која ги одбележа последните години, веќе станува новото нормално. Цената на таквата состојба не е само дипломатска или симболична: таа се чувствува и во економијата, во иселувањето, во распространетото чувство дека државата нема јасна насока. Замрзнатите процеси ретко остануваат замрзнати засекогаш: тие речиси секогаш на крајот завршуваат како изгубени можности – лекција што требаше да ја научиме од преспанскиот процес. Во таа смисла, посетата на Кошта ја расчисти маглата околу нашата вистинска реалност – уставните измени се неизбежен следен чекор. Ние можеме да дебатираме околу тоа како да ги менаџираме следните опции или ризици, но повеќе не можеме да се преправаме дека постои некоја друга врата.
Не постои.

(Авторот е политички аналитичар и публицист)

Дојче веле

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот