Дмитри Песков / Фото EPA-EFE/PAVEL BEDNYAKOV/SPUTNIK

Ако Зеленски сака средба со Путин, слободно нека дојде во Москва, вели Песков

Украинскиот претседател Володимир Зеленски може да дојде во Москва во секое време ако сака да одржи разговори со рускиот претседател Владимир Путин, изјави вчера портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, одговарајќи на отвореното писмо на Зеленски објавено претходно истиот ден, во кое тој предложи директна средба со Путин за да се разговара за мировниот процес.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера претходно упати јавно писмо до рускиот претседател Владимир Путин, во кое повика на директни разговори лице в лице за завршување на војната во Украина, објави „Гардијан“.

Ова е прво писмо што Зеленски јавно му го упатува на Путин откако Русија ја започна целосната инвазија во 2022 година, а содржи остри критики за 26-годишното владеење на рускиот лидер.

Во писмото, Зеленски наведе дека предложените разговори би можеле да се одржат во неутрална трета земја, како на пример Швајцарија, Турција или некоја арапска држава.

Тој оцени дека би било погрешно Украина да чека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп повторно целосно да се фокусира на војната, бидејќи во моментов голем дел од вниманието на Вашингтон е насочено кон конфликтот со Иран.

Украина подготвена за преговори: „Важно е Русија да најде сила да ја заврши оваа неправедна војна“

Зеленски наведе дека Украина во последниот период успеала да ја подобри својата позиција на бојното поле, пред сè преку поефикасни напади со беспилотни летала на голема далечина, кои им создаваат дополнителни проблеми на руските сили.

Украинскиот лидер тврди дека Русија сè повеќе ги чувствува последиците од војната преку економски притисок, недостиг на гориво, раст на цените и потреба од дополнителна мобилизација на војници.

„Светот не се измори од Украина, како што долго се надевавте. Но, расте заморот од Русија“, му порача Зеленски на Путин.

„Русија е спремна за компромиси“

Путин претходно изјави дека Русија е подготвена да прифати компромиси со цел да се стави крај на војната во Украина, повикувајќи се на разговорите што ги имал со американскиот претседател Доналд Трамп во Анкориџ.

Според него, на таа средба биле разгледани можни решенија и Москва веќе се согласила на одредени компромиси, но сега очекува и Киев да ги прифати за конфликтот да заврши.

Тој додаде дека контролата врз Донбас и постигнувањето договор не се исклучуваат меѓусебно. Путин повтори тврдења дека руските сили напредуваат на фронтот и дека Русија држи голем дел од неколку украински региони.

Во позадина се наведува дека по нивната средба во 2025 година, Трамп зборувал за можни договори околу линијата на фронтот, додека руските претставници оценуваат дека разговорите со САД биле конструктивни, но дека ставовите повторно се заоструваат.

„Целосен прекин на огнот“

Во писмото Зеленски предложи и целосен прекин на огнот за време на преговорите, како и размена на сите воени заробеници како прв чекор кон завршување на конфликтот.

Тој побара и враќање на цивилите и децата кои, според Киев, биле однесени од Украина за време на војната.

Портпаролот на Кремљ, Димитри Песоков, изјави дека Путин е запознаен со пораката, но сè уште немал можност детално да се запознае со нејзината содржина.

„Зеленски може да дојде во Москва кога сака“, рече тој.

Американскиот претседател Трамп ја поздрави можноста за средба меѓу двајцата лидери.

„Би било одлично ако се сретнат. Треба да го завршат тоа“, изјави тој, додавајќи дека и двете страни ќе мора да направат компромиси.

ВИДЕО | Тревога во Украина: Русија изврши масовни напади врз повеќе градови — загинаа десет луѓе

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот