Огнен Марина/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Генерации

Можноста за да се говори за генерации што ги создале главните атрибути на нашето денешно постоење не е само историската случајност на нивното истовремено постоење во одреден временски период, туку пред сè постоење јасна идеја како да се делува во создавањето на таа историја.

Пред десетина дена, во просториите на поранешната месна заедница „Дане Крапчев“ во срцето на Дебар Маало, се одржа промоција на последната книга на еден мој исклучително драг професор. Книгата е збирка на колумни низ кои, авторот е еден вид на критичар на времето во кое живееме, протолкувани низ неговата интелектуална, научна и секако лична оптика, обликувани од неговото богато и разновидно животно искуство. Книгата чиј наслов повикува на постоењето на надеж, за веднаш потоа да нè врати во реалноста и да нè увери дека „не и за нас“, беше промовирана пред аудиториум со сериозна доза на искуство, каде што мнозинството од присутните, со неколку исклучоци, ги споделуваа годините на животно искуство како и авторот. Тоа што ги обединува различните теми и поводи за кои се напишани колумните, а и најголем дел од публиката, е всушност самиот автор, односно неговото образование, неговата професионална, но и интелектуална одисеја создавана низ сите негови професии и повици, интереси и активности, од архитект, урбанист, преку професор и истражувач, до градоначалник, карикатурист и конечно колумнист, а кои, според зборовите на почитуваниот промотор на книгата, се одраз или одлика на генерацијата на која припаѓа авторот, а и самиот тој.

Тоа е генерацијата што својата интелектуална, професионална и животна зрелост ја доживеа кон крајот на 80-тите години и особено во 90-тите години на 20 век. Тоа се годините во кои се поставуваа темелите на денешницата, што доволно сведочи за нивната важност и формативност за процесите што ја обликуваат нашата реалност. На некој начин, во 80-тите години на 20 век ќе се создава интелектуалната и идеолошката основа на процесите што ќе се случат во 90-тите години, а ќе бидат поврзани со процесот на осамостојување на нашата држава. Тогаш се создаваше идеолошката рамка и за македонската независност, не само како административен, политички, па дури и воен процес, туку пред сè како идеолошка супстанца на една нација која ќе одлучи самостојно да продолжи. Тоа е времето на појавата на Мизар, македонскиот одговор на таа урбана генерација на пост-панк движењето од кое ќе се изнедрат можеби најавтентичните урбани бендови и музичари, но и на ликовниот колектив Зеро. Ова е особено важно, затоа што тие државотворни процеси ги надминуваат дневните флоскули за „вековните стремежи“ и бараат сериозна и стратешка позиција за тоа што таа самостојност навистина значи и уште повеќе, како таа самостојност ќе се манифестира и реализира. Генерациите кои беа исправени пред овој предизвик, но и сите останати кои следеа, сакале или не го дадоа својот, „генерациски“ одговор на ова прашање.

Секако, препознавањето на една група луѓе како „генерација“ не подразбира само хронолошки синхроницитет, туку пред сè постоење јасна и препознатлива идејна рамка во нивното делување која ги легитимира како посебна група или генерација. Оттука, можноста за да се говори за генерации што ги создале главните атрибути на нашето денешно постоење не е само историската случајност на нивното истовремено постоење во одреден временски период, туку пред сè постоење јасна идеја како да се делува во создавањето на таа историја.

Кога говориме за генерациите што го граделе Скопје, мора да започнеме со една мала заедница на архитекти и инженери, кои ќе делуваат во првата половина на 20 век и кои своето знаење и образование ќе го стекнат студирајќи на универзитетите и школите во другите балкански и во европските земји. Таа генерација за првпат ќе го интегрираат македонскиот простор во европските научно-технички кругови и ќе овозможат формирање на критична маса на интелектуалци и стручни лица. Во втората половина на 20 век, а особено во периодот на обновата по втората светска војна, оваа малубројна македонска техничка интелигенција ќе го даде својот придонес низ еден исклучително прагматичен пристап. Овој личен академски, научен и професионален придонес кон новите општествено-политички и економски услови ќе го демонстрира високото ниво на свесност и одговорност на основоположниците на градоградителството во нашата земја во повеќе домени, од архитектонски и урбанистички проекти, изградба на објекти, па сè до формирањето на високото образование за архитекти и инженери.

По скопскиот земјотрес во 1963 година во градот ќе пристигнат новите светски ликови што ќе ги донесат и првите идеи со критички однос кон Модерната. За развојот на градот и заедницата, особено значење ќе имаат проектите за центарот на Скопје, изготвени од тогаш светски познатите архитектонски имиња и нивното повремено присуство во Скопје со јавни настапи. Овој период драматично ќе ги измени и ќе ги унапреди знаењата и искуствата на архитектите, урбанистите и инженерите во државата најпрвин низ обновата на Скопје, но исто така и низ можноста за образование или студиски престои на дел од тогаш младите интелектуалци на светските универзитетски центри каде што дел од нив ќе се стекнат со нови знаења и искуства. Тие, овие нови идеи ќе ги направат дел од новите идеолошки и образовни парадигми на нашето општество.

И додека 60-тите години на 20 век ќе биде времето на големата либерализација во општеството, за жал, 70-тите ќе ги донесат првите светски кризи што ќе резултира со разочарувањето од модернизацијата во 80-тите години соочени со ограниченоста на тие процеси. Во тој период се сметало дека се создаваат архитектите што ќе бидат авангардата на новата македонска архитектура што својот вистински креативен изблик и развој ќе го доживее во периодот на осамостојување на државата и можноста за создавање на автентична теорија и пракса во образованието и делувањето на архитектите поврзано со современите европски текови и процеси.

Сепак, големите очекувања за создавање нови проекти и забрзан развој на национално и регионално ниво беа разбиени од катастрофалните конфликти и војни во соседството, проблематизираниот национален идентитет и постоењето на државата како меѓународно признат ентитет. Сето ова резултираше со создавање на банални мета-национални наративи што преточени во идеите во архитектурата создадоа безвредни проекти и објекти. Истовремено, новата економија задвижувана од приватниот капитал и претприемништвото кое се засноваше на деконструкција на големите државни компании во градежништвото, проследено со истовремено намалување на странските пазари на кои работеа македонските архитекти и инженери доведоа до пропаѓање на големите проектантски бироа. Веројатно тука некаде неславно завршија и големите очекувања на генерацијата на архитектите кои се создаваа во 80-тите и 90-тите години на 20 век. Малкуте светли точки од тој период сведочат за борбата за опстанокот на квалитетните проектанти и архитектурата, борба што од денешна перспектива можеме да кажеме дека во старт беше загубена.
Секако, секоја анализа на „генерациската“ одговорност и нејзиниот удел во обликувањето на реалноста не може да заврши без прашањето за придонесот на генерацијата во која ние припаѓаме. И покрај методолошката неконзистентност на обидот за толкување на временскиот период кој сѐ уште трае, веќе сега се отсликуваат главните линии на делување на мојата, но и на следната генерација. И покрај големите амбиции за големите проекти, генерацијата на градоградители (ако така воопшто може да се нарече), која во моментов го доживува својот зенит, ја сподели судбината на собирањето на знаењата од минатото и за првпат создавање на некаков вид на архивата на проектите од минатото. Ова е првиот чекор во зачувување на знаењата од минатото, но уште поважно, почеток на обидот да ги разбереме луѓето, идеите и процесите кои ја обликуваат нашата денешница. Оваа, навидум разочарувачка улога за еден архитект, сепак длабоко во себе го содржи семето на првите македонски просветители од 19 век. Нивните записи како темел, еден век подоцна, овозможија да се создаде македонската современа литература, уметност и конечно архитектура. Дали овој генерациски напор да го собереме, документираме и конечно препознаеме македонското творештво и вредности кои ги создале нашите градители во 20 век, ќе резултира со некоја нова, современа и автентична македонска архитектура, ќе зависи и од генерациите кои допрва доаѓаат.

(Авторот е професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ, во Скопје)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот