Си-ен-ен: Поранешниот советник на Трамп се спогоди со обвинителството, ќе плати два милиони долари за да не оди во затвор
Џон Болтон, поранешниот советник за национална безбедност на претседателот Доналд Трамп, кој подоцна стана негов политички противник, постигнал спогодба со обвинителството, објави Си-ен-ен повикувајќи се на три извори.
Препорачано
Болтон, според изворите на Си-ен-ен, како дел од спогодбата треба да се појави на суд овој месец и да се изјасни за виновен по една точка од обвинението, за кривичното дело „незаконско задржување на чувствителни информации од значење за националната безбедност“. Тој наводно се согласил и да плати над два милиони долари.
Кога првпат беше изведен пред судот, во октомври 2025 година, Болтон рече дека е невин. Со спогодбата, тој ќе избегне судење на кое, доколку биде прогласен за виновен, може да добие најмногу пет години затвор.
Болтон беше советник за национална безбедност во Белата куќа за време на првиот мандат на Трамп, пред да стане еден од неговите најгласни критичари. Поранешниот амбасадор на САД во Обединетите нации го опиша Трамп како „неспособен за претседател“ во мемоарите што ги објави во 2024 година.
Во обвинението против Болтон се тврди дека тој споделил чувствителни информации со двајца свои роднини со цел да напише книга, вклучувајќи белешки од разузнавачки брифинзи и состаноци со високи владини претставници и странски лидери.
Министерството за правда на првата администрација на Трамп отвори кривична и граѓанска истрага за книгата во 2020 година, но случајот беше затворен во рок од една година.
Сепак, ФБИ следната година отвори нова истрага против Болтон, сè уште за време на претседателството на Џо Бајден, откако неговата електронска пошта беше пробиена од хакери за кои се сомневаше дека се поврзани со Иран. Истражителите притоа откриле „записи налик на дневник“ кои содржеле строго доверливи информации од периодот кога тој бил советник за национална безбедност.
Претрес на неговиот дом во Мериленд, спроведен од ФБИ минатото лето, пронашол документи означени како доверливи, според судските записи што претходно беа објавени.
Болтон за својот поранешен шеф: Странските лидери сметаат дека Трамп е смешна будала


